Во организација на НУ. Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и Здружението „Базилика“ од Мешеишта, општина Дебарца утре од 19 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде промовирана студијата „Коста С. Шахов Публицистика“ од авторот – проф. д-р Томе Груевски.
Годинава се одбележуваат стоипедесетипет годишнина од раѓањето и точно на утрешен ден стогодишнина од смртта на Коста С. Шахов – човекот кој се семта за основоположник на македонската журналистика.
Според авторот, д-р Груевски Коста Шахов од Охрид е една подзаборавена, но многу значајна личност од македонската национална историја. Шахов се појавува како сопственик или како главен и одговорен уредник на 11 весници. Освен весникот „Македонија“ (1888-1893), Коста Шахов ги издавал и весниците: „Дневни Новини“ (1890), „Странник“ (1891), „Глас македонски“ (1893-1898), „Борба за слобода на Македонија и Одринско“ (1899), „Балкански ек“ (1900), „Македонија“(1902), „Борба“ (1905), „Софиски новини“, (1906), „Македонија“ (1908-1912), „Балканска зора“ (1912). Но, со тоа не се исцрпува неговата новинарска дејност. Шахов, исто така, соработувал во многу други весници, како што се: „Реформи“ (1899), „Дебарски глас“ (1909), „Дебар“ (1905) и др., а, исто така, и во списанието „Лоза“ (1892). Тој е најактивниот македонски публицист од втората половина на 19. век и првите две децении на 20. век. Се разбира, Коста Шахов со неговото журналистичко дело е рамо до рамо со Ј. Х Константинов Џинот, со Рајко Жинзифоф, Димитар Василев Македонски, Стефан Јакимов Дедов, Арсениј Јовков и другите македонски дејци, публицисти и литературните раскажувачи од своето време. Коста Шахов беше соборец со највидните револуционери и дејци на Внатрешната македонска револуционерна организација: со Гоце Делчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Ѓорче Петров, Иван Хаџи Николов и др., а неговиот весник „Глас македонски“ (1893) на почетокот беше и орган на Организацијата.
Константин (Коста) Стефанов Шахов е роден на 6 јули 1862 година во Охрид, а починал на 15 август 1917 година во Софија. Живеел 55 години и два месеци, „преполни со успеси и падови и горчини што не се успеало во многу работи“. Но неговиот живот и делото оставија трајни белези и заслуги во македонската културно национална историја, заклучува д-р Груевски.
Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Зоран Костов и проф. д-р Марко Китески.
Публицитет.мк