• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
вторник, август 26, 2025
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во светот на уметноста

Проф.д-р Кристина Николовска: „Разговор на ангелите“

август 29, 2017
in Во светот на уметноста

Публицитет .мк со слика и збор Ве навраќа на синоќешното отворање на изложбата во организација на галеријата „Букефал“а поставена во галеријата „Резонанса“ во Охрид.

 

 

РАЗГОВОР НА АНГЕЛИТЕ

(Отворање на изложба на тројца охридски уметници)

Ангелите се гласници на Господа…

Поетите се посредници на боговите

Вечерва почитувани, пред нас имаме тројца поети на визуелната уметност. Велам поети оти тие се поети на уметноста, на својата уметност која катадневно, но и катаноќно ја милуваат и растат.

Поети – на уметноста нареченакомпјутерски слики – од волшебната рака на сликарот, поет и мултимедијален уметник Драган Спасески Охридски, роден и раснат во срцевината на овој семеен и уметнички дом;

Поети – на уметноста наречена скулптури – од дарбеникот кој ни доаѓа оддалеку, од Сиднеј, а роден во Охрид – скулпторот Блаже Крстаноски Блажески;

Поети – на уметноста наречена мозаици – од ликовниот уметник и архитект Билјана Поп Стефанија, родена охриѓанкакоја ни доаѓа од Сиднеј.

Но, како ли ги спои судбината или ги „сплете“ уметноста, илјадници километри едни од други, но сите со еден мотив, кој сосем спонтано ги обединува –мотивот ангели… и тоа на денов денешен, на големиот ни празник Христијански,та да се сретнат очи в очи наУспение на Пресвета Богородица, лето 2017-то.

„Ангелот сам по себе е гласник кој го поврзува божјото со човечкото.

Ние создаваме една слика на ангел, која е фрагмент од бескрајот и со повторување на еден фрагмент од таа слика – може да се освојува бескрајот.

Освојување на бескрајот – она што го создаваме се фрагменти од совршенството.

Се креира ангелот како симбол, како тема на оваа изложба. Тој ангел се става во различни медиуми: скулптура, мозаик, слика.

Ангелот станува видлив знак, тој знак се поврзува со слични знаци меѓу се себе и се создава слика, таа слика може да се толкува како фрагмент од бесконечното и на таков начин, со повторување и варијации на таа слика – се освојува бесконечното.“ – ќе рече раскошникот Охридски.

 21244608 10207957667618639 1326165990 n

Та ајде да ги послушаме пораките на уметниците – но и да се потсетиме дека како што во Антиката поетите биле посредници меѓу Бога и луѓето, а рапсодите, толкувачите на уметноста, толкувачи на толкувачите, посредници на посредниците, така и ние вечерва, драги угледници, имамеособена чест и на небото да му јавиме – дека сме тука. Тука сме сите заедно за да сите заедно ги наслушнеме пораките од нивните дела.

Нивните виртуозни и беспрекорно чисти ангели.

Така и ние вечерва, едни покрај други, со свои сопствени, автентични доживување и толкувањана уметноста, кои слободно може да се умножат, мултиплицираат, и надградат, и заедно да станат порака, можеме и ние, секој од нас да биде знак, секој да биде порака, та преку високиот и возвишен симболизам на ангелот – да се преродиме и слееме во неговата суштина…

А неговата суштина е гласник Божји, посредник Божји, светлина небеска… Спас, заштита, вест, благовестие, надеж…

Небо… царството на ангелите е небото…

А што е небото во делата на овие уметници? – Паспарту,реплика, океан… што ли е?

И зошто токму овие дела и овие автори? Се прашувате, секако.

Затоа што токму тие и само тие може да покренат раскошна полилогија, разговор на повеќемина, а зошто тоа да не е разговор и на уметнички дела?

И така, драги мои, овде се случува нешто на кое ние, вечерва, и тоа само оваа вечер, внимавајте, ќе бидеме – сведоци. Но зошто не и соучесници? И ние можеме вечерва да поведеме дијалог со овие дела и да ги побараме ангелите – во компјутерските слики, но и во просторите на скулптурите и мозаиците.

И зошто е потребен ваков, полифон зафат? Дали е можно вечерва да зборуваме за трилогија, и тоа мултимедијална, мултидимензионална, полицентрична?

21208372 10207957687339132 1585439701 n copy copy

Се прашувате зошто?

Затоа што овие дела можат со себе да разговараат – преку нас, а ние едни со други – преку нив.

Од нив ќе ве раздени – чиста ангелска љубов, љубов која значи заштита, поткрепа, надеж…

Но, каков е изразот на секој од овие уметници?

