Одбравме книга за Вас, да ги скратите долгите, жешки денови
Дваесет и втори јули 1997 година
Моја најмила Кетрин,
Ми недостигаш, мила, како секогаш, но денес е посебно тешко зашто океанот ми пееше. Ми пееше песна за нашиот заеднички живот. Речиси можам да те почувствувам крај себе додека го пишувам ова писмо и можам да го почувствувам мирисот на дивите цвеќиња што секогаш ме потсетуваа на тебе. Но во овој миг овие работи не ми даваат утеха. Твоите посети стануваат се потешки и понекогаш се чувствувам како најголемиот дел од мене некаде полека да исчезнува.
Но се трудам. Навечер те повикувам, и кога се чини дека мојата болка нема крај, ти изгледа наоѓаш начин да ми се вратиш. Вчера, во сонот, те видов на молото недалеку од Рајтсвил Бич. Ветрот ти ја мрсеше косата, а твоите очи ја отсликуваа сончевата светлина на залезот. Занемувам кога те гледам како се наведнуваш над оградата. Убава си, додека те гледам, размислувам за тоа дека твојот лик нема да можам да го најдам кај ниедна друга жена. Полека ти приоѓам и кога најпосле се свртуваш кон мене, забележувам дека те набљудувале и други. Дали ја познавате? – ме прашуваат со љубоморен шепот, и додека ми се насмевнуваш, едноставно им одговарам со вистината: „Подобро од сопственото срце“.
Застанувам крај тебе и те земам во прегратка. Копнеам по таквите мигови повеќе отколку по што и да било друго. Заради тоа живеам. А кога ми ја враќаш прегратката, му се препуштам на тој миг, одново исполнет со мир.
Ја кревам раката и нежно те галам по образот. Ти ја наведнуваш главата и ги затвораш очите. Моите раце се груби, а твојата кожа е мека, и за тој миг се прашувам дали ќе се повлечеш, но, се разбира, ти не го правиш тоа. Никогаш не го стори тоа, и во таквите мигови ја сфаќам смислата на твоето постоење.
Тука сум за да те сакам, да те држам во прегратка, да те заштитувам. Тука сум за да учам од тебе и за возврат да ја примам твојата љубов. Тука сум поради тоа што не постои друго место за постоење.
Но тогаш, како и секогаш, почнува да се шири лесна магла додека стоиме блиску еден до друг. Тоа е далечна магла што се крева над хоризонтот и чувствувам колку се плашам додека се приближува. Таа се доближува полека, обвивајќи го светот околу нас, заградувајќи не како затвореници. Како облак што се тркала, покрива се, додека не остане ништо друго освен нас.
Чувствувам дека ми се стега грлото, а очите ми се полнат со солзи зашто знам дека е време да заминеш. Погледот што ми го упатуваш во тој миг ме исполнува со немир. Ја чувствувам твојата тага и сопствената осаменост, и болката во срцето што замо за кратко се имаше смирено и која потоа станува се посилна додека ме напушташ. А потоа ги рашируваш рацете и зачекоруваш назад во маглата зашто тоа е твоето опкружување, а не е мое. Сакам да тргнам со тебе, но одговараш со одмавнување на главата зашто и двајцата знаеме дека тоа е невозможно.
И додека полека исчезнуваш, го гледам сето тоа со скршено срце. Се фаќам себеси како се трудам да го запаметам секој детаљ што се однесува на тој миг, се во врска со тебе. Но набргу, секогаш премногу брзом твојот лик исчезнува и маглата се тркала назад кон својот далечен извор и јас останувам на молото и не ми е грижа што мислат другите додека ја наведнувам главата и плачам, плачам, плачам.
Гарет.
Шести март 1994 година.
Драга моја Кетрин,
Каде си? И зошто моравме да се разделиме, се прашувам додека седам сам во мрачната куќа.
Не наоѓам одговор на овие прашања, колку и да се трудам да сфатам. Причината е едноставна, но мојот ум не ја прифаќа и јас, сосем скршен, се борам со ова страшно јаве. Загубен сум без тебе. Мртов сум, скитник без дом, осамена птица што лета кон неврат. Јас сум сето тоа и ништо од тоа. Таков е, моја мила, мојот живот без тебе. Копнеам да дојдеш и да ми покажеш како одново да живеам.
Се обидувам да ги доловам одвеаните денови, на ветровитата палуба на „Кетрин“. Се сеќаваш ли како заедно работевме на неа? Одново градејќи ја, станавме дел од океанот зашто обајцата знаевме дека океанот беше тој кој не соедини. Во тие мигови сфатив што значи вистинска среќа. Во ноќите едревме по темната вода, а јас и се восхитував на твојата убавина на месечината. Маѓепсано те посматрав и во длабочината на своето срце знаев дека засекогаш ќе бидеме заедно. Дали е секогаш така, се прашувам, кога двајца се сакаат. Не знам, но ако мојот живот од мигот кога се разделивме може да послужи како некаков показател, мислам дека ги знам одговорите. Отсега па натаму, знам дека ќе бидам сам.
