„Играчи на карти” на Пол Сезан до 2014 година беше најскапо продадената слика во историјата на уметноста, за дури 50 милиони долари. „Играчи на карти” е една од вкупно пет слики на Сезан купена од колекционер, додека останатите четири се сопственост на големи светски музеи – меѓу нив Метрополитен и Д’Орсе.
Петтата слика до пред неколку години беше во сопственост на грчкиот магнат Џорџ Ембрикос. Откако во текот на целиот свој живот ги отфрли понудите да ја продаде, пред смртта Ембрикос сепак отстапи и го продаде делото, на Владата на Катар, односно шеикот Ал Мајаса. Катар во последните години има оправдани претензии да стане културен и уметнички центар на арапскиот свет, инфестирајќи многу во овој потфат.
Кој е всушност Пол Сезан?
Од сите сликари на 19 век што се сметаат за носители на експерименталната уметност на наредниот 20 век, според многумина, најзначаен сликар – погледнато од аспект на неговото севкупно влијание на уметниците што ќе дојдат по него – дефинитивно, е Пол Сезан.
Ако Ван Гог се смета за светец-заштитник на модерната уметност, тогаш Пол Сезан е старозаветен патријарх или, пред сe’, нејзин претходник. За разлика од Ван Гог, неговиот живот е недраматичен. Син на богат трговец кој подоцна стана и банкар, Сезан никогаш не бил сиромашен, но морал да се избори со родителското противење да стане сликар. Како и да е, кога ја добил битката, тој не морал да се грижи за својата основна егзистенција, каков што било случај со Моне и со Гоген.
Роден е во областа Прованса, во Јужна Франција. Одел на училиште во родното место Екс кога станал близок пријател со новелистот Емил Зола. Од 1859 до 1861 година студирал право, но истовремено посетувал часови по сликање. И покрај противењето на татка си, Сезан се определува за сликарството и во 1861 година му се придружува на Зола во Париз, каде што, меѓу другите, го среќава и Писаро, кај кого и учел сликање во 1872 година. Забележано е дека од постарите сликари кои ги познавал Сезан, единствено Писаро покажал интерес за него.
Сезан никогаш не се интересирал, како некои негови пријатели-импресионисти, за теми како „исечоци од животот“, за движење и промена. Околу 1879 година, кога го насликал својот „Автопортрет“, тој почнал да размислува за тоа од пердувесто раздвижениот импресионизам да направи нешто солидно, цврсто, уметност која, како што сметал тој, би била еднаква на класиката, на уметноста во музеите. Таа идеја и ќе стане корен на неговото осамеништво – целиот свој живот тој ќе остане надвор од струите и тенденциите во уметноста на своето време, обидувајќи се, преку бојата, да ги оствари неговите идеи за суштината на уметноста.
Гледајќи ги неговите „зрели“ слики, тешко е да се сфати дека тој бил плашлив човек, истовремено склон кон изливи на ненадеен гнев, а понекогаш склон и кон халуцинирачки соништа. Оваа страна на неговиот карактер е очигледна во некои рани митолошки, фигуративни слики, барокни според својот ритам и возбуда. Необичниот спој од логика и емоции, на (не)разумот на Сезан, претставувал синтеза кон која тежнеел во своите дела.
Сите уметници пред Сезан, особено тие пред Ренесансата, се соочувале со дилемата: природата против уметноста, дури и тогаш кога не ја сфаќале суштината на оваа дилема. Во овој поглед во сликарство на 18 и на 19 век сж повеќе почнале да преовладуваат формалните аспекти на сликарството – цртежот и бојата – над потребата за реалистично отсликување на природата. Згора на тоа, Сезан силно чувствувал дека основата во неговите слики мора да бидат природата, човекот и објектите што припаѓаат на светот во кој живеел, а не приказните и митовите од минатото.
Сезан, рековме, по природа бил затворен, тврдоглав, па затоа чувствувал одвратност кон теоријата. Неговите сопствени напори да се присили да трага за она што смета дека е битно, го довеле до состојба да биде рамнодушен спрема делата на другите сликари. Меѓу другото, на пример, сликите на Ван Гог му личеле на дела на луд уметник, а и лично му го кажал тоа на Ван Гог.
Она што го работел Сезан во почетокот како сликар формално спаѓа во импресионизмот, но, всушност, се чини, се родил за да го разори импресионизмот.
Малку се уметниците во историјата (доколку воопшто ги има) кои толку предано, како Сезан, им се посветиле на посебни теми, како што се пејзажот, портретот и мртвата природа. Во осумдесеттите години на 19 век сите Сезанови идеи за природата, човекот и сликарството се сконцентрирале во одлична серија пејзажи, мртви природи и портрети. Во тоа време живеел во родниот Екса, наполно изолиран од импресионистичките и постимпресионистичките експерименти во Париз, но, сепак, влијаел на нив како некоја таинствена легенда. Сезан сакал да ја рекреира природата со помош на бојата, чувствувајќи дека цртежот е последица на правилна употреба на бојата.
Наспроти постојаната борба, несигурноста и незадоволството, несомнено е дека Сезан успеал во она што го наумил. Врз основа на бојата, дисциплината и, пред сж, преку силна и сензитивна перцепција на сопственото сфаќање за природата, тој успеал да изгради нова концепција на сликарството којашто од корен ја измени ликовната уметност на 20 век. Сезан стана еден од големите „конструктори“, автор кој со својот импозантен опус го отвори патот уметниците преку цртежот и бојата да почнат не само миметички да ја „прикажуваат“ природата туку и да го изразуваат и сопствениот внатрешен свет. Со овој пресврт модерната уметност ќе стане еден од моќните гносеолошки, сознајни инструменти на современиот човек.
Публицитет.мк