Водното богатство е една од главните карактеристики на западниот дел на Македонија. Водата во овој регион, главно, се користи за енергетски и мелиоративни цели.
Меѓутоа, основно својство на водното богатство е тоа што го зголемува економскиот потенцијал и го преобразува природниот простор на чие подрачје се чувствува влијание на средоземната и континенталната клима. Овој простор на Македонија е богат и опкружен со многубројни високи планини и планински венци, меѓу кои се вгнездени голем број питоми и плодни полиња, како и природни и вештачки езера.
- Овој простор на Македонија е богат и опкружен со многубројни високи планини и планински венци, меѓу кои се вгнездени голем број питоми и плодни полиња, како и природни и вештачки езера.
- Еден од бисерите на оваа убава езерска земја на Балканот е Преспанското Езеро, познато по својот жив свет, крајбрежјето, изворите, природните убавини, геолошките, геоморфолошките, хидролошките, лимнолошките и други научни вредности. Тоа придонесе Преспа да биде позната со своите културни, естетски, воспитно-образовни, здравствени, туристички рекреативни и други стопански значења и вредности за македонската општествена заедница.
- Според пишаните документи Големото Преспанско Езеро лежи на надморска височина од 853 метри и зафаќа површина од 276.40 километри квадратни. Неговата брегова линија е разгранета во различни форми и со максимална должина од 28, а широчина од 17 километри.
- За жал, тоа е поделено и на Република Македонија и припаѓа (65%) од вкупната површина, на Република Албанија (18%) и на Грција (Елада) 17%.Во езерото постојат три острова, Голем Град на територијата на Република Македонија и Мал Град во Мала Преспа, на албанска територија.
- Малото Преспанско Езеро, пак, зафаќа површина од 43.50 километри квадратни и со најголема длабочина од 14 м и е поделено меѓу јужниот сосед (поголемиот дел) и Албанија. И во Малото Преспанско Езеро постојат два острова: Ахил и Видринец, двата на територијата што му припаѓа на јужниот сосед, во егејскиот дел на Македонија.
- Островот Голем Град
- Трите државни граници се сечат на тромеѓето на самите езерски води на неколку стотини метри од Голем Град, што претставува реткост за Долна Преспа и за Балканот.
- Интересно е да се спомене дека најновото ниско ниво, пониско за околу 7 метри е забележано во последните дваесетина години. Како феномен, езерото има постојан истек на водите преку понори под планината Галичица во Охридското Езеро, кое лежи на помала надморска височина за близу 160 м. Докажано е дека водата од изворите кај манастирот „Свети Наум“ на охриската страна и кај селото Тушемиште (албанска територија) дотекува од понорот „Завир“ во Мала Преспа.
- Најголемата длабочина на Преспанското Езеро е 76 метри, измерена кај месноста „Казан“ во близина на северниот одрон на Пречна Планина, со провидност на сино-зеленикавата вода од околу 10 м. Просечната температура на водата изнесува 12 степени, а максималната температура во јули-август е 27 Целзиусови степени.
- Во Преспанското Езеро постојат 11 видови риби, од кои најпознати се: крапот, како најкрупна риба и ситната белвица, позната и под името нивичка. Исто така, двете преспански езера и нивната околина изобилуваат со богата флора и фауна. Но, за жал, флората во последните две децении е во криза, заради опаѓањето на нивото на езерската вода.
- Преспанското Езеро е карактеристично и единствено по тоа што во него има два острова, Голем и Мал Град. Островот Големиот Град е единствен во Република Македонија. При посетата на овој остров се забележува дека тој е огромна карпа, која, веројатно, се откинала од соседните планини од големи земјотреси. Таквите тектонски промени во минатото направиле големи измени во Преспа и пошироко.
- Како природна реткост островот Голем Град кој зафаќа површина од околу 2 километра квадратни, е заштитен со закон и спаѓа во рамките на Националниот парк „Галичица”. Островот е познат како омилено излетничко место за посетителите на Преспа, како и археолошки локалитет со остатоци од живеалишта, цркви и некрополи.