Мислам на тебе, те сонувам, те довикувам кога си ми најпотребна. Тоа е се што можам да сторам, но тоа не ми е доволно. Никогаш нема да биде доволно, го знам тоа, па сепак, што друго ми преостанува? Кога би била тука, ти би ми кажала, но и тоа ми е скратено. Ти секогаш ги наоѓаше вистинските зборови за да ја ублажиш болката што ја чувствував. Секогаш знаеше да ја смириш и да ја разгалиш мојата душа.
Дали е можно да знаеш како се чувствувам без тебе? Кога сонувам, сакам да мислам дека знаеш. Пред да те запознаам тебе мојот живот немаше никаква смисла, никаква цел. Знам дека, на извесен начин, секој чекор што сум го направил од могот кога сум проодил бил чекор накај тебе. Ни било судено да бидеме заедно.
А сега, кога живеам сам во куќата, сфаќам дека судбината може да го повреди човека исто колку што може да го дарува, и упорно се прашувам зошто – од сите луѓе на светот што сум можел да ги засакам – морав да се вљубам во некој што ми беше украден.
Гарет.
Дваесет и петти септември 1995 година.
Драга Кетрин,
Помина еден месец откако ти пишав, но ми се чини како да помина многу повеќе време. Животот сега минува крај мене како пределите што се гледаат од прозорец на автомобил. Јас дишам, јадам и спијам како секогаш, но во ништо што преземам во животот не наоѓам никаква смисла. Едноставно пловам како пораките што ти ги пишувам. Не знам ни каде одам, ни кога ќе стигнам таму.
Дури ни работата не може да ја смали мојата болка. Би можел да нуркам за задоволство или да им покажувам на другите како да го прават тоа, но кога се враќам во продавницата, таа изгледа толку празна без тебе. Ја складирам и ја порачувам стоката по навика, но дури и сега понекогаш несвесно фрлам поглед преку рамото и те довикувам. Сега, додека ти го пишувам писмово, се прашувам кога и дали воопшто ќе престане тоа.
Без тебе во мојата прегратка, чувствувам празнина во душата. Се фаќам како во толпата луѓе го барам твоето лице – знам дека тоа е невозможно, но не можам да се воздржам. Мојата непрекината потрага по тебе однапред е осудена на пропаст. Разговаравме за тоа што ќе се случи ако околкностите не принудат да се разделиме, но не можам да го одржам ветувањето што ти го дадов таа вечер. Жалам, најмила, но никој никогаш нема да може да го заземе твоето место. Зборовите што ти ги шепотев беа бесмислени, и тоа требаше да го сфатам уште тогаш. Ти – и само ти – секогаш си била единствената што сум ја посакувал а сега, кога те нема, не сакам никогаш да најдам некоја друга. Додека смртта не не разели, шепотевме во црквата, а јас почнав да верувам дека тие зборови ќе одѕвонуваат се до денот и јас, конечно, не заминам од овој свет.
Гарет.
Пораката кон Тереза:
Мила Тереза,
Дали можеш да ми простиш?
Во светот што ретко кога можам да го разберам, постојат ветрови на судбината што дуваат кога најмалку ги очекуваме. Тие некогаш имаат и сила на ураган, а понекогаш само ќе не погалат по образот. Но во секој случај, не можеме да негираме дека тие постојат зашто често ни ја носат иднината што неможеме да ја избегнеме. Мила моја, ти си тој ветар, ветрот што ме раздвижи посилно отколку што некогаш можев да помислам дека е можно. Ти си мојата судбина.
Згрешив, многу згрешив што не го забележав тоа што беше толку очигледно и те молам да ми простиш. Како претпазлив патник, јас се обидував да се заштитам од ветрот, а место тоа ја загубив душата. Бев луд што ја отфрлив својата судбина, но дури и лудаците имаат чувства, и јас сфатив дека ти си најскапоценото нешто што го имам на светов.
Знам дека не сум совршен. Во последниве неколку месеци направив толку грешки колку што никој не направи за целиот живот. Згрешив што се однесував онака кога ги најдов писмата кај тебе, како што згрешив и кога ја криев вистината за минатото што ме прогонуваше. Кога трчав по тебе кога со автомобилот заминуваше по улицата и подоцна на аеродромот, додека те гледав како заминуваш, знаев дека требаше да се потрудам да те запрам. Но најмногу згрешив што го негирав она што на моето срце му беше сосема јасно: дека веќе не можам без тебе.