Какви се ангелите на Охридски, на Блажески, на Поп Стефанија?

Тие имаат различни „тела“, но се „собраќа“ и „сосестри“ по душа, содуши се тие.

Во совршена хармонија со бескрајот…

Ангелот – како бесконечност

Мултиплицирани, ангели со недоброј лица, ангели со недоброј пораки

Ангел… Се верува дека секој човек има ангел-заштитник… Та овие тројца еминентни уметници не потсетуваат дека – анеглите се тука, сосема крај нас, та дури можеби и – во нас.

Денов денешен Голема Богородица се слави како успение на Пресвета Богородица. Успение значи искачување, возвишување.

Та има ли поголемо искачување, возвишување и возвивнување кон небесата и кон бесконечноста од разговорот на овие тројца велемајстори на сликата, скулптурата и мозаикот?

Вечерва и ние духовно се искачуваме и возвишуваме по скалите на небото на уметноста и на убавата мудрост, но и мудрата убавина…

Така непосредни пред нас, повеќе крај нас, отколку пред нас, овие тројца големи уметници имаат завидна уметничка биографија, имаат домашна и светска репутација како автори кои изложувале свои дела на индивидуални и колективни изложби или мултимедијални проекти, на локално и на меѓународно ниво.

Автори со висок авторски идентитет, добитници на јавни признанија, застапени во најугледните домашни и странски галерии.

Ќе раздени мили мои, ако почнам да ви го раскажувам нивниот драгоцен, долг и богат творечки пат. Пат-планина. Патишта-планини.

И ете, се слеавме вечерва крај езерските води, се вдлабивме крај уметничките, но и езерски длабочини, за да секој на својот „јазик“ или „превод“ или доживување или чувство, сети – каколи како го допрел ангелот и дали е можно преку овие ангели – да се слееме со – бесконечноста?

А како ја сфаќа својата креативна потрага по бесконечноста, скулпторот Блаже Крстаноски Блажески? – Вели:„Моите скулптури го рефлектираат концептот на продолжување на животот во бесконечност, нема почеток и нема крај. Сакам природата да се рефлектира во мојата скулптура и пренесена на гледачот. Значи, природата, мојата скулптура и гледачот стануваат едно.“

„Нема почеток и нема крај“ – вели уметникот. Тука и јас водам гласен разговор со поетот на скулптурата Блажески, и ви предлагам на сите:

Не гледајте ѕидови. Гледајте врати! Гледајте прозорци, излез. Така и Вселената ќе ја наслушне и разбере вашата молба, желба или сон. Така и „влезот“ и „излезот“ во животот – ќе се слеат со бесконечноста и ќе престанат да бидат ѕидови, туку врати.

Така и раѓањето и смртта нема веќе да бидат обичен „влез“ и „излез“, туку далеку повеќе од тоа… Или пак ќе си ги заменат местата преку некој чуден алогизам.

21245171 10207957667178628 1775467321 n copy copy

Не гледајте ѕидови.

Оти дури и кога сите гледаат ѕид, јас гледам врата! – Тоа е моето поучение до вас, воскренати, та возвишени мои.

А вечерва воскренати, ние можеме да се слееме со бесконечноста на поракитеод компјутерските слики на величествениот и брилијантен Охридски, со ракописот на неговите рафинирани и софистицирани ангели, кои се мултиплицираат во недоглед. Се умножуваат како моќно умножение во кое учествуваме и ние.

Може ли вечерва возљубеници на уметноста, да го сфатиме овој преплет како мозаик – мозаик во кој каменчињата од мозаикот на Поп Стефанија ги прашуваат свиоците на бронзата на Блажески, која гледа во компјутерските слики на Охридски?

А сите тие гледаат во нашите очи. Или ги бараат нив.

Камен – бронза –хартија

Пораки на камен – бронза – хартија

Симболи кои растат од камен – бронза – хартија

Ангели кои растат од камен – бронза – хартија

Но, и електронски свет. Компујтерски слики кои пред нас растат како слики на хартија.

Сите како каменчиња или фрагменти од бесконечноста, сите како капка од океанот на бескрајот, сите како бранови, треперења, севеселенски вибрации кои се слеваат во уметнички дела.

21175373 10207957670698716 1629428678 n copy

Музичкиот дел од изложбата го „обои“ младиот Лео Спасески

*          *          *

Сега ќе ве погледнам сите, почитувани угледници, вознесени,

И ќе се запрашам  гласно:

Вечерва јас не говорев за никакви „изми“, ниту се дрзнав да ги проценувам уметниците, туку решив – заедно со вас да ги доживувам. Искрено, отворено, јасно…

Овој вечерен настан ќе остане како еден од култните културни настани на годината, не само поради длабоко осмислениот концепт кој реши да преплете – три независни и крајно оригинални, посебни авторски ракописи кои се изразуваат преку три различни техники и преку три медиуми, туку и поради врвниот уметнички резултат на таа рафинирана синергија.