- Заради некогашната населеност го добило името Град, а името Голем го добил заради разликата во однос на помалиот остров Мал Град. Инаку, и островот Мал Град има иста или слична судбина и историски развој како и Голем Град. И тој, исто така, бил населуван и има археолошки остатоци, а денес постои само пештерската црква „Свети Петар“. Често се вели дека островот Голем Град е рај за птиците.
- Таму, најбројни се кормораните (нуркачи) кои се хранат само со риби. На југоисточната страна на островот постои еден вид населба со бројни седела на фоините стебла. Гранките на дрвото фоја и тревата под нив се сушат од изметот на птиците, а карпите каде слетуваат се целосно бели, како посипани со вар. Исто така, во карпите до водата се кријат многубројни змии, белоушки. Тие не се отровни, но како влекачи се непријатни за посетителите.
- Островот Голем Град бил привлечен уште од римската епоха преку средниот век па до денес, што се потврдува со два откриени слоја гробови кај постојната црква „Свети Петар“, од XIV век и кај темелите на црквата „Свети Димитрија“. Се раскажува дека на островот некогаш имало седум цркви и тоа: „Свети Петар“, „Свети Димитрија“, „Свети Атанас“, „Света Богородица“, „Свети Ѓорѓи“ и „Свети Илија“, што укажува на фактот дека бил густо населен и играл значајна улога во севкупниот живот на населението во Преспа.
- Редок феномен претставуваат специфичните витли (вртежи) на езерските води што се создаваат под влијание на силни ветрови од различни насоки. Таков карактеристичен пример е случајот на подигнување на водата што се случил кај селото Коњско на 21 ноември 1987 година. Силниот ветер во млазеви во должина од околу 500 метрикревал кревал вода во висина и до 300 метри.
- Ако Охридското и Преспанското Езеро се одликуваат со сината боја на водата, бројните видови риби и култивираните брегови на кои се изградени бројни туристички објекти, тогаш планината Галичица се наметнува со своите високи варовнички гребени, богатите планински пасишта, поволните климатски услови и разновидната ендемична флора и фауна.
- Заради особените природни убавини и карактеристичниот растителен и животински свет на шумите и шумските предели на планинската убавица Галичица, еден поголем дел од неа, на површина од околу 23 илјади хектари, во 1958 година е прогласен за Националнен парк.
- Птици на Преспанското Езеро
- Националниот парк Галичица започнува кај манастирот „Света Петка“ во Велгошти, кај Охрид, продолжува во права линија до планинските височини кон исток, а од таму, по долината на Петрино, месноста Исток, до врвот Самар, и од таму се спушта до месноста Сир Хан во близина на Преспанското Езеро. Источната граница оди по брегот на Преспанското Езеро до албанската граница и го опфаќа островот Голем град во Преспанското Езеро.
- Заради тоа што почвата е од варовник кој не држи вода, Галичица, особено на преспанскиот дел е една од најсушните планини во Македонија. Ваквата геолошка структура и присуството на карстните геоморфолошки форми на планината ѝ даваат изглед сличен на планините од Динарскиот систем. Од другата страна, пак, во подножјето на планината во близина на Охридското Езеро изобилува со извори на вода, особено кај манастирот “Св Наум Охридски”.
- Националниот парк Галичица има места тешко достапни, но затоа е доста популарна дестинација за параглајдерски ентузијасти. Најчесто точка за полетување се локациите на регионалниот пат Охрид-Трпејца-Царина-Ресен, и безбедно се слетува на плажата кај авто кампот “Љубаништа”.
- Исто така, според бројните проучувања на различни научници, во регионот на Галичица од Петрино до Сир Хан престојувале браќата Климент и Наум Охридски. Тука тие ја започнале и ја извршувале својата дејност во Девол. Претпоставка е дека Девол се наоѓал на северозападниот дел на Преспанската Котлина.
- На потегот од селото Лавци (Градот), преку селата Стипона, Евла до Петрино и Болно, каде постоеле три траси на Виа Игнација се наоѓаат остатоци од стари населби. Да се надеваме дека во иднина тие ќе бидат испитани и ќе излезе на видело една голема вистина за македонскиот народ, за Преспа и за Македонија.
- Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
Публицитет.мк