• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
четврток, септември 18, 2025
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Пораки од генералниот директор на УНЕСКО, Азуле, и од писателот Башевски по повод Светскиот ден на книгата и авторското право

април 23, 2021
in Во потрага по трајната убавина
Пораки од генералниот директор на УНЕСКО, Азуле, и од писателот Башевски по повод Светскиот ден на книгата и авторското право

Порака од г-ѓа Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право 23 Април

Во овој период на несигурност, многу луѓе се свртуваат кон книгите кои ќе им помогнат да се справат со затвореноста и со неспокојот.

Навистина, книгите имаат посебна способност да разонодуваат и да поучуваат. Тие се средство за истражување на светови вон нашето лично искуство преку запознавање со различни автори, идеи и култури. Тие се средство за пристапување до најдлабоките места во нашиот ум. Страница по страница, книгите ни осветлуваат патека по која можеме слободно да се движиме, неограничени од времето и просторот. Со други зборови, книгите ни даваат слобода.

Тоа е силата на книгите којашто токму сега ни е потребна бидејќи нѐ потсетуваат на основното значење на литературата – како и на уметноста – во нашите животи.

Со славење на книгите, ги славиме авторите коишто ни обезбедуваат кратки извадоци од животот и поглед во некоја друга реалност. Тие отвораат прозорец кон светот – поточно, прозорец кон други светови и форми на постоење. И затоа, секоја година на 23 Април – денот кога славните автори Вилијам Шекспир, Мигуел де Сервантес и Инка Гарсиласо де ла Вега починале – ние ги славиме писателите чии дела ja пленуваат нашата имагинација со векови.

Денеска, исто така, им оддаваме почит на сите дејности поврзани со книгите: уредување, преведување, издавање и продавање. Тие ни овозможуваат да го шириме нашето литературно наследство, да дозволиме изразување на нови идеи и да овозможиме ширење на приказни.

Овие професии мора да бидат заштитени, а нивната вредност да биде признаена. Тоа е уште поважно среде пандемијта на Ковид -19 којашто станува длабока и трајна закана за културата.

Токму затоа УНЕСКО ја поддржува работата на издавачите преку активности како што се партнерствата со Меѓународната федерација на библиотечни асоцијации и институции (ИФЛА) и  Меѓународната асоцијација на издавачи (ИПА).

Силата на книгите мора наполно да се исползува. Мора да обезбедиме пристап до нив со цел секој да може да се засолни читајќи и на тој начин ќе може да сонува, да учи и да размислува. Ова е значењето на одговорноста на Тбилиси, Грузија, којшто стана Светски град на книгата за 2021 год. УНЕСКО го назначи овој град заради нивната фокусираност на употребата на модерните технологии за промовирање на читањето меѓу младите лица. Нивната програма „Во ред. Па, твојата следна книга е…?“ работи на трансформирање на книгите во дигитални игри и помага во обезбедување пристап до сите.

Во време кога читањето е скапоцено, значењето на нашата посветеност на интеграцијата, образованието и мирот во и преку читањето станува кристално јасна.

За годинешното издание на Светскиот ден на книгата и авторското право, ве охрабрувам сите вас да одберете книга, да почнете да ги вртите нејзините страници и да извлечете од нив зрак свеж воздух, кој ќе ви помогне да издрджите сега и во иднина, вели Азуле. 

 

Ја упатувам оваа порака денес, 23 април 2021 година, по повод Меѓународниот ден на книгата и авторското право, во време на ковид пандемија која еве, повеќе од една година, менува многу од она што беа нашите животи. Писателите, издавачите, читателите, сите тие кои се најдиректно поврзани со книгата, во особенава ситуација мора да го прават она што е најсоодветно за да ја одражат нејзината слава, вели во македонската порака писателот Димитар Башевски. 

Историјата на книгата е историја на човекот, на човештвото вкупом. Книгата се пробивала низ небиднините, низ војни, низ победи, но и порази, низ епидемии и забрани, и не ретко, низ спалувања на кладите. Така што сега, сред неволјата, книгата си наоѓа агол каде што ќе се засолни и, од зад затворениот прозорец, ја емитува својата духовна сила што поместува копна и големи води и сред „космичката осаменост“, како што вели Шимборска, ја збогатува нашата човечност.

