Иако дел од бродарите велат дека пристаништето во Свети Наум не е доволно безбедно за патниците, сепак од охридската капетанија уверуваат дека и покрај бројните пукнатини тоа не претставува опасност за патниците или за пловните објекти. Сепак овој инфраструктурен објект според изгледот е далеку од она што го поседуваат високоразвиените земји каде што покрај за безбедноста се води грижа и за естетиката.
Пловењето со брод од Охрид до Свети Наум за туристите е една од најатрактивните содржини коишто ги нуди овој наш туристички центар. Меѓутоа прекрасните впечатоци на гостите ги нарушува пристаништето близу манастирскиот комплекс на кој се видливи бројни пукнатини, а на некои места недостигаат и камени блокови. Според некои заповедници на пловни објекти ваквите состојби ја загрозуваат безбедноста на патниците.
„Нема простор, не само што не е безбедно за патниците кои ги превезуваме туку е и за тие таму пливачите што пливаат, што се на плажа. Значи потребно е итно преземање на некои мерки за подобрување на сето тоа таму и пристаништето и плажата. И нормално плитко е, како што рековте плитко е, нема простор за маневрирање со бродовите“, рече Зоран Ангелоски-капетан на пловен објект.
Од Охридската капетанија пак велат дека пукнатините на пристаништето не се некоја суштинска опасност по животот на патниците или за пловните објекти.
„Пристаништето во Свети Наум е безбедно во смисла да можат да се приврзуваат бродови на него. Единствена аномалија којашто во овој момент ја регистрираме е неговата насипаност со песок, односно немање доволна длабочина за поставување на повеќе бродови за што како министерство и капетанија обезбедени се годинава средства за негово продлабочување“, рече Горан Устијаноски-капетан.
Пристаништето во Свети Наум беше санирано во првата декада на овој век и според зборовите на Устијаноски тогаш е стегната неговата конструкција. Сепак тоа не значи дека не треба да се одржува и да се санираат пукнатините на кои можат да се сопнат пред сè децата и повозрасните луѓе.
Извор: МРТ, Сашо Нелоски
Публицитет.мк