• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
недела, јуни 29, 2025
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Промовирани две книги на охриѓанката Маре Ристеска

јуни 23, 2018
in Во потрага по трајната убавина
Промовирани две книги на охриѓанката Маре Ристеска

Во охридскиот  ресторан „Лихнидос, деновиве беа промовирани првиот роман „Безизлез“ и збирката Драми дело на  м-р Маре Ристеска од Охрид.

 Промотор беше професор д-р Јордан Плевнеш, ректор на Факултетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА.  Делови од романот и драмите читаа младите актери Јована Лолеска и Јован Цветкоски,а свој белег на промоцијата остави и ансамблот „Сарај“. 

 Публицитет.мк ви ја пренсува речта на авторката – м-р Маре Ристеска во која таа се задржува на своето творештво и промовираните дела, како и извадоци од нив.  

Тоа што ме мотивираше да го напишам романот се животните приказни на луѓето околу мене, пред сè, мојата животна приказна, а потоа и приказните на сите мои блиски или подалечни луѓе чија приказна некако стигнала до моите уши, доживеана, раскажана или прекажана.  Сигурна сум, дека секој од Вас ќе се пронајде барем во некоја карактерна црта на моите извајани ликови и ќе се запраша себеси, ќе продре длабоко во својата душа и ќе ја започне својата потрага по сопственото ЈАС. Верувам, дека ќе ги најдете вашите пријатели, браќа, сестри, роднини во нив, а неминовно е да се најдете себеси и да го сфатите вашето постоење, за еден ден да бидете способни да си ја нахраните вашата душа. Пред вас поставувам седум животи, поточно три приказни анализирани од двете страни, машката и женската. Ги поставувам на тасовите од мојата вага двата спротивни пола што се борат за среќата на својата душа или можеби кукавички тонат во својата немоќ. Тоа е приказната на Дарја, Оливер и Петар, Лола и Давид, Мила и Владимир. Љубовни триаголници, страст, разочарување, прељуба. Јас сум Дарја, јас сум Мила, јас сум Лола, јас сум секоја од нив, затоа што во креирањето на нивните ликови јас дадов дел од себе, секоја од нив носи мој печат и белег. Велам дека јас сум секоја од нив, затоа што сум жена и во многу од ситуациите сум се нашла и самата. Што е она што ги поврзува сите нив повелете прочитајте и одлучете до каде стигнаа со своите постапки, успеаја ли или застанаа на она скалило, онај меѓупростор наречен УГОРЕ ВИСОКО- УДОЛУ ДЛАБОКО.

DSC 2277

Целта на ова мое творештво е секој да се пронајде во некој од понудените ликови, за миг да се протне во негова кожа и да ја почувствува неговата судбина. Во драмата „Суд за морални вредности“ моите ликови се обвинети за љубов без брак, за прељуба, незаинтересираност, дури и за насмевка. Но, нели тоа се реалните обвиненија и судови меѓу луѓето? Дали можеби овој мој футуристички суд ќе ја доживее светлината на денот во новото време? Или можеби веќе постои меѓу нас, но, неговата форма нема регистарска таблица? Прочитајте ја вистината за нашето време, доживејте ја судбината на секој од нас, разбудете ја потребата за разбирање на постапките од луѓето и не дозволувајте да останат неразбрани затоа што недореченото и неразбраното се најопасната закана за светот.

Во „Фортуна“ проговорувам  за ликот на жената во едно минато општество, онаа повлечената, послушната, робот на мажот која го доживува својот пресврт кога нејзиниот живот е ставен во знак прашање. Студот предизвикан од Фортуната го разбиструва нејзиниот закоравен, патријархален мозок и ја преобразува во фатална жена, жена од современото општество, желна за одмазда и спремна за борба со светот, од која борба очекува задоволување на својата лична среќа. Ја користи својата сексипилност за да си поигра со сопругот за кој се омажила против своја волја, докажувајќи уште еднаш дека жената е онаа која може да управува со мажот, преку благодетите што му ги нуди во креветот. Ја искористив темата за патријархатот, моментот кога таткото ја решава животната судбина на својата ќерка, како негативна страна од минатото и како еден вид на осуда на сопственото чедо на вечна несреќа. Двајцата ривали во текстов се спротивни ликови по своите нарави, на кои заедничка им е љубовта која ја чувствуваат кон една иста жена. Секој од нив различно се бори за љубовта, едниот кукавички, без храброст да се избори за она што го посакува, другиот пожртвувано и храбро се обидува да постане достоен за неа. Преку формата на драма во драма, театар во театар и пак во театар се обидов да внесам временско навраќање на настаните во еден интервал од девет години. Повредувањето на машкото его е само еден момент што сакам да го изнесам како негативна страна со која се соочуваат жените и за кој момент ретко се проговорува, но, кој е најдоброто оружје со кое може да се уништи еден маж.

DSC 2409

„Ние Македонците немаме пирамиди и сфинги, нашата татковина не е украсена со палати и материјални споменици, но има нешто што ниту вековите, ниту природните стихии, ниту демонската рака на душманите и насилниците не можат да го разурнат….Таа нескршлива сила е изразена во единствениот паметник- народната песна, најбогато и најценето наследство што ни останало од минатото на Македонецот, сочувано до ден денес…“

            Така стои запишано во една книшка објавена во првите децении на минатото столетие во која се мелографирани дваесетина песни, претежно староградски, охридски, трубадурски песни, кои и до ден денес пленуваат со својата музикалност,игривост,свежина. Содржината на текстот од народните песни проговорува за вистинската историја, за тогашната живеачка со сите свои елементи: воспитанието, обичаите, поткупливоста на власта, што и не се разликува многу од денешната општествена ситуација кога човекот алчно, неразумно и доминантно го уништува своето огниште.

