Националната установа „Охридско лето“ за реализација на годинешнава уметничка програма на Фестивалот, кој се оддржува од 12 јули до 20 август, од Министерството за култура доби 32 милиони денари што е значително повисока сума за разлика од изминативе две години кога финасиската поддршка изнесуваше околу 20 милиони денари.
„Финансиската подршка која ја добиваме од Министерството за култура за реализација на 40-те фестивалски денови за нас е многу значајна и токму затоа сме благодарни што годинава се издвоени средства кои доликуваат на вака значајна музичко-сценска манифестација. Годинава не очекуваат 40- фестивалски вечери исполнети во висока уметност и врвни светски и домашни уметници“, вели директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
На годинешново фестивалско издание ќе има над 50 настани со околу 1000 уметници но деталите по традиција ќе бидат објавени на официјалната прес-конференција која е планирана во мај.
Изминативе две години, во време на здравствена криза „Охридско лето“ и покрај намалениот буџет реализираше врвна програма според сите протоколи предвидени со пандемијата ковид 19 а со акцент пред се на домашните уметници.
„И покрај сите предизвици со кои се соочивме во најголемата здравствена криза успеавме да одбележиме и 60 години успешна приказна на Фестивалот. Во време кога големи светски фестивали се откажуваа имавме успешна реализација на програмата и задоволна публика. Нашата посветеност и професионалност ја препознаа бројни уметници и љубители на уметноста кои по завршувањето на Фестивалот изразија благодарност за беспрекорната организација. Тоа ни даде мотив годинава да сме уште подобри, со што најавуваме дека 62-то издание ќе биде едно од најуспешните во фестивалската историја на „Охридско лето“, вели Поповиќ.
Поповиќ вели дека уметничката програма за „Охридско лето 2022“ е веќе завршена а во во тек се активностите за средување, опремување и адаптација на сцените и сценските простори за реализација на сценско-техничкиот дел од фестивалот.
„Ме радува тоа што како тим успеавме навремено да ги направиме сите подготвителни активности за да имаме успешно фестивалско издание. Огромна благодарност до Министерството за култура за одобрените 32 милиони денари со Годинешната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата, до Претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој е покровител на манифестацијата, до Владата на Република Северна Македонија, до нашиот генерален спонзор Македонски телеком, до останатите спонзори и помагатели, пријатели на фестивалот, благодарност до Локалната самоуправа, благодарност и до вас медиумите кои придонесувате „Охридско лето“ да биде најголемиот културен настан како кај нас, така и на светската уметничка сцена“ додава Поповиќ.
Публицитет.мк