
Со години наназад внимателно и со љубопитство ги следам книжевните случувања во Охрид. Причините за тоа се многубројни. Сепак, со посебна заинтересираност ги очекувам резултатите од Конкурсот за најдобар расказ “Живко Чинго” и тоа заради значењето што го има самото име на наградата и заради тоа што и јас понекогаш учествувам на тој конкурс! Ете, така и ова лето господово!
Во минатите години многу чудни нешта повеќе го предизикуваа вниманието отколку наградените раскази: се прогласуваа за најдобри раскази кои прераскажуваат босански вицови, раскази кои никој не ги прочитал откако ги наградиле, раскази за кои се инсистираше да бидат објавени за да се види зошто биле наградени… Но она што најмногу ме тревожи во сета оваа книжевна “раздвиженост” е “статичноста”на ликовите што со години, како столетни стебла, се во комисиите и кои делат и раздаваат награди за сите видови и родови: од поезија за деца, поезија, раскази! Постојано истите одлучуваат што е најдобро и што е книжевност! Самото тоа предизвикува сомнеж дека станува збор за фамилијарна забава во која родителите си ги наградуваат своите деца и миленици, а децата и милениците набрзо им возвраќаат! И колку да се компетентни и премудри, даровити и вечни, сепак мислам (и тврдам!) дека почесно и подоблесно би било кога малку би се одмориле од големите задолженија и од тешкиот товар за катагодишно преговарање и договарање кој да биде следниот на ред за добивање на награда и кој е на листата за чекање на следниот награден циклус! Значи, отворете го прозорецот, излезете малку да прошетате како обични луѓе и дозволете да влезе малку свеж воздух и во охридската малечка книжевна одајка! Сè што е премногу присутно, потребно е барем малку да биде отсутно!
Она што најмногу ме изненади, па скоро и вџаши, е образложението кое комисијата го срочила за причините за кои “творбата”! [sic!] требало да биде наградена! Еве што кажува комисијата:
ʺНаградeната творба се издвојува од другите по својата инвентивност, по успешното и издржано водење на нарацијата со која ја поттикнува фантазијата на читателот, со откривањето нови теми со кои се актуализираат дилемите на современиот начин на живеење.”
Една реченица! И во таа реченица неколку фрази и флоскули како образложение зошто “творбата” е наградена! Добро, ќе речете, тоа го пренеле медиумите! И Комисијата и јас добро знаеме што и колку ќе пренесат! Токму затоа Комисијата требало да каже нешто појадровито, посуштествено, нешто што е одлика на само таа “творба”! Па нели се долгогодишни членови на Комисии! И, конкурсот беше објавен за расказ, а не за “творба”! Од каде јас да знам каква е таа “творба” што е наградена?! Во конкурсот пишуваше: конкурс за најдобар расказ! А сега е наградена – “творба”! Каква е таа “творба” што сте ја наградиле? Во фонолошко значење? (артикулација?). Уметничка, литературна, музичка? Со бои, ноти, зборови?
А јас сум испратил расказ! Така пишуваше: конкурс за најдобар расказ! А бездруго, знам што е расказ! И теоретски и практично!
И да се разбереме! Јас не знам каква е “творбата” ниту пак зборувам за неа! Можеби е баш таква каква што ја кажувате: инвентивна, наративна, која ја поттикнува фантазијата на читателот! Добро, другите “творби” не биле такви! Но јас само укажувам на вековното присуство на кадиите кои си земаат и делат награди! Оти, ако вака се продолжи ќе стигнеме до таа длабочина што ќе мора да пишуваме според вкусот на Комисиите! А таму, во длабочината, ќе нè пречека Андреј Жданов со кого ќе ги читаме “творбите” “со кои се актуализираат дилемите на современиот начин на живеење.”
07.8.2019 Проф. д-р Славе БАНАР