Во минатото кога пишаните документи биле во помал број, песната била таа што ја пренесувала историјата низ времето, песната освен како лек за душата, радост за срцето, останала дa проговори и за некои животни приказни, добро познати или воопшто непознати. Песната за Деспина, добро позната во охридскиот регион,  е инспирацијата која ме мотивира да истражувам за вистинитата приказна на охридската мома Деспина и нејзината грабнувачка. Насилното грабнување на девојките е чудно за едно време на голема еманципираност на жената, време на подем и потполн економски и културен процут во Охрид, време кога ‘ртеле чувствата за слобода, задоволство и среќа.

DSC 2331 1

Ќе ја искористам идејата на епот за „Гилгамеш“ од Сумерската литература која вели дека бесмилесно е да бараме вечен живот, но нашите дела можат да нè направат бесмртни.

Пишувајќи за жената и нејзините чувства, јас почнав да го анализирам мажот, обидувајќи се максимално да го извајам машкиот лик, но од една женска перцепција. Различна е нашата природа, различни се нашите потреби и верувам дека откако ќе го прочитате напишаното сè уште ќе останат отворени некои прашања, но, среќна ќе сум што барем ќе ве поттикнам на размислување!

И ќе завршам со еден дел од мојот роман, креација на мојот лик, писателката Дарја Левин која во својот нов роман „Безизлез“ пишува:

„Чудни се патиштата што водат кон целта, како што е чудесна и оваа наша Македонија, земја на лаги, неморал, глума… Ајде луѓе свестете се, тргнете ги маските и гласно кажете кој е кој. Тргнете ги маските и покажете си ги лицата, покажете го ненапудрениот нос, брчките под очите, солзите, знам, не се совршени, но, барем се реални“.

 

ДАРЈА

ОХРИД, НОЕМВРИ-2013

Охридското крајбрежје е прекрасен дел на Охрид. Патот што води до манстирот св. Наум, што се наоѓа на самата граница со Албанија, е одличен предел за панорамско возење. Бројните туристи, во текот на летото, се воодушевени од глетката што ја дава магијата на големото синило.

…Дарја со својот автомобил возеше по тесниот пат што водеше накај плажите, нејзиниот поглед беше изгубен, се слушаше нејзиното срце што отчукуваше забрзано, солзи течеа по јаболчестото лице, нејзината рака бавно ја насочуваше кон шалот што се наоѓаше на нејзиното грло, тој шал како ортома ја гушеше, немаше воздух во нејзините гради. Го ослободи своето грло фрлајќи го шалот на совозачкото седиште, каде расфрлани стоеја засписите за нејзиниот нов роман. Возеше пребрзо за тој дел од патот, невнимателна беше, а дождот што сè позасилено ја напаѓаше нејзината шофершајбна го отежнуваше видливото поле. На радиото од нејзиниот автомобил течеше песната „Кажи ми“ од Драган Мијалкоски. Ги слушаше зборовите на песната, а солзите никако не можеше да ги сопре. Таа како да се беше договорила со небото заедно да плачат, за да го поплават езерото. Бришачите забрзано ги растеруваа капките дожд што се наталожуваа на шофершајбната. Се размина со два автомобили, едниот од нив имаше долги светла, тие го попречуваа нејзиниот видик. Ги затвори очите за миг, имаше опасност да скршне од патот поради тоа. Одеднаш пред неа се појави полицискиот знак СТОП, испаничено го запре автомобилот, го отвори прозорецот и го поздрави полициското лице.

„Добра вечер, ќе Ве молам патни исправи госпоѓо!“, рече полицаецот, кој веројатно ја препозна славната писателка и како да чувствуваше срам што ја сопрел, па поткашлуваше за да си го врати гласот, што беше за҆рѓал од преголема возбуда. Дарја немо ја гледаше неговата силуета пред себе, неговиот глас зуеше низ нејзината глава, очајно ја бараше возачката дозвола и едвај ја пронајде. Немаше тон, само ја гледаше устата на полицаецот и како глувонема му читаше од усните, ВНИМАТЕЛНО ВОЗЕТЕ ГОСПОЃО СИДОРОСКА. Климна со главата и продолжи да вози уште неколку километри, уште позбунета од што беше претходно. Пред неа ја забележа таблата на којашто со големи букви беше испишано ЗАЛИВОТ НА КОСКИТЕ, даде сигнал за десно, го паркира автомобилот на паркингот пред МУЗЕЈОТ НА ВОДА, го исклучи моторот, но, ги остави светлата запалени, излезе и се доближа до оградата. Песната на автомобилското радио сè уште траеше, нејзиниот поглед беше вперен во покривот на наколните колиби и одблесокот од езерото. Дождот ја намокруваше нејзината коса и облека. Капките дожд капеа од нејзиното лице и се мешаа со солзите. Дишеше длабоко, нејзиниот поглед беше упатен кон водата. Слушна музика што доаѓаше од нејзиниот капут. Ја стави раката бавно во џебот, го изваде телефонот, на екранот пишуваше МИЛА…. погледот повторно го насочи кон наколните колиби и одби да одговори на повикот…

 

DSC 2339 2

 

