Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов вчера во Охрид им додели високи државни признанија на четворица наши иселиници во светот и на Македонскиот сојуз во Кралството Шведска, како признанија за нивниот непроценлив придонес за зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности.
Со Медал со заслуги за Македонија беа одликувани Иван Трпески од Австралија, Лилјана Стоилковска-Андовска од Шведска, Борче Величковски од Србија и Кирил Христовски од САД, додека Македонсиот сојуз во Кралството Шведска доби Повелба на Република Македонија.
Претседателот Иванов на доделувањето на високите државни признанија ги поздрави одликуваните, заблагодарувајќи им се за се она што го сториле во текот на нивниот живот потврдувајќи се со своите активности како достојни чеда на татковината.
– Живееме во време на длабока политичка криза, кога македонскиот јавен простор е преплавен со зборови на безнадежност, цинизам и омраза. И токму затоа, неопходни ни се зборови на надеж, добрина и љубов. А кој владее подобро со зборовите отколку поетот, кој е слуга на својот јазик? Меѓу вас има двајца поети. Иван Трпески од Австралија и Лилјана Стоилковска-Андовска од Шведска, кои од двата краја на светот речиси половина век нe потсетуваат како треба да се љуби Македонија, рече Иванов.
За Борче Величковски истакна дека е личност која неуморно работи на унапредување на состојбата на македонската заедница во Република Србија, но и која со неговиот ангажман суштински придонесува и кон градењето мостови на соработка меѓу двете соседни пријателски држави.

Кога станува збор за професорот Кирил Христовски од Државниот универзитет во Аризона во Соединетите Американски Држави, Иванов истакна дека со своите научни и академски успеси на полето на нанотехнологијата претставува позитивен пример и охрабрување за нашите млади научници.
Што се однесува на активностите на Македонскиот сојуз во Шведска, Иванов истакна дека организацијата ги обединува и ги претставува интересите на дваесет илјадната македонска заедница во Шведска и како што рече „е една од најдинамичните организации од македонската дијаспора“.
– Секогаш, кога се среќавам со иселеници од скандинавските земји, слушам најпофални зборови за Македонскиот сојуз. Запознаен сум со напорите за зачувување и за афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности. Знам дека овој сојуз придонесува за унапредување на соработката меѓу Шведска и Македонија преку разни проекти и иницијативи, вклучително и хуманитарни активности. Сè на сè, станува збор за исклучително заслужна иселеничка организација, рече Иванов.
Нагласувајќи ја нивната улога на жива врска на Македонија со светот, Иванов потенцираше дека успешните поединци и организации од дијаспората се македонски амбасадори на полето на културата, уметноста, образованието, науката, добротворството. Секој ваш успех е и успех за Македонија.
– Затоа, како претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани сакам да ви се заблагодарам за сè што правите за Македонија. А Македонија памети, препознава и вреднува. Медалите за заслуги за Македонија и Повелбата на Република Македонија се симболичен израз на нашата искрена благодарност, но и поттик да продолжите да работите како и до сега. Да продолжите да го исполнувате заветот на свети Климент Охридски, а тоа е да се престигнуваме со добрина, рече тој.
За Лилјана Стоилковска-Андовска од Шведска добиеното државно признание претставува обврска повеќе и понатаму да работи конкретно на полето на презентацијата и промоцијата на Република Македонија насекаде во светот, особено во Скандинавија каде живее и работи.
– Иако сме далеку, во секој случај татковината секогаш ја чувствуваме, со Македонија постојано сме во контакт преку медиумите, а таа е во срцата на сите нас. Со неа сме секојдневно и со неа ги делиме и болките и радостите, рече таа.