Книгата се пробивала низ вековите, менувајќи се не само во физичката форма, ами зафаќајќи далеку и обилно во животните подрачја. На глинени плочки во древните цивилизации, човекот почнал да ги запишува не само своите митови, ами и своите законици, како оној на Хамураби. Преку Гутенберг, пак, таа стигнува до петнаесеттиот век, во индустриската доба, а потоа до денешната повеќебојна и, најпосле, електронска книга. Почната на одделни културни сфери, книгата подоцна се разгрна во глобални размери. Во новото време, и најголемите воини и војсководители ќе признаат, како што признава Наполеон Бонапарта, дека славата што трае не е во освоените битки, ами во културниот и цивилизациски придонес. Тој вели: „Мојата вистинска слава не е во тоа што сум добил 40 битки. Ватерло ќе го избрише сеќавањето на толкуте победи. Она што не може ништо да го избрише, што вечно ќе живее, тоа е мојот Code civil“.

И, сега, кога се работи, и посебно кога се работи за книгата на македонската почва, на македонски јазик, кога се работи за нашата книга, таа наша книга не само што го засведочува, не само што го меморира, ами во најголема мера го овозможила нашето културно и историско постоење, таа е тоа што памети и тоа што се памети, поврзувајќи ги често испрекинатите векови. Таа стигнува, посебно со поетските и лингвистичките трудови на Блаже Конески, во чија слава ја посветуваме оваа 2021 година, да се интегрира во високите европски и светски вредности. Преку книгите на македонските писатели, и во оригинал, освен во превод, македонскиот јазик е присутен во библиотеките од Мексико до Австралија и од Русија до Египет и Јапонија. Така значи, македонскиот јазик и македонската книга е под сонцето што ги грее сите, како што, како аргумент, го кажуваше Кирил, кој заедо со Методија, ја биеше битката за словенскиот јазик. На ваквата основа е создадена и Конвенцијата на УНЕСКО за постоењето и слободата на различните јазици и култури.

Во овие денови што ги живееме во пандемија, библиотеките ја имаат посебната улога, со книгите што ги чуваат, да ја исполнат осамата со духовни, трајни вредности, место со дневни тривијални нешта. За Александриската библиоетека се вели дека била мајка на знаењето. Борхес пак и самиот рај го замислувал како библиотека. На свој посебен начин, мајка на знаењето и на уметничката возбуда, на книгата како сон в рака, е и малата библиотека во македонското демирхисарско село Бабино.

И, во сето создавање и постоење на книгата, витална е слободата. Слободата ѝ е инхерентна на книгата како творештво и, исто така, од важност е слободата и слободната мисла и слободниот приод на читателот. Книгите, преведени, се движат во различни култури и на различни јазици. И тоа не е пречка. Не е пречка бидејќи тие се упатени кон луѓето, кон човекот, за кого и самите зборуваат, а тој човек, од овој аспект, е секогаш и секаде ист. Погледнете во Гилгамеш, во Рамајана или во нордиските народни епови или во делата на новите векови, ќе видите дека тоj е секогаш истиот човек – страв, смрт, страдање, љубов, љубомора, омраза, радост, завист, насилства, братоубиства…

Книгата е подложна на различни читања и доживувања, и тоа е едно чудесно богатство, баш тие различни читања, кои се различни со оглед на различните читатели, но уште повеќе со оглед на природата на самата уметност, на нејзината химеричност. А сепак, има нешто, а тоа е она што се вика уметност, кое е константа. Доаѓаат читателите и критичарите, читаат, согледуваат, доживуваат, се возбудуваат, дознаваат и посочуваат.

И, читањето на книгата никогаш не завршува докрај, затоа што секој нов читател, е нејзино ново читање, вели Башевски. 

Публицитет.мк 

 

 

Посетеност: 97
Share
Previous Post

Средба на градоначалникот Георгиески со австрискиот амбасадор Вуцас

Next Post

Оливера Ширговска во прво лице еднина

Next Post
Оливера Ширговска во прво лице еднина

Оливера Ширговска во прво лице еднина

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 97

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk