Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска денеска го промовираше локалитетот „Манчевци” во Охрид, каде е извршена конзервација на ранохристијанска базилика од периодот меѓу 4 и 6-тиот век.
Станува збор за една од деветте ранохристијански базилики откриени во стариот дел на Охрид. За проектот спроведен во неколку фази од Министерството беа издвоени 5,5 милиони денари, во чии рамки беа извршени системско археолошко истражување на локалитетот, консолидација на објектот, конзервација на сите мозаични подови, а беа поставени и автентичните столбови откриени на локалитетот, истакна Канческа – Милевска.
Локалитетот „Манчевци” истовремено е и покриен и целосно илуминиран.
Овој локалитет е од огромно значење, како за културниот туризам на Охрид, така и за промоција на богатото културно наследство што го поседува Република Македонија, рече Канческа најавувајќи и слични проекти за во иднина.
Паралалено во Охрид со поддршка на Министерството за култура се спроведуваат уште неколку проекти како обновата на Светиклиментовиот универзитет, реставрацијата на црквата „Света Богородица – Перивлепта” каде до крајот на годината ќе бидат освежени архитектурата на објектот, фрескоживописот и камбанаријата, а продолжуваат и проектот за обнова на фасади на репрезентативни објекти во градот, како објектот на „Радио Охрид” и на „Магазата”.
Директорката на „Завод и музеј – Охрид” Тања Паскали – Бунташеска им се заблагодари на семејствата Маневи, Мартинови и Мурџески, сопствениците на просторот каде беа откриени деловите на базиликата, за нивната соработка во зачувувањето и презентирањето на ова значајно културно богатство.
Публицитет.мк