Утрово во Охрид по тешко боледување во 68 година од животот почина дипломираниот архитект Ружди Муфти. Јавноста ќе го запамети како добар стопанственик, туристички работник, како одличен пријател и соговорник, како дел од охридскиот еснаф.
Од бројните негови ангажмани се издвојуваат работата во ЕМО, туристичката агенција и салон за намештај „Зодијак Инженеринг“ и по функциите – потпретседател на Регионалната комора со седиште во Охрид ,еден мандат беше претседател и меѓу основачите на Ротари клубот во Охрид и претседател на туристичкиот кластер ЕДЕН.
За него границите не’ постоеа од Македонија преку Турција и назад по поранешна Југославија низ Европа и пак во Охрид, склопуваше пријателства со голем број луѓе и насекаде, ја ширеше идејата Охрид да биде голем туристички центар , за како што велеше индустријата без оџаци да предначи крај езерото.
Руди Ружди Муфти се родил и живеел во познатата охридска Карабего Маала. „И денес се сеќавам на тесната улица, дворовите обвиткани со високи огради, како и непрегледните бавчи со најубавите овошја и зеленчуци. Паметам како сите заеднички јадевме леб и шеќер натопен со вода и деновите кога се лизгавме на штотуку замарзнатите две реки – бразди кои течеа низ маалата, “ ни изјави Ружди пред три години како гостин во серијалот „Мојот живот, мојот свет“ .
Посмртните останки на Руди Ружди Муфти во присуство на најблиските, роднините и пријателите беа погребани денеска на градските гробишта во Охрид.
Публицитет.мк