ДАРЈА

ОХРИД, ДЕКЕМВРИ- 2013

Работната соба на Дарја беше на вториот спрат од куќата на Сидороски, во неа имаше некој спокој, топлина, некоја магесна позитивна енергија што ѝ беше потребна за да твори. Таа уживаше кога работеше во неа, а паузите ги пополнуваше уживајќи во прекрасниот поглед што го даваше нејзиниот балкон. Големиот прозорец ја осветлуваше нејзината работна маса, а тоа ја мотивираше и ѝ ја даваше потребната енергија. Дарја ја сакаше белата боја, сакаше светли простории, веруваше дека тие носат среќа, не ги сакаше мрачните соби и затемнетоста, тоа влијаеше на нејзиното расположение, создаваше депресија и темни мисли во неа. Отсутна во приказната што ја везеше на својата машина, често погледнуваше преку прозорецот и се замислуваше, како да сакаше да се присети на нешто што го доживеала или можеби само размислуваше што понатака ќе пишува. До нејзината машина за пишување имаше филџан топол чај, што го проголтуваше капка по капка секогаш кога ќе почувствуваше жед. Беше сè уште под импресии од вчерашниот ден и во еден здив удираше на буквите од машината, како да сакаше што побрзо да ги истури мислите врз парчето хартија.

…  Колку ли е потребна издржливост, цврста волја и морал за човек да одолее на искушенијата што му ги задава животот? Дали јас, таа што го осудуваше неморалот околу себе, таа што веруваше во доживотна љубов и верност ќе потклекнам пред искушенијата што ми ги зададе атлетското тело на еден младич кој пролетуваше покрај мене!? Ќе успеам ли да одолеам и да го користам разумот кога секоја клетка во моето тело вришти барајќи го неговото, ќе се повикам ли на свеста, моралноста или ќе ставам бариера затоа што тоа е она што се очекува од мене? Или ќе се изгубам некаде во густата шума на страстите, еротиката и сексот задоволувајќи ја својата животинска потреба…

          Петар влезе во нејзината работна соба, таа беше толку внесена во текстот што го пишуваше, што воопшто и не го забележа неговото присуство. Таа кога работеше секогаш беше сама, нејзиниот сопруг ѝ ја имаше овозможено сета удобност, мир и комфорт што ѝ беа потребни. Тој никогаш не ја вознемируваше дедека беше во нејзиниот уметнички занес, но, ете, тој ден влезе кај неа.

 

35923539 10214503340390159 8337548050100649984 n

„Дарја, извини што те прекинувам, ќе ја одложиме вечерата, вечерва морам да го менувам д-р Зафироски“. Петар некако нервозно ја кажуваше веста дека нема да одат на веќе долго договараната вечера што беше, секако, на нејзина иницијатива. Таа после двете средби со Оливер како да чувствуваше вина, па сакаше со својот сопруг да ја обнови романтиката, да ја разгори страста. Тие откако се роди Александар скоро никогаш не излегуваа сами, секогаш беа во нечие друштво, ретко поминуваа квалитетно, заедничко време. Посакуваше да се вратат тие мигови, сакаше повторно нејзиното срце да зачука за човекот кого го избрала за свој животен сопатник, таткото на нејзиниот син, но, Петар едноставно, не ѝ дозволуваше. За него секогаш сè друго беше поважно. Тој стана како оние мажи во брак кои откако ќе ја освојат љубовта на својата жена, веќе се откажуваат од изненадувањата, од романтиката, од вниманието. Тие несвесно го прават сè она што е доволно за да се уништи љубовта.

Дарја беше збунета од неговото присуство во нејзината работна соба, бавно ги изваде очилата и погледна кон него.

„Ова ти е четврто дежурство оваа недела! Зарем некој друг не може да го замени?  Петар, па едвај се гледаме јас и ти, ја планирав со денови нашата вечера, се радував за неа! Па, колку време не сме излегле насамо јас и ти? Што е сега, зарем одеднаш станав неважна, зарем моите потреби се помалку важни од твојата работа? Јас разбирам дека треба да се помагате со колегите, ама ти вечерва не си слободен, имаш состанок со својата сопруга, зошто ја прифати замената, зошто?“ Дарја тажно коментираше и се бунеше за одлуката на својот сопруг, кој во последно време тотално ја запоставуваше.

„Дарја, знаеш дека нема доволно лекари, а само јас сум слободен вечерва. Извини, ќе надополниме друга вечер“. Петар нервозно се обидуваше да ја разубеди својата сопруга наметнувајќи ѝ ја својата лекарска должност.

„Петар ми се чини дека ден и ноќ работиш. Ми недостасуваш! Осамена сум, ми требаш, не оди!“ Дарја молбено се обрати кон Петар обидувајќи се со нежност да го разубеди да ја откаже замената. Таа во тој момент како да го молеше да ја сака, да ја врати од патот по кој беше зачекорила, молеше да ѝ помогне да остане во тој брак со сето срце и душа. Го молеше да не дозволи да се изгубат, но молбите беа залудни.

„И ти мене душо ми недостасуваш, работа е работа! Досега немавме проблеми околу моето одење на дежурство, што се смена сега одеднаш!? Извини, ама те молам сфати ме, морам да одам, мојата професија е одговорна, јас знаеш дека може и да бидам извлечен од кревет ако дојде некој итен случај. Едноставно е, ти знаеше за кого се мажиш нели, знаеше дека покрај себе имаш сопруг хирург и мислев дека досега се помири со тоа мое често отсуство од дома! “ Петар се доближа до нејзиниот стол, ја бакна нежно и се упати кон вратата.

„Но, Петар, чекај…“ Дарја се обидуваше да го спречи да ја напушти просторијата.

„Одам се гледаме утре!“ Петар решително излезе од собата.

Дарја остана повторно сама меѓу книгите, разочарана од неуспехот да го убеди сопругот да поминат заедничка, опуштена ноќ, се растажи. Таа покрај својата слава и успешност, сепак, беше жена, жедна за внимание, љубов и нежности. Таа дотрча во Охрид по успешниот хирург оставајќи сè во родната Русија, своите најмили, браќата, родителите, пријателите. Го остави домот затоа што беше сигурна дека тука ќе изгради свој, беше убедена во тие моменти дека Петар е човекот кој ќе ја штити и усреќува. Но, не беше баш така, ја болеше неговата себичност, тој мислеше само на тоа што е добро за него, а најмногу што ја измачуваше беше тоа дека таа никогаш не можеше да влијае на него. Тој никогаш не правеше ништо за неа, ако тој истото не го сакаше. Тоа најмногу ја пресече, почна да ја гризе рамката од своите очила од бес и болка, од доживеаното разочарување и тивко за себе прошепоти.

 „Но, вечерва ни е годишнина!“    

 

DSC 2456 2

ОЛИВЕР

ОХРИД, ДЕКЕМВРИ- 2013

…Добро! Ти благодарам, сликите се навистина убави, но, јас сега морам да одам до издавачката куќа!“ Дарја со најбрзи чекори тргна кон степениците, таа бегаше во тој миг, бегаше од Оливер како од ѓавол. Оливер се обиде да ја запре, ги испушти рацете за да ја дофати, но, потоа ги стегна во тупаници и ги врати во својата коса, мазнејќи ја со бавни движења. Сакаше да вика, да моли да остане, но, свесен беше дека на сила не може ништо.

„Зарем ништо не ти се допадна? Остани барем да испиеме кафе заедно, првпат влегуваш во мојата книжарница. Поточно горе, на третиот кат е мојот стан, таму можам да те послужам со париско кафе, тоа ми е наменето за моите специјални гости, гости како тебе Дарја!“

„Благодарам! Мојот менаџер ме очекува во издавачката куќа. Треба да потпишам договор за мојот нов роман. Извини, морам да одам!“ Дарја само сакаше да слезе најбрзо што може преку тие степеници и да исчезне. Нејзината чанта беше ја ставила на столот, до влезот од галеријата, но, нејзината глава можеше да мисли само на тоа како најбрзо да замине. Таа неумешно ја одмина чантата, слезе изгубено по степениците со чувство како некој да ја туркаше, протрча низ нив и се упати кон излезот.  Излезе од книжарницата, во тој миг личеше на преплашено дете што беше бркано од страшен пес, одеше со брзи чекори до својот автомобил што го беше паркирала на градскиот плоштад, се обиде да ги досегне клучевите, а во тој миг сфати дека нејзината чанта не е врз неа. Ги затвори очите за момент, нервоза ја фати поради нејзината заборавеност и негрижа за своите лични работи, упати поглед кон галеријата, не смееше да се врати. Ако се појавеше таму беше како да се упатува директно во устата на леопардот. Удри со раката по вратата, воздивна, го исправи своето тело, дишеше длабоко, нејзините чекори се упатија кон книжарницата. Влезе во книжарницата, олеснително беше што немаше никој, но таа знаеше дека повторно мора да ги помине тие степеници што водат до галеријата, тие неколку степеници за неа беа најтешкиот пат што требаше да го изоди. Се налути на себеси што ја остави таму, барем да ја оставеше во книжарницата, полесно ќе беше, може ќе можеше да ја земе без Оливер да ја запримети и да исчезне. Но, што е тука е, мораше да се врати по неа, немаше друг излез, одеше нагоре по степениците и се молеше тој да биде во неговиот апартман за таа само да може да ја пружи раката до столот, да ја земе чантата и да замине нечујно, но, не беше така. Кога го упати својот поглед нагоре го здогледа  Оливер како замислено стои пред сликата за која таа зборуваше и кон која го насочи своето внимание. Чантата беше на еден од столовите, се обиде да посегне тивко по неа без да биде забележана, во тој миг врз нејзината рака беше поставена неговата. Оливер со сета своја снага ја привлече кон себе, ја доближа многу близу до своето тело и силно ја стегна. Дарја можеше да го наслушне биењето на неговото срце, трепетот на рацете, неговата топлина.              

„Се вратив по чантата! Сум ја заборавила. Оливер, те молам, пушти ме, треба да одам!“ Дарја како да се созеде од ситуацијата и се обидуваше да се извлече од прегратките иако не беше баш сигурна дали го сакаше тоа. Оливер воопшто не ја слушна нејзината молба, напротив, ја стискаше сè поцврсто кон себе, неговите очи гледаа во нејзините, неговата рака ја стави во нејзината коса, со бавни движења ја допираше по вратот и усните, се доближа до нив и се обиде да ја бакне.

„Ти никаде нема да одиш! Ти овде припаѓаш, ти си на вистинското место! Речи дека не сакаш да бидеш овде и ќе те пуштам, речи!“ Оливер беше понесен од моментот на интимноста и подготвен беше да изгори заедно со неа, сигурен беше дека таа ќе потклекне на неговите допири, сигурен беше дека ќе ја освои, но, сакаше и таа да го сака тоа.

„Пушти ме! Треба да одам!“ Очите на Дарја беа полни страст, нејзиното тело стоеше прилепено до неговото, нејзиниот поглед молеше да не ја пушта иако усните го изговараа спротивно. Тие само беа во исчекување на неговите. Дишењето забрзуваше, таа не можеше да го издржи неговиот поглед, замижа и веќе се предаде, ги подаде своите усни кон неговите, заборави на сè, во тој миг не беше важно која беше таа, дали беше омажена и мајка, дали беше славна писателка. Во тој миг таа беше жена која се предаде на страста, жена која сакаше да биде љубена и која сакаше внимание. Но, во тој миг Оливер ја пушти и ја оддалечи од себе. Тој сфати дека таа се предаде, но, сакаше тактички да го разгори пламенот уште повеќе.

„Добро, ако така сакаш, те пуштам!“ Тој ги тргна неговите раце од нејзината половина и коса. Се оддалечи од неа и ѝ даде простор да тргне кон скалите. Дарја тргна до првата степеница, но, застана. Се сврти кон него, а тој веќе беше тргнал да ја спречи да оди, иако пред само неколку секунди ја пушти. Повторно ја зграпчи, овојпат немаше намера да ја испушти, овојпат беше решен да ја има.

„Извини, не можам да те пуштам да одиш! Едноставно, не можам. Не сега, не денеска! Кога кажа пушти ме, почувствував дека ме лажеш! Ти лажеш Дарја дека сакаш да одиш, лажеш!“ Тој ја привлече кон неговите усни за да ја бакне. Дарја почна да трепери во неговата прегратка. Се бакнаа страсно, во нејзиното срце се родија оние исти пеперутки што беа присутни кога за првпат се бакна со Петар, само што сега беше многу поинаку, сега таа беше зрела жена со искуство зад себе, а пред неа имаше еден прекрасен млад човек, жеден за нејзината љубов. Ја бакнуваше со таква страст што Дарја не веруваше дека се наоѓа на овој свет, таа се изгуби во тие бакнежи, а нејзиното тело се препушти, воопшто не се опираше на неговите допири. Тој ја крена и ја однесе на своите раце до третиот кат, каде што беше неговиот стан. Ја внесе во неговата спална соба и почна полека да ги откопчува копчињата од нејзиниот црвен фустан, полека го спушташе по нејзиното тело восхитувајќи се на глетката пред себе, почна да ја бакнува од стапалата па нагоре, гледаше како нејзиното тело трепери од секој негов допир. Ги бакнуваше нејзините нозе бавно движејќи се кон колковите, потоа неговите усни се најдоа на папокот, па нагоре кон градите и вратот. Дарја се изгуби во љубовниот акт, таа досега не го имаше доживеано ова чувство, таа заборави која е, каде е и зошто дошла. Сета трепереше во исчекување на спојувањето на нивните тела, човекот пред неа ја разбуди заспаната страст што години тлееше како заборавено жарче во нејзината душа. Тој веќе беше споен со неа, а таа посакуваше тоа никогаш да не заврши. Самиот сексуален чин ја оживеа, ја врати насмевката на нејзините усни, таа се почувствува жива повторно, посакувана, женствена. Од тој ден Дарја Левин повеќе не беше истата жена.

 

35971976 10215148523860277 446100437511176192 n

ИЗВАДОЦИ ОД РОМАНОТ „БЕЗИЗЛЕЗ“ 

 

ЛИДИЈА

ОХРИД, АПРИЛ- 2014

Лидија сè уште седеше на столот од трпезариската маса пред преполовеното шише со виски и празната чаша.

„Ете, тоа беше мојот тегобен пат до Амстердам, тргнав да го најдам таткото на моето дете, полна надеж дека ќе се усреќиме, а завршив на шипка. Да, ме немаше за својот син, почнав да танцувам со мисла дека тоа ќе биде само три месеци, за парата да ми го помати умот и да се решам да продолжам уште еден договор од три месеци. И така, три месеци по три, се направија шест години. Не бев ни свесна како брзо времето помина, бев задоволна од примањата, знаев дека мојот Климент беше во добри раце, рацете што мене ме одгледаа. Влегов во таа машинерија и ме сомле. Мојата болка ја лечев со зелените банкноти што ги броев секоја вечер во мојата соба. Нив двајца не им фалеше ништо, тоа ме смируваше. Половина од мојата плата секој месец ја праќав на сметката на мојата мајка, тоа беше повеќе и од доволно за нив двајца, но, побарав од неа да се реновира куќата, Климент да има најубави услови, да ги има најмодерните парчиња облека во градот, да ја има секоја играчка што ќе ја посака. Сакав преку материјалните нешта да ја надополнам празнината на мајчиниот лик во неговото срце. Но, откако се вратив разбрав дека многу сум згрешила, дека сум пропуштила сè, неговиот прв збор, неговото прво запче, прв чекор. Згрешив, но, конечно тој мој син е покрај мене, ќе спие во модерната соба во овој нов стан што го купив по враќањето од Амстердам. За нецели шест години имам доволно за нов почеток. Се изборив за него и успеав. Климент секогаш ќе има сè што ќе му биде потребно, никогаш нема да страда како што страдав јас, за нови патики, кондури, џинс. Страдав, затоа што мојот татко, чие име го носи мојот син, ги пиеше тие патики. Беше тежок алкохоличар, а мајка ми беше немоќна да му помогне…

 Ти ме најде таму, ме симна од шипките,  знаеш како успеав да направам пари, успеав како стриптизерка.“ Лидија веќе пијана наздравуваше со празната чаша.

 „За стриптизерката Лола! Во нејзина чест! На здравје!“ Давид ѝ се доближа, ја зеде чашата од нејзината рака и ја прегрна цврсто. Тој беше среќен што таа му раскажа сè. Нејзината доверба кон него му значеше многу, после тоа отворање на нејзината душа тој ја засака уште повеќе.

