На 63 годишна возраст, почина долгогодишната новинарка и поранешен генерален директор на Македонската радиотелевизија, Гордана Стошиќ.
Стошиќ беше дел од Националната телевизија како репортер, а подоцна и како водител и уредник на вести. Одреден период беше раководител на телевизијата А1, за потоа да се врати во МРТВ на позицијата генерален директор. Краткотрајно, беше и директорка на скопската телевизија Скај нет.
Таа беше,пред сè, новинар на Македонската телевизија, долгогодишен известувач за внатрешно политичките настани, репортер од Собранието, а беше забележана во аналите на јавниот сервис со првиот извештај од новото здание на Јавниот национален сервис, по преселувањето на Македонската радио-телевизија од тогашно Нерези.
Знаеше во текот на професионалниот живот, на шега да одговори со шега, со помладите колеги да сподели и по некој совет, но и да учествува во нивната обука. Беше еден од водителите на популарната политичка емисија“ Без наслов, но со повод“ на Македонската телевизија.
Стошиќ беше активистка и членка на управниот одбор на Фондацијата отворено општество – Македонија.
Погребот на Гордана Стошиќ ќе биде извршен в понеделник на градските гробишта во Бутел, од 11 и 30 до 12 и 30 часот.
Публицитет.мк