Проектот „Охрид – град на 1.000 крстови“ кој минатата година го започна професорот Зоран Тунтев, а чија цел е осветлување на илјада крстови во градот и неговата околина е при крај и се очекува целосно да се реализира во текот на наредната година. Тоа ќе биде силен адут за развој на религискиот туризам, смета Тунтев, кој уште од 2016-та го реализира проектот „Охрид град на светлината“ при што се осветлени деведесет и пет сакрални и профани објекти…
Посетителите на Охрид во изминатите неколку години се сведоци дека градот во ноќните часови како да облекува едно ново празнично руво, а Самоиловата тврдина, сакралните и профаните објекти наместо како некогаш да бидат прекриени од ноќта сега блескаат во сиот свој сјај. За овој нов лик на Охрид најзаслужен е професорот Зоран Тунтев и се разбира сите оние кои ги подржуваат неговите идеи, меѓу кои е и проектот „Охрид-град на 1.000 крстови“ чија реализација започна минатата година, а ќе се заокружи во 2.022-ра. Се работи за осветлување на илјада крстови и според неговите зборови тоа ќе биде силен адут на Охрид доколку сака да развива религиозен туризам.
„Ве уверувам дека полските туристи кои што се високорелигиозни се воодушевени од ваквиот потез. Тоа што ќе го видат навечер, Охрид не само што е осветлен туку дава посебен шмек на секој чекор да ги гледаат светите симболи. Српските туристи исто така и она што го очекувам како најава за директни авиолетови се туристите од Русија и за нив ќе имаме потполно спакувана приказна за Охрид како вистинска религиозна дестинација, за Охрид европскиот Ерусалим“, вели проф. д-р Зоран Тунтев, Факултет за туризам и угостителство.
Тунтев од 2016-тата работи на проектот „Охрид град на светлината“ кој придонесе да се осветлат 95 сакрални и профани објекти. Го охрабрува подршката од сограѓаните, градот и митрополитот Тимотеј со чиј благослов во моментов ја реосветлува катедралната црква „Света Софија“.
„Гледајте дифузно е осветлено, ги гледате сите убавини, не пречи на човековото око, а се е како на тацна, како што треба да биде осветлено, да биде во функција и на туризмот и на духовното живеење“, нагласува проф. д-р Тунтев.
Илјадитиот крст со кој ќе се заокружи проектот „Охрид- град на 1.000“ крстови“ ќе биде поставен во водите на езерото, а ќе се напојува со батерии бидеќи извршените тестирања покажале дека така ќе биде најбезбедно за граѓаните и капачите.
Извор: Сашо Нелоски, МРТ