Тоа е мојата проценка како толкувач на уметностите.

А сега нешто и за насловот на вечерашниот проект. Насловот, замислете возљубени е – песна. Хаику. Драганова песна која гласи:

уметникот е

ангел без крилја… Ангел

без крилја ангел

И самата форма на песната сугерира ефект на perpetuum mobile… Тоа е веќе култна и софистицирана авторска стилема на поезијата на величествениот Охридски. „Трите точки“, си споменувате, тоа е наслов на негова поетска книга.

„Трите точки“ ги има и како вулканска порака која избива од скулптурите на Крстаноски Блажески, трите точки или посегот кон бесконечноста се најмоќниот глас или крик кој вивнува од неговите скулптури, но и како река која потекува од моазиците на Поп Стефанија.

И што се случувавечерва? – Големиот Охридски раскошно им го отвори домот на своите содуховници, духовни и креативни собраќа и сосестри по дух, онака како што и нам дргоценото семејство Спасески ни ги отвори портите на срцевината на својот дом – дом во кој душата е уметноста – сликарството, поезијата, музиката, книгите, дом каде највозвишен небески пијалок е книгата и уметноста, дом, за кој зборовите „галерија“ или „изложбен простор“ се мали, недоволни и претесни термини, кои не се доволни да го објаснат чудото од креација и уметност што вечерва се случува – овде.

Вечерва, од местото каде што е роден големиот Охридски, од срцевината на овој дом на уметноста, кој веќе одамна е и наш дом, драги мои, време е да и дозволиме на иднината да го рече своето, оти само таа може и да го разбере ова.

Сакам и да знаете дека ова е една од најскапоцените изложби оти е многу густо концентрирана. Не само како густина на уметнички пораки кои ги обеднува еден сакрален и возвишен симбол – ангелот, туку и како густина на чувство, густина на настан, коку што се густи делата, толку и ние се згуснуваме се повеќе, и тоа како порака, но и како густина на време – немало и ќе нема врменски покуса изложба, но која ќе стане и остане вонвременска – како запис на историјата. Историјата, не само на нашата уметност и култура, туку и на нашиот раст кон совршенството, нашето воскревање, возвишување кон растолкување на „клучевите“што „семето“ на овие уметнички ангели „ги посева“ насекаде околу нас и се разлева како раскошна роса…

Доживејте ги, послушајте ги, вдишете ги… овие дела. Ќе развијат толку интимен, топол, добронамерен разговор со вас, колку што – вие ќе им дозволите.

            Можеби ќе поттикнат песна во вас, размисла, потреба за дијалог и толкување.

А ноќеска? – Ноќеска, откако ние ќе заминеме, тие ќе си преноќат заедно, ќе си се послушаат меѓу себе, ќе си кажат насамо што имале да си речат и ќе си се доречат. А можеби ќе не доживеат и нас како – уметнички дела. Дела кои сакаат да не се осамени, дела кои копнеат да бидат растолкувани…

Оти и ние сме недорастолкувано писмо, неодгатнат универзум кој длаби, длаби и се возвишува… кон сонот за совршенството и бескрајот…

Нека е благословен секој авторски влог во овој проект, нека е благословен и овој Охридски дом и храм на уметноста, нека ноќта им дозволи сјаен преплет на уметничките раритети, и нека сме благодарни за помошта на Пресвета Богородица, како и за гласот на ангелите кој може да се слее во хорска песна на ангелите.

Ангелите… вечна, непресушна инспирација, ангелите прекрасен, нежен преплет на вистини и суштини, ангелите, овој пат како заштитици на уметноста, креацијата и добродетелта…

Овој пат како уметници, уметници – ангели без крилја…

Нека им е честит патот на уметниците и делата кон бесконечноста, бесконечноста како авторска вредност!

Проф. д-р Кристина Николовска

Охрид, 28 август 2017

 

Фото: Стефан Жупан 

Публицитет.мк 

Посетеност: 68
Share
Previous Post

Пратениците утре се враќаат на работа, пленарна седница на 4 септември

Next Post

Денеска во Охрид заврши Меѓународниот акцијашки камп „Брег на младоста- 2017“

Next Post

Денеска во Охрид заврши Меѓународниот акцијашки камп „Брег на младоста- 2017“

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 68

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk