Како НУ „Охридско лето“ сме посебно горди што пијанистката и професорка Снежана Анастасова-Чадиковска денеска ја прими највисоката награда за врвни достигнувања во областа на културата и уметноста, државната награда „Св. Климент Охридски“. Севкупноста на професионално-музичката дејност на Снежана Анастасова -Чадиковска е длабоко вткаена во Фестивалот. Со јасна цел и фокус за националниот интерес во повеќедецениското постоење на „Охридско лето“, таа е еден од клучните носители на неговото документирање, програмскиот развој и меѓународната афирмација“, изјави директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Оваа награда, како што рече Поповиќ, е доказ дека сме на вистинскиот пат да продолжиме да ја создаваме убавината на уметноста, тука на фестивалската сцена на „Охридско лето“.
„Државната награда „Св.Климент Охридски“ за 2021 година е признание за нејзините напори меѓународниот фестивал, „Охридско лето“ да биде сцената на уметничките дострели, обележје на културниот идентитет на најдоброто творештво на меѓународно ниво“, смета директорката на „Охридско лето“.
Поповиќ вели дека пријавата што ја достави НУ „Охридско лето“ до Одборот за доделување на државната награда„Св. Климент Охридски“ го содржи трајното сведоштво во монографските записи за фестивалот на Снежана Анастасова-Чадиковска која низ изминативе 61 година е автор на петте монографии за „Охридско лето“ во 1980, 1990, 1995, 2000 и во 2010 година.
„ Вредностите доколку не се запишат и не се зачуваат лесно бледнеат. За среќа целокупната вредност е содржана во монографиите чиј автор е Снежана Анастасова-Чадиковска. Најзините пишани траги нè прават горди што сме дел од успешната приказна наречена „Охридско лето“. Интенцијата на Снежана Анастасова-Чадиковска како автор да создаде дело насочено кон збогатувањето и разнообразноста на сознанијата за фестивалот „Охридско лето“, за неговиот почеток, развој и културолошко значење, е од непроценливо значење за фестивалот „Охридско лето“ , вели Поповиќ.
Со долгогодишното делување и творење Снежана Анастасова-Чадиковска свој значаен придонес дава и како селектор на музичката програма на Охридско лето. Како истакнат академски музичар, пијанист, педагог и музички публицист зад себе има богата музичка дејност и на сцената на „Охридско лето“. Оценета е како одличен селектор на фестивалската програма. Нејзиниот живот е сврзан со Охрид и фестивалот зашто таа е една од ретките која присуствувала на првиот концерт на „Охридско лето“ во катедралната црква „Света Софија“ во далечната 1961 година, уште кога имала само 11 години.
-Сметам дека наградата „Свети Климент Охридски“ е најголемо признание кое може да го добие творец од областа на уметноста,културата и образованието и соодветно на тоа, сум многу радосна. Морам да кажам дека сум извонредно благодарна на фестивалот „Охридско лето“ кој ја покрена иницијативата токму јас да ја добијам оваа награда. Овој фестивал обединува повеќе мои дејности, концертната дејност, публицистичката, па на некој начин и педагошката дејност, семинарите. Навистина голема доверба, голем респект и големо пријателство кон мене. Се надевам дека истата таа „судбина“ ќе му се враќа на фестивалот и на неговата директорка Наташа Поповиќ, изјави по примањето на Светиклиментовата награда Анастасова-Чадиковска.
На свеченоста по повод доделувањето на државната награда „Свети Климент Охридски“ присуствуваа, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски кој е и покровител на фестивалот „Охридско лето“, претседателот на Собранието, Таљат Џафери и министерката за култура, Ирена Стефоска.
Публицитет.мк