Претстои тешка зима, но надлежните уверуваат дека се преземаат сите мерки за да се ублажат последиците за граѓаните со блок-тарифи и со зголемено производство на струја.
Последиците на енергетската криза највеќе ќе се почувствуваат престојната зима. Министерот за економија, Крешник Бектеши вели дека иако нѐ очекува тешка зима, рестрикции на струја во Северна Македонија нема да има. Бектеши, којшто учествува на МЕФ – Македонски енергетски форум 2022 во Охрид, изјави дека се прават подготовки посебно од страна на ЕСМ за да го зголеми производството.
Во услови на енормен раст на цената на електричната енергија на светските берзи, за заштита од ценовен шок, од утре (1 јули) стартува тарифната реформа за пресметка на цената на струјата. „Тоа значи еден вид на праведен данок, оние кои што трошат помалку, ќе плаќаат помалку, за разлика од оние кои што трошат повеќе ќе плаќаат повеќе. Целта е да се поттикне рационално и ефикасно користењето на електричната енергија. Новото праведно тарифирање е резултат на широка транспарентна и јавна експертска дебата со вклучени чинители во енергетскиот сектор“, велат од Владата..
Највисоки блокови во регионот
За да се ублажат последиците од кризата и да им се помогне на најранливи категории на потрошувачи, но и на домаќинствата што немаат друг избор и друг начин за греење освен електрична енергија, Регулаторната комисија за енергетика воведе концепт на блок тарифи. „Поради тоа блоковите ги проширивме само во висока тарифа до 1050 киловатчасови. Проверете во која било земја во регионот дали има толку високи блокови. Јас ви тврдам најодговорно и цврсто стојам позади тоа дека блоковите кои се определени во Македонија се највисоки во регионот“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Најодговорно и цврсто стојам позади тоа дека блоковите кои се определени во Македонија се највисоки во регионот, вели Марко Бислимоски.
Откако РЕК вчера ги соопшти новите цени на струјата, Бислимоски денеска повтори дека просечната цена на струјата за 98,8 проценти од домаќинствата ќе се зголеми за 7,4 проценти, а само оние 1,2 отсто кои трошат енормно, ќе плаќаат енормно.Кај 59,9 проценти од потрошувачите во зимскиот период зголемувањето ќе биде 6,6 проценти, кај 20-30 проценти ќе биде од 6,6 до 8,7, кај три проценти од 8,7 до 11,2 а кај тие што трошат многу ќе биде од 11,2 до 99-100 проценти.
„Во однос на цените најголемиот товар ќе падне на тие што грејат базени, кои имаат можност да ги плаќаат сметките, што трошат колку што трошат 100 просечни домаќинства во државата месечно. Во делот на просечните граѓани, оние кои трошат просечно согласно сите параметри и нивните потреби, за нив можеби ќе има и помали сметки со воведување на блок тарифите“, потврдува и министерот Бектеши. Тој е дециден дека сите треба да бидат свесни и посветени за да се обидат да заштедат што повеќе елетрична енергија, бидејќи станува збор за глобална криза.
Притисок често да се читаат броилата
Откако граѓаните изминатиов период зачестено поднесуваа претставки до Народниот правобранител за нередовно читање на боилатаи високи сметки, од РЕК уверуваат дека на никој нема да му одговара да се одолговлекува читањето на броилото.
„Направен е концепт којшто постојано ќе прави притисок врз ЕВН да ги отчитуваат броилата. Колку се зголемува времето на отчитување толку секој блок се зголемува за тие денови“, посочи Бислимоски. Тој не очекува да има криза ниту во снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
Извор: www.dw.com