Синодот на Грчката православна црква го призна уставното име на Македонија. Грчките владици во соопштението за една од последните одлуки на ГПЦ која се однесува на најновиот развој на настаните меѓу МПЦ и БПЦ државата ја нарекува Македонија.
Иако во текстот на соопштението кај терминот е ставен во наводници, сепак тоа е нешто сосема поинаку од досегашната пракса на ГПЦ Македонија да ја ословува како „ФИРОМ“.
– Постојаниот Свет Синод на Црквата на Грција, на своето заседание на 14 декември о.г., по повод Соопштението на Светиот Синод на Бугарската Црква, ја разгледа нејзината одлука да го прифати писмото од расколничката Црква во „Македонија“ од 19 ноември 2017 и да ја земе улогата на нејзина „мајка Црква“, пишува во соопштението на ГПЦ.
Инаку, грчките владици на оваа синодска седница изразиле загриженост поради одлуката на Бугарската црква да ја прифати улогата да биде промотор на автокефалноста на МПЦ-ОА пред православниот свет,
– Постојаниот Свет Синод ја изразува својата вознемиреност по случај мешањето на Бугарската Црква во јурисдикцијата на друга Православна Црква, односно Црквата на Србија, акт кој е спротивен на свештените канони и на преданието на Црквата, го превидува канонското право и водечката улога на Вселенската Патријаршија и остава можност да биде причина за непријатен развиток на настаните. Постојаниот Свет Синод се моли да овладее разумот и одлуката на сестринската Бугарска Црква да не биде окарактеризирана како конечна, пишува ГПЦ во соопштението.
Познавачите на црковните состојби оценуваат дека оваа одлука на Синодот на ГПЦ е резултат на влијанието што Вранишковски го има кај дел од владиците на ГПЦ. Тоа пак покажува дека во СПЦ постои голема вознемиреност од постапките на Бугарската црква. Во Синодот на ГПЦ не членуваат сите грчки владици и тој има не е постојан состав. Извори на „Религија.мк“ велат дека неколкумина владици кои оваа година се дел од грчкиот синод се и блиски пријатели на Јован и сосема јасни се и мотивите на оваа одлука на ГПЦ, која само покажува дека за грчката црква, црковното прашање во Македонија е внатрешен проблем на Српската црква, која за нив е наша мајка црква.
Извор: www.religija.mk