Ти апсолутно имаше право. Додека седевме кај мене во кујната, се обидував да ги негирам работите што ги кажуваше, иако знаев дека тоа е вистина. Како човек што гледа само назад на својот пат по земјата, не го видов она што беше напред. Ја пропуштив убавината на сонцето што изгрева, магијата на дочекувањето поради која вреди да се живее. Згрешив што се однесував така, но бев збунет и би сакал тоа да го сфатев порано.
Меѓутоа, сега, со погледот цврсто свртен кон иднината, го гледам твоето лице и го слушам твојот глас, и сигурен сум дека тоа е патот што ќе мора да го следам. Мојата најдлабока желба е да ми дадеш уште една можност. Како што веројатно чувствуваш, се надевам дека ова шише ќе направи да се случи чудо, како што еднаш веќе направи, и одново не спои.
Неколку дена по твоето заминување, сакав да верувам дека можам да продолжам да живеам онака како што го правев тоа секогаш. Но тоа не беше можно. Секогаш кога го гледав залезот на сонцето мислев на тебе. Секогаш кога минував крај телефонот горев од желба да ти се јавам. Дури и кога одев на едрење, мислев само на тебе и на прекрасните мигови што ги поминавме заедно. Во длабочината на срцето знаев дека мојот живот веќе никогаш нема да биде ист. Сакав да се вратиш, повеќе отколку што претпоставував дека тоа е можно, а од друга страна, кога ми доаѓаше во сеќавањето, секогаш ги слушав зборовите што ги кажа при нашата последна средба. Колку и да те сакам, знам дека нема да биде можно се додека ние – и ти и јас – не бидеме сигурни дека можеме целосно да и се предадеме на нашата иднина. Овие мисли ме мачеа се до минатата ноќ, кога најпосле го најдов одговорот. Се надевам дека тој одгвор, откако ќе ти го кажам, и тебе ќе ти значи исто колку што ми значи мене:
Во сонот се видов на брегот со Кетрин, на истото место на кое те одведов по ручекот кај „Хенк“. Сонцето силно светеше, а неговите зраци се одбиваа од песокот. Додека одевме еден крај друг, таа внимателно слушаше додека и зборував за тебе, за нас, за прекрасните заеднички мигови. На крајот, по извесно двоумење, и признав дека те сакам, но дека поради тоа се чувствувам виновен. Таа неколку мига молчеше и едноставно продолжи да оди. На крајот се сврте кон мене и ме праша: „Зошто?“
„Заради тебе.“
Кога го чу мојот одговор, таа ми се насмевна полна со разбирање и малку сомничаво, како што имаше навика да се насмевнува. „О, Гарет,“ рече најпосле и нежно ми го допре лицето, „што мислиш, кој го одведе шишето кај неа?“
Кога се разбудив, се чувствував празен и осамен. Сонот не ме утеши. Напротив, ми ја зголеми болката поради тоа што го сторив и почнав да плачам. Кога најпосле се прибрав, знаев што морам да направам. Со растреперена рака напишав две писма: тоа што сега го читаш и писмо за Кетрин во кое најпосле се збогував со неа. Денес ќе испловам со „Кетрин“ за да и го пратам, како што и ги праќав сите други. Тоа ќе биде моето последно писмо – на извесен начин Кетрин ми рече да продолжам понатаму и јас решив да ги послушам нејзините зборови и своето срце што ме води кон тебе.
О, Тереза, толку ми е жал, навистина жал, што успеав да те повредам. Доаѓам во Бостон следната недела со надеж дека ќе најдеш сила да ми простиш. Можеби задоцнив. Не знам.
Тереза, те сакам, и секогаш ќе те сакам. Уморен сум од осаменоста. Ги гледам децата додека си играат и се смеат на песокот и сфаќам дека сакам да имам деца со тебе. Сакам да гледам како Кевин зрее. Сакам да те држам за рака и да те видам кога ќе заплачеш на неговата свадба, сакам да те бакнувам кога ќе му се остварат соништата. Ќе се преселам во Бостон ако го сакаш тоа, зашто веќе не можам вака. Без тебе сум болен од тага. Седам во кујната и се молам да се согласиш да ти се вратам, овој пат засекогаш.
Гарет.
И на крај пораката на Тереза кон Гарет:
Мил мој,
Помина една година откако со татко ти седевме во кујната. Сега е доцна навечер и, иако зборовите тешко ми доаѓаат, неможам да побегнам од сознанието дека конечно дојде времето да одговорам на твоето прашање.
Се разбира дека ти проштавам. Ти проштавам сега, а ти простив и во мигот кога го читав твоето писмо. Длабоко во срцето немав друг избор. Тоа што еднаш те напуштив беше доволно тешко, истото да го направам и вторпат е невозможно. Те сакав премногу за да дозволам тоа да се повтори. Иако сеуште сум тажна поради тоа што се случи, сепак сум и благодарна на судбината за тоа што ти влезе во мојот живот и престојуваше во него барем еден краток период. На почетокот сметав дека судбината на некој начин не споила за да ти помогнам да ја надминеш тагата. Меѓутоа сега, една година подоцна, почнувам да верувам дека се се случило од сосем поинакви причини.
Според волјата на судбината, јас сум сега во истата положба во која се наоѓаше ти кога се запознавме. Додека пишувам, се борам со духот на тој што го сакав и што го загубив. Сега подобро ги разбирам тешкотиите со кои се соочуваше ти и сфаќам колку тешко ти било да го продолжиш животот понатаму. Понекогаш тагата сосема ме преплавува и, иако знам дека веќе никогаш нема да се видиме, дел од мене сака засекогаш да остане со тебе. Тоа не би смеело да ми биде тешко зашто, кога ќе засакам некој друг, спомените на тебе ќе избледат. Сепак, ова е противречно: иако многу ми недостигаш, токму поради тебе не се плашам од иднината. Со тоа што ти беше во состојба да се вљубиш во мене, ми влеа надеж, најмил мој. Ме научи дека е можно животот да продолжи, без оглед на тоа колку е силна болката. А на свој начин направи да поверувам дека вистинската љубов не може да се негира.
Во мигов мислам дека се уште не сум подготвена, но тоа е мојот избор. Немој да се обвинуваш. Поради тебе верувам дека ќе дојде ден кога мојата тага ќе ја замени нешто прекрасно. Поради тебе имам сила да продолжам понатаму.
Не знам дали духовите навистина постојат, но ако е така, јас секаде ќе го чувствувам твоето присувство. Во бучењето на океанот ќе го слушам твоето шепотење, а во прекрасното заоѓање на сонцето ќе ја видам твојата слика на небото. Ти не замина засекогаш, без оглед на тоа дали во одреден миг во мојот живот ќе влезе некој друг. Ти стоиш пред Бога, заедно со мојата душа, и ми помагаш да тргнам кон иднината што не можам да ја предвидам.
Ова не е писмо за збогување, најмил мој, ова е писмо за благодарност. Сакам да ти се заблагодарам што влезе во мојот живот и што внесе радост во него, што ме сакаше и што за возврат ја прими мојата љубов. Ти благодарам за спомените што ќе ми останат засекогаш. Но најмногу од се, ти благодарам што ми покажа дека ќе дојде миг кога конечно ќе бидам во состојба да те заборавам.
Те сакам.
Кој е Николас Спаркс?!
Николас Спаркс е роден на 31 декемвре 1965 година, во Омаха, Небраска, на Патрик Мајкл Спаркс, професор и Џил Ема Мари (родена Тоен) Спаркс, домаќинка и помошник оптометрист. Тој бил средно од трите деца, со постар брат Мајкл Ерл „Мика“ Спаркс (1964 -) и помлада сестра Даниеле „Дана“ Спаркс (1966-2000), која умре на 33 годишна возраст. Спаркс има изјавено дека таа е инспирацијата за главниот лик во неговиот роман Прошетка за паметење.
Спаркс е израснат како Романокатолик и има германско, чешко, англиско и ирско потекло. Тој и неговата сопруга се побожни католици, и ги воспитуваат нивните деца во католичката вера.„Јас израснав како католик, крстен сум, посетував неделно училиште , одев во Нотр Дам, одам на исповед и во црква секоја недела,“вели авторот.„Мојот најстар син е олтарно момче. Сите мои деца одат во Католичкото училиште. Мојата жена Катерина е израсната како католик. Се венчавме во Католичка црква.“
Неговиот татко ги завршувал дипломските студии и семејството многу се селело, па додека Спаркс да наполни 8 години живеел во Ватертаун, Минесота, Лос Анџелес и Гранд Ајланд, Небраска.Во 1974 година неговото семејство се преселило во Феир Оакс, Калифорнија и останале таму во текот на средношколските деновина Николас. Тој матурирал во 1984 година како ученик со највисок просек од Гимназијата Бела Виста, потоа се запишал на Универзитетот во Нотер Дам откако добил целосна стипендија за атлетика. Во неговата прва година, неговиот тим поставил рекорд за 4 х 800 штафета.Спаркс студирал деловни финансии и дипломирал со високи почести во 1988 година. Таа година ја запознал и неговата идна сопруга, Кети Кот од Њу Хемпшир, додека и двајцата престојувале на пролетен одмор. Се венчале на 22 јули 1989 година и се преселиле во Сакраменто,Калифорнија.