Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска – понеделник, ќе се обрати на свеченото отворање на Школата за млади лидери, што на негова иницијатива по седми пат ќе се одржи во Охрид до 26 август.
На свеченото отворање предвидени се и обраќања на г. Петар Стојанов, поранешен претседател на Република Бугарија, на г. Исмаил Серагелдин, директор на Александриската библиотека, на г-а Фан Меихуа, директор за човечки ресурси при европскиот центар за набавки на компанијата „Хуавеи“, како и на д-р Зоран Илиевски, професор на Правниот факултет “Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје.
На годинешната школа ќе присуствуваат вкупно 28 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европската унија, САД, Австралија и Египет, кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 45 учесници на школата.
Меѓу предавачите на седмата по ред Школа за млади лидери се и претседателот на Латвија, г-а Ваира Вике-Фреиберга, градоначалникот на Солун, г. Јанис Бутарис, директорот на Евроконтрол г. Франк Бренер, истражувач на Вартон Школата при Универзитетот во Пенсилванија, д-р Ѓорѓија Петкоски, претседавачот на Извршниот комитет на Трилатералната комисија на Република Србија г. Јован Ковачиќ, како и еден од водечките светски бизнис предвидувачи и експерт за менаџмент и лидерство, г. Дејвид Голдсмит.
Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, успешни лидери во компании и претставници на етаблирани институции од Република Македонија, САД, Португалија и Република Србија.
Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Досега се организирани шест интензивни тренинзи за лидерство – вo 2010, 2011, 2012, 2013, 2014 и 2015 година. Идејата на претседателот Иванов е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.
Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.
Во изминатите шест години на школата учествуваа 240 млади луѓе и над 140 предавачи меѓу кои генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија, г. Вацлав Клаус и г. Борис Тадиќ, поранешните претседатели на Република Бугарија и на Република Албанија г. Георги Прванов и г. Бамир Топи, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, г. Франко Фратини, претседателите на Светската и Европската академија на науките и уметностите, г. Иво Шлаус и г. Феликс Унгер, како и многу амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.
Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.
Публицитет.мк