
Утре, 30 септември православните верници ќе го одбележат големиот христијански празник Св. маченички Вера , Надеж, Љубов и Софија. Свечено ќе биде насекаде во црковните храмови посветени на нив.
Утре празникот ќе се одбележи и во селото Издеглавје во кое одамна има цркве посветена и осветена во чест на ќерките и мајка им Софија. Насте и Елена Димоски се ктитори – градители а нивниот син Никола – Коле утре ќе биде кум на празникот, вели за Публицитет поетот Наум Трајчески од Издеглавје.
Тој живее во Квинбијан – Австралија и со сопругата Дана утре ќе биде на селската свеченост со своите роднини и пријатели. Наум во најновата збирка песни „Позајмениот куфер“ му посвети песна на родното место Издеглавје.
ДОЈДЕТЕ ВО ИЗДЕГЛАВЈЕ
Дојдете во Издеглавје,
на ридот со трева мека,
среќни срца нека бијат –
Старо Село гости чека.
Ѕирка Свети Димитрија,
на молитва тој ве кани,
па со вера пријдете му,
дојдете од сите страни.
Свети Никола е близу,
таа црква блеска сета –
отклучени порти има
за молитва, служба света.
Света Софија ве чека
со Вера, Надеж и Љуба –
на триесетти септември
облечете бела руба.
Дур Сатеска бавно тече,
жубори, ко сребро сјае,
дојдете во Издеглавје,
никој нема да се кае.
Публицитет.мк







