Непосредно пред прославата за возобновување на култот на Свети Константин Охридски излезе од печат книгата „Свети Константин Кавасила Архиепископ Охридски“.
Во првиот дел од книгата е поместен неговиот животопис и делото на овој славен архиепископ, составен од теологот Виктор Недески по неговите повеќегодишни истражувања поврзани со овој охридски светител.
Вториот дел ја содржи богослужбата на светителот откриена во кодексот бр. 198 од светогорскиот манастир Дохијар. Оваа богослужба е збогатена и дополнета со химнографски творби за свети Константин составени од теологот Недески.
По ова редовно последование на светителот, во книгата е поместена и уште една додатна богослужба на свети Константин која се вика Акатист, а е творба на теологот Александар Димоски.
Книгата ќе биде презентирана пред присутните на прославата во чест на свети Константин Охридски која ќе се одржи оваа сабота на 31 октомври наутро во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид, на која се очекува да присуствуваат голем број православни верници од цела Македонија.
„Публицитет.мк“ ви го предава и предгворот на книгата напишан од Митрополитот Дебарско – кичевски господин Тимотеј во него е запишано:
-Во Новиот Завет, сите членови на Црквата се нарекуваат светии[2] и да се прибројат кон хоровите на небесната, „победничка“ Црква.
Спонтаното, пак, препознавање на одредена личност како богопросветлена и света од страна на Црквата, т.е. од страна на народот Божји, доведува до раѓање на култ. Препознавајќи во таквата боговдахновена личност правило на верата и пример во духовниот живот, Црквата постепено и спонтано ја засилува почитта кон неа. Оддавањето на достојна почит на таа личност, во историјата се изразувало, а се изразува и до денес преку различни форми, од кои основни според кои денес го препознаваме култот на одреден светител се: Големата народна почит кон личноста на светителот, одредување на ден во кој ќе се прославува, составувањето на житие, иконографско изобразување на неговиот лик и составување на богослужба во негова чест, почитување на неговите мошти, како и посветувањето на храмови во чест на светителот.
Историските прилики честопати може да доведат и до губење на некоја од овие компоненти кои сведочат за почитта кон одреден светител, но тоа не треба воопшто да не обеспокојува, ниту да ја доведува до сомнеж светоста, бидејќи со тоа ни најмалку не се намалува богопросветленоста на неговата личност. Така, многубројни се светителите чии ликовни образи – икони биле уништени во времето на иконоборството, или други историски неприлики па така до денес не се сочувал оригинален прототип за нивниот изглед и физичките карактеристики. Истото се случувало и со житијата на многу светители како и со богослужбите пишувани ви нивна чест. Многу светители и целосно избледнеле од сеќавањето на земната Црква, често поради поклопувањето на нивниот празник со прославата на некој друг светител, но со тоа не престанале да му пеат на Бога претстоејќи пред Неговиот престол, ниту пак да бидат наши застапници и молитвеници пред Него. Всушност таа била и целта на востановувањето на празникот на сите светии – оддавање почит, и упатување молби и славословија кон сите оние кои за време на својот земен живот Му угодиле на Господа – знајни и незнајни, подзаборавени или повеќе почитувани.
Но, за среќа, живееме во време кога ни се достапни многу информации за различни историски случувања, прилики и неприлики, па така полесно можеме да ги разбереме овие појави, а несомнено да дојдеме и до повеќе податоци за животот, делото и култот и на оние светители кои од различни причини, малку сме ги подзаборавиле. Секако, имаме и обврска кон нив, да ги разгласуваме нивните богоугодни дела, а со тоа и да ги имаме за пример во животот, па наследувајќи го нивниот благослов да се уподобиме на нив.
Доколку, пак, некој ни забележи дека бесцелно е „воскреснувањето“ на веќе „мртвите“ светителски култови, должни сме да дадеме одговор дека во Бога нема мртви, туку сите се живи во Исуса Христа. Така, имајќи го за пример и светиот Јован Шангајски, како современ светител кој неуморно, целиот свој живот работеше на заживување на култот на многу древни заборавени светители од целата Западна Европа, и ние ревносно се впуштаме во ова богоугодно дело, за враќање на некогашната почит кон светите меѓу архиепископите на славната Охридкска Архиепископија во кои се вбројува и свети Константин Кавасила – Архиепископот Охридски.
Ако, пак, некој се сомнева дека култот на овие вистински светила бил нешто што вештачки или неприродно се создавало или пак е нешто, наметнувано поради нивното високо црковно достоинство, односно носењето на архиепископскиот чин, ќе потенцираме дека Црквата е народот Божји и таа, во својата полнота е единствениот критериум за признавањето на светоста на одредена личност и нејзино препознавање како таква која му угодила на Бога. Впрочем, и од историјата на Црквата познати се повеќе примери на обид за создавање на такви „вештачки“ култови но тие никогаш не заживеале и од самиот почеток биле осудени на пропаст, а спротивно на тоа, култови кои биле забранувани од политички, па и одредени црковни власти, имајќи го за критериум народот Божји, се развивале и опстојувале,ќе напише митрополитот Тимотеј.
Публицитет.мк