„Лидија, знаеш дека јас те сакам со сè што ти припаѓа, те сакам со твоето минато. Јас тргнав да те барам свесно. Уште од нашата прва средба. Тоа не беше дискотеката. Лола, твоето име остана врежано во моево срце, како тетоважа се постави во мојата глава, ми влезе под кожа. Потоа, те видов во дискотеката таа ноќ и знаев. Знаев дека си посебна. Поминуваше пред Медицинскиот факултет, тргнав по тебе, те следев Лола, не дојдов тукутака кај тебе, те следев и имав некоја ужасна потреба да те најдам. Јас морав да те најдам! Те сакам, го сакам и твојот син, иако не го знам, но, ти ветувам, ќе го чувам, одгледувам и воспитувам како да е мое дете. Доволно ми е што е твој за да го сакам, затоа што јас сакам сè што е твое“. Давид почна да се отвора и ѝ призна дека ја следел, дека се интересирал за неа, а потоа како случајно дошол во стриптиз барот. На Лидија ѝ беше мило кога го слушна тоа, сакаше мажи што се борат до крај за жената која планираат да ја освојат. Се гадеше од кукавиците кои не знаат да се изборат за својата среќа. Сепак, беше свесна дека Давид е од угледно семејство и сигурна беше дека неговите нема да ја дозволат таа нивна љубовна врска.

 

DSC 2304 2

„Што ќе речат твоите родители на тоа Давид? Прекрасниот, строен маж, убавиот Давид Сидороски од престижната охридска фамилија на доктори, се вљубил во стриптизерка! Имаш познат брат хирург, огледало на семејството, треба да тргнеш по неговите стапки, да ја оправдаш нивната доверба, да завршиш факултет, да се ожени за девојка од позната фамилија и да основаш семејство и дом. Тоа се нивните очекувања Давид, а не Лола. Како ќе ме претставиш, ќе го криеме Климент? Моето семејство знаеш ли кое е? Климе алкохоличарот кој пред седум години се самоуби мешајќи ракија со лекови за смирување. Дај соземи се, и да сакаме нема да ни дозволат! Зарем Давид, кој високо котира како еден од најпосакуваните охридски ергени, ожени девојка со дете? Па, уште ако прокопаат за моето минато, мислам дека ќе те уништат. Ни јас, а ни ти нема да можеме да уживаме во таа наша љубов. Зарем веруваш дека ќе го дозволам тоа? Не Давид, не можам да ти го направам тоа, не тебе!“ Лидија беше искрена и разумна иако беше под дејство на алкохол, но, Давид не сакаше да се помири со таа нејзина изјава. Тој не се сметаше себеси за ништо подобро од неа, тој имаше толку грозно минато што, можеби, ако се споредат, беше стопати полош од неа. Тој ги лажеше своите родители за положените испити, го лажеше својот брат, ја лажеше секоја девојка која ќе посакаше да започне искрена врска со него. Тој беше еден изгубен пропаднат студент по медицина, кој беше залутал на тој факултет задоволувајќи ја желбата на своите родители. Тој својот револт и агресија ја покажуваше со тоа што сакаше да им врати ним, на родителите кои го воспитуваа и одгледуваа, сакаше да ги усрами, луташе по улиците, одеше по баровите ејакулирајќи во секоја жена која ќе излезеше пред него и која ќе му се видеше лесен плен. Земаше кокаин за да може буден да ги помине ноќите, понекогаш не спиеше со денови, само за да не испушти ништо од тој неморален живот. Но, Лидија го промена, таа го освести, покрај неа тој посака да се промени, сакаше да биде подобар човек, баш поради неа. После ова што му го раскажа пред малку, таа во неговите очи стана херој, мајка борец, која решила да ги жртвува најубавите години од животот на својот син, решила да работи нешто што го презира само за да не се врати назад поразена, само да не ги разочара мајка си и синот. Таа во неговите очи беше светица и тој беше спремен да му се спротивстави на сиот свет, само ако му дозволи да ја чува и заштитува до крај.

„Лидија, Лола, моја Лола, па, ти воопшто не ме познаваш! Јас живеам за себе Лола, за себе, а луѓето, пушти ги нека си прозборат. Јас верувам во нас, верувам во нашата љубов, верувам дека ќе успееме, затоа те молам, дај ни шанса! Дај си шанса да бидеш среќна, секој заслужува да биде среќен, и јас, и ти. Знам дека можам да те усреќам, го чувствувам тоа, за првпат во мојот живот“.

„Давид, се плашам, првпат во животов се плашам“. Лидија веќе беше омекнала од зборовите на Давид, таа го чувствуваше искреното срце, но, сакаше да го заштити и да го предупреди. Свесна беше дека ќе биде тешко, многу тешко.

          „Добро знаеш дека животов не ми беше лесен, ако ова е сон, тогаш се плашам да се разбудам. Се плашам од помислата да се навикнам на тебе, да навикнам да бидеш покрај мене, да се навикнам да спијам покрај тебе, знаеш зошто?“ Давид во тој момент седна до неа и ја прегрна, клекна пред неа и ја држеше за рака.

„Се плашам дека ќе ти се здосади таа улога на сопруг и татко што во овој момент може ти изгледа како предизвик, се плашам да те имам, да навикнам на твоето внимание, на твоите пораки, на грижата кон мене, да навикнам на љубов. Се плашам да го делам животот со тебе, а после да треба да те изгубам. Немам веќе сили за нови почетоци, изморена сум од запознавање луѓе, изморена сум од давање шанси за среќа, не можам повеќе, затоа те молам, не доаѓај повеќе кај мене со вакви изјави, јас покрај тоа што сум осамена жена, јас сум и мајка која нема да дозволи нејзиниот емотивен живот да влијае врз состојбата на нејзиното дете. Јас, нема да дозволам некој човек да влезе во мојов дом, мојот ангел да го засака, за потоа да му исчезне, нема да дозволам, имај го тоа на ум. Се плашам дека твојата фамилија ќе почне да копа за моето минато, се плашам дека ќе те засрамам. Премногу страв има во мене за ова нашево да опстои. Те сакам, но, често љубовта не е доволна и самиот го знаеш тоа.“ Лидија ги призна своите чувства кон него, но и своите стравови. Давид кога ги слушна тие зборови на љубов, клекна пред нејзиниот стол, извади плишано, црвено, кутивче во форма на срце од својот џеб, го отвори принесувајќи го пред нејзината рака, гледајќи ја со своите навлажнети очи. Лидија беше стаписана.

