
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска денеска при посетата на Општина Пустец, Мала Преспа, остварија средба со своите домаќини пратеникот во албанскиот Парламент од партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјоски и градоначалникот Пали Колефски и ги посетија заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“.
„Ми претставува посебна чест што денеска за време на нашата посета на Пустец ја вклучивме и посетата на заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“.
Честа е голема, затоа што ова заедничко основно и средно училиште е реновирано со поддршка на Владата на Република Северна Македонија како резултат на заклучоците на заедничката седница со Владата на Албанија што се одржа во Поградец во 2018 година.
Реализацијата на оваа иницијатива дојде со покажаната добра волја од страна на Владата во Тирана која прифати во реконструкцијата на 33 основни и средни училишта во Албанија, да биде вклучено и заедничкото основно и средно училиште во Пустец, во кое наставата се изведува на македонски и на албански јазик.
Со овој гест на албанската држава и со учеството на нашата земја во оваа иницијатива, се запиша уште еден успех во градењето на пријателските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија кои продолжуваат да се зацврстуваат и со реализација на многу други проекти од заеднички интерес.
Во оваа насока, Македонците кои живеат во пријателска Албанија претставуваат неизоставна нишка во поврзувањето на двата народа.
Сакам да уверам дека заложбите на Владата на Северна Македонија се на соодветен начин да помогне во повеќе сегменти од секојдневниот живот на месното население, почнувајќи од образовниот процес па се до прашањата од комуналната сфера, за кој денеска стана збор на средбата со градоначалникот Колефски.
Во делот на образованието преземаме дополнителни напори за создавањето подобри услови за изучување на македонскиот јазик во средините во кои живее македонско население.
Денеска со нас донесовме одреден број книги од кодификаторот на современиот македонски јазик Блаже Конески, како и одреден број учебници кои можат да претставуваат дополнување на наставата во заедничкото основно и средно училиште во Пустец.
Со поддршка на Владата и на нашето Министерство за образование и наука ќе ја поттикнеме и поддржиме непосредната соработка на македонските друштва во Албанија и на образовниот кадар по македонски јазик во училиштата од Мала Преспа со Институтот за македонски јазик Крсте Петков Мисирков, со Советот за македонски јазик, со Меѓународниот семинар за македонски јазик и со Филолошкиот факултет при Универзитетот во Битола, за организирање семинари и обуки на наставниците кои држи настава по предмети на македонски јазик.

Денеска се потврди донацијата која ја обезбедивме преку македонски компании за поддршка на инфраструктурното уредување на училишниот двор и дворот на градинката.
Денеска беа реализирани 15.000 евра од вкупно 30.000 колку што е донацијата. Останатите средства ќе се донираат во февруари 2021 година.
Ова е добра прилика да најавам дека во текот на 2021 година ќе започне постапката за отворање на почесен Конзулат во Корча кој ќе биде од особена важност и нова алка од повеќекратно значење за македонците кои живеат во овој дел од Република Албанија.

Уште еднаш благодарам за срдечниот пречек. Сакам да ја изразам мојата искрена намера да и дадеме многу поголема динамика на оваа наша заедничка комуникација и да продолжиме со иницирање и учество во проекти од интерес на двете држави за да потврдуваме дека Албанците во Северна Македонија и Македонците во Албанија се мост за градење блиски односи меѓу двете земји“.
Публицитет.мк






