Познатиот македонски поет и новинар Ристо Лазаров пред околу три месеци на својот фејсбук профил секојдневно по сопствен избор почна со објави на познати и помалку познати стихови на македонски и светски автори.
Публицитет.мк со негова дозвола повремено во рубриката ВО ПОТРАГА ПО ТРАЈНАТА УБАВИНА ќе објавува делови од неговиот избор.
Редакцијата му благодари за трудот и отстапеното право со надеж дека наскоро читателите ќе ги почестиме со негово интервју за нашиот веб портал а ќе можеме да презентираме и песни од неговата поезија.
Случајот сакаше да почнеме со песна од Анте Попоски – Лазаров неа ја постави токму денеска – кога ние ја започнуваме соработката.
Дека македонската поезија е инспирација и за композиторите ќе можете да слушнете и од аудиото, подолу. Стиховите на Анте Поповски ги пее Верица Ристевска.
Анте Поповски: СПРОТИ НЕДЕЛА ВО СТАРИОТ ТАТКОВ ДОМ
Дома, откако паметувам, пред кандилото
си стои некоја дрвена кутија
и на неа изрезбарено корење и лоза.
Напаѓала прав и го покрила лисјето на лозата,
како онаа темна сета
што го покрив сега лицето на мајка ми.
Во кутијата уште си стои
писмото од татко ми
како некое оладено сонце
и треба само некоја квечерина спроти недела
да се најдеш во својот роден дом
и да почувствуваш тие неуки букви од писмото
вознемирени како чукаат за да им го отвориш прозорецот
за да го напуштиш своето далечно време
и да запловат во бескрај
каде што некогаш
никој не знаел за пепелта!
За оние што не го познаваат или сакаат да дознаат повеќе – за Ристо Лазаров во македонската Википедија стои запишано:
Ристо Лазаров, роден на 3 октомври 1949 година во Штип. Дипломирал југословенска книжевност со македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје.Пишува поезија, театарска и литературна критика. Живее и работи како новинар во Скопје.
Ги објавил следниве одделни книги поезија: „Ноќна птица во паркот“ (1972), „Јана“ (1980), „Гроџен кикот“(1983), „Капки кисела вистина“ (1985),„Лето преку океанот“ (1988), „Горјан во Дорјан“ (1988), „Точка на вриење“ (1990), „Од Битола појдов“(1993), „Одвајнадежна“ (1993), „Силјан штркот уште еднаш ја облетува Македонија“ (1995), „Херакле“ (1998), „Колумбо“ (2000), „Тројца за преферанс“ (2001), „Одмолчена“ (2003), „Ненадејна“ (2005), „Чехопек“ (2006 и 2007 – две изданија, ,,Среде” (2008), ,,Сонот на коалата” (2009), “Кревалка” (2011), “Ситночекорка” (2012), “Светилничар” 2013). Објавени му се три избора од поезијата на македонски јазик: ,,Одрони” (1988), ,,Јаве”(1998) и ,,Жива рана”(2008). Во 2009 година му се објавени Избрани дела во четири тома. Негови книги се објавени на англиски, руски, чешки, словенечки, албански, српски и бугарски јазик.Добитник е на наградите: за стихозбирката „Ноќка птица во паркот“ – „Млад борец“ и „8-ми ноември“ на градот Штип во 1972 година;за стихозбирката „Јана“ – „13 ноември“ на град Скопје за 1980 година; за стихозбирката „Чехопек“ – „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2007 година; за стихозбирката ,,Среде” – наградата ,,Браќа Миладиновци” на Струшките вечери на поезијата за најдобра книга поезија од македонски автор. Добитник е и на првата награда за песна на „Празникот на липите“ во 200-та година.
Добитник е на Книжевното жезло во 2010, на наградата Велја кутија на Македонските духовни конаци во 2010 година, како и на наградата “Дијалог” во 2012 година. Во областа на новинарството ги добил врвните државни награди „Мито Хаџивасилев Јасмин“ (1975) и „Крсте Мисирков“ (1982). Застапуван е во повеќе антологии на македонската и југословенската поезија.Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН центар. Од 2006 година е претседател на Македонскиот ПЕН центар. Бил генерален директор на југословенската новинска агенција Танјуг. До неодамна беше директор и главен уредник на Телевизија Телма.
Публицитет.мк