Жири комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев“ што НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид ја доделува за најдобра поема (ракопис) во 2018 година, во состав: Наташа Аврамовска (претседател), Иван Џепаровски (член) и Валентина Миронска-Христовска (член), на состанокот одржан на 21. декември 2018 г. ја донесе следната О Д Л У К А:
Со мнозинство гласови беше одлучено за најдобра поема да биде избран ракописот „Крале Марко по втор пат“ поднесен под шифра „Марко“. Издвоениот глас на членот на комисијата Валентина Миронска-Христовска се изјасни во прилог на поемата „Воскресение на зборот“ (шифра: „Сердарот“). Меѓу другите ракописи, во најтесниот изборен круг беше вброена и поемата „Тесен пат кон далечниот север“ (шира: „Северница“).
Ракописот под наслов „Марко Крале по втор пат“ (шифра : „Марко“) е експресивен поетски портрет на епскиот легендарен јунак. Лирската димензија на пеењето ја донесува огласувањето во прво лице, односно самоогласувањето на Крале Марко по однос на сопствената амбивалентна природа: „Ѕвер сум, ангел сум/ Две лица крие душава моја“). Експресивноста на овој поетски портрет е возбудлива и изведена во подражавањето на воинствениот агон, но сега пренесен и на психичко рамниште во себедоживелицата на јунакот, на сопствената двојна природа, при неговото будење шест стотини години подоцна. Имплицитна претпоставка на пеењето е актуелната општествена стварност (локална, но и глобална), неподобното време за епско јунаштво, при што лирско-епскиот портрет на Крале Марко е дополнително реализиран на рамиштето на автосубверзијата. Поемата „Марко Крале по втор пат“ е несомнено поетски одговор на општествениот наговор на денешницата, та чинот на неговото поетско портретирање во самоогласувањето, лирската контаминација на неговата заскитаност при будењето во „погрешно време“.
Публицитет.мк