„Јас не сум овде за да заминам. Јас сум овде за да останам. Вечно! Лола, ќе сакаш ли да го усреќиш овој несреќник и со твојата убавина, нежност, посветеност, љубов, да бидеш негова жена, негова пријателка, негово утро и вечер, причина и смисла за живот? Лола, ќе се омажиш ли за мене?“ Давид беше послан пред нејзините нозе, молеше за нејзината рака колнејќи се на вечна љубов, Лидија беше бледа, а од нејзините очи течеа солзи.

 

DSC 2413 2

 

ИЗВАДОЦИ ОД ЗБИРКАТА ДРАМИ 

 

Суд за морални вредности

 

28 Мај, 2074, мракот ја загушуваше светлината на денот. Не остана ништо од природата, земјата беше целосно покриена со асфалт, насекаде се ширеше мирисот на бетонско, неподносливото сивило. Чипот наречен жиг на ѕверот (666) беше вграден во десната рака и врат на секој човек. Преку него се контролираа сметките во банките, криминалното досие, верската припадност, адреса, идентификација, па дури и чувствата. Се чипираше секое новороденче, чипот го рекламираа како заштита од киднапирање, а за болните навремена информација за својата болест. Но, ни чипирањето не успеа да го спаси светот, му се закануваше зло од исчезнување. Чипуваните научници неуморно го бараа спасот, се чинеше залудна нивната деноноќна работа. По долгите испитувања најмудриот меѓу нив, д-р Македон, се реши да ја отвори старата гробница сместена на ридот од градот. Тој рече: „Светот се пренатрупал со незавршени дела, мора да се започне од некаде!“ И влезе во неа. По повеќечасовен престој во гробницата од неа излезе д-р Македон, но, не беше сам.  По него бавно се движеа шестмината, гневни, разбудени мртовци.

Македонија 28 Мај 2014 година, среда.

ЗАПИСНИЧАРОТ

          Ана Каренина, две обвиненија, првото од нејзиниот сопруг Алексеј Каренин од кого е обвинета за напуштање на домот, бракот и синот Серјожа, раѓање на вонбрачно дете, бегство со офицерот Вронски. Второто обвинение е од општеството, за кокетирање со насмевка.

 

DSC 2497 copy

СУДИЈАТА

          Судството ја замолува обвинетата да пристапи на обвинителната клупа.

ЗАПИСНИЧАРОТ

Заколнете се дека ќе ја зборувате вистината!

АНА КАРЕНИНА

(се поклонува пред Јустиција грациозно и седнува на обвинителното столче)

 Го имате мојот збор!

СУДИЈАТА

Обвинета, како ќе се изјасните по двете обвиненија?

АНА КАРЕНИНА

          (гордо) Јас сум невина чесен суде!

СУДИЈАТА

          Добро, обвинителу, судењето може да започне, повелете!

ОБВИНИТЕЛОТ

          Г- ѓо Каренина, хм, го носите презимето на вашиот сè уште законит сопруг, бесрамно влетавте во прегратките на друг човек, пребегавте со него во Италија, го оставивте вашиот мал син Серјожа. Каква мајка сте вие госпоѓо Каренина кога сте способна да го оставите невиното суштество кое е беспомошно без вас, кое пати за вашето внимание? Доволно бевте дрска да се препуштите на забранетата љубов, до каде мислите дека вреди да се оди во името на љубовта?

БРАНИТЕЛОТ

          Приговор чесен суде! Обвинителот изнесува свои готови заклучоци што одат во штета на обвинетата. Премногу морализирање и наметнување на својот став кон поротата. Барам досега кажаното да се поништи и да се смета за нечесно наведување на поротата.

СУДИЈАТА

          Приговорот се прифаќа! Обвинителу, бидете поконкретни во своите прашања и ве молам не донесувајте искази во кои го сместувате вашето мнение, а и не наведувајте го аудиториумот на вашиот став. Продолжете!

ОБВИНИТЕЛОТ

          Г- ѓо Каренина, додека бевте во брак со вашиот сопруг во општеството бевте ценета и важевте за образована, емотивна, аристократска, културна жена, а сето тоа во склоп со вашата убавина ја даваше сликата на умерениот и складен хармоничен брак. Заминувате без трошка грижа кон вашиот син, го навредувате и понижувате вашиот сопруг за задоволување на вашите страсти. (замавнува на масата со раката) Осудена сте од мажот за нарушување на хармонијата во семејството и претрпената болка на вашиот син заради вашето отсуство. Дали вие Ана Каренина насилно бевте одведена од офицерот Вронски и без ваша желба го оставивте вашето семејство?

АНА КАРЕНИНА

          (отсечно) Не!

ОБВИНИТЕЛОТ

          Погласно г-ѓо Каренина. Не ве слушнавме!

АНА КАРЕНИНА

          Заминав по своја волја. Офицерот Вронски не е виновен за таа моја постапка.

ОБВИНИТЕЛОТ

          Омажена и почитувана жена, заведувате слободен офицер и го носите во очај да мора да бега со вас и да го посрами својот чин, вашата дрскост и неморал оди до тие граници што вие зачнувате вонбрачно дете. Знаете ли воопшто кој е татко на тоа дете?

БРАНИТЕЛОТ

          Приговор! Обвинителот упатува директни навреди кон личноста на обвинетата, молам да ги повлече последните искази и да ѝ се извини.

СУДИЈАТА

          Приговорот се прифаќа, обвинителу, внимавајте на вашите искази како не би добиле казна за клевета која може да досегне и до девет илјади евра.

ОБВИНИТЕЛОТ

          Добро, се извинувам г- ѓо Каренина. Насмевнете се ве молам. Имате толку убава насмевка! (Ана се насмевнува) Насмеан човек мора да има добра причина за тоа што го прави и таа причина треба да е очигледна. Кога луѓето се смеат без двоумење, без никаква причина како вие сега, Русите тоа го сметаат за вештачко и неискрено.

БРАНИТЕЛОТ

          Приговор! Чесен суде, обвинителот раскажува новинарска статија за олимпијадата во Сочи, која според мене нема никаква врска со обвинението врз г-ѓата Каренина. Па, што зарем воведовте и закон забрана за смеење?

СУДИЈАТА

          Бранителу, во мојот последен испит што го спремав минатата година пишуваше дека националната недоверба кон западната насмевка потекнува од почетокот на Советската ера и антиамериканската пропаганда. Ладното лице на Русите нема врска со Достоевски и студената клима, експертите на тема човечко однесување објаснуваат дека во колективистички нации како Русија и Кина луѓето имаат тенденција да ги неутрализираат среќните изрази, за да се вклопат во остатокот од населението.

БРАНИТЕЛОТ

          Добро, рековте Русија и Кина, но, ние сме во Македонија! Зарем ќе почнете да ни ги контролирате и чувствата?

СУДИЈАТА

          Бранителу, приговорот ви е одбиен, јас не ги измислувам законите, тие се донесени од стручни лица за потребите и доброто на нашата нација. Обвинителу продолжете ве молам и не се расплинувајте, бидете поконкретен во вашите прашања.

ОБВИНИТЕЛОТ

          Поентата ми беше дека во Русија на улица се смеат само два типа на луѓе, идиоти и богати. А богатите не одат по улица. Госпоѓо Каренина вашата прва средба со Вронски беше на железничката станица, вашиот сопруг ве обвинува дека вие сте ја користеле вашата насмевка на улица, во јавност. Дали го заведовте офицер Вронски со вашето кокетирање и насмевката под вашиот длабок и продорен поглед?

АНА КАРЕНИНА

          Тој воз е мојот воз станица на страста, тој воз го уништи мојот семеен живот, социјален живот и на крај мојот физички живот. Почитувањето се измислило од општеството.

СУДИЈАТА

          Молам! Повторето го уште еднаш вашиот исказ и објаснете ќе ве молам!

                                                АНА КАРЕНИНА

          Почитувањето се измислило од општетсвото за да се покријат празните места, празните и пусти места како пустината без оаза, празниот простор во срцето каде љубовта треба да биде.

СУДИЈАТА

          Вие го обвинувате општеството на обвинителна клупа г-ѓо Каренина? Знаете ли дека може да се здобиете со уште едно обвинение за клевета против општественото уредување?

АНА КАРЕНИНА

          Не, чесен суде! Ве молам не ги превртувајте моите искази. Јас само гласно го искажав мојот став во врска со мојата моментална состојба. Не планирам ова да го објавувам во ниту една редакција.

СУДИЈАТА

          Во иднина внимавајте на вашите искази, запомнете дека сè оди во записник. Продолжете обвинителу!                                           

ОБВИНИТЕЛОТ

          Г- ѓо Каренина, дали сега, после сè, мислите дека вистинската љубов и страст се вредни за прекршување на моралните принципи и откажување од општествениот статус и семејството?

АНА КАРЕНИНА

          Тој мој сопруг, Каренин, никогаш не помисли дека јас сум жива жена на која ѝ треба љубов. Зарем мислите дека не се трудев сите тие години со сите сили да пронајдам нешто што ќе го осмисли мојот живот? Зарем мислите дека не се обидував да го сакам… да го сакам својот син, кога не можев да го сакам сопругот?

ОБВИНИТЕЛОТ

          Вие г-ѓо Каренина со вашата постапка наведувате луѓе од вашето опкружување да го следат вашиот неморал, па, уште и да му се восхитуваат! Општеството не смее да го дозоволи тоа, а воопшто не смее да дозволи да ги исмејувате стандардите втемелени во светот на руската аристократија. Кажете ми како се чувствувавте кога дрско се појавивте во театарот непосредно по вашето доаѓање од Италија?

АНА КАРЕНИНА

          Јас ги сносувам врз себе последиците од моите постапки. Јас сум само една жена која е родена да љуби и да биде љубена, жена искрена кон самата себе.

ОБВИНИТЕЛОТ

          Господа и дами поротници, пред вас е една неморална жена која го напушта синот и мажот и бега со својот љубовник, со кој воедно има и ќерка, а по законите таа ќерка го носи презимето на Каренин затоа што таа сè уште е во брак со него. Меѓу вас има и мајки, помислите каква е таа жена која остава дете за друг маж? Каква е таа жена која заведува со својата насмевка по железничките станици? Каква е таа жена која тврди дека не го љуби нејзиниот маж, а има дете со него? И на крај од моето излагање, уште еднаш сакам да го потенцирам искуството дека судирот на единката со колективот секогаш резултира со пораз на единката.

СУДИЈАТА

          Благодарам обвинителу! Сега збор има застапникот на одбраната. Бранителу, обвинетата е ваша!

БРАНИТЕЛОТ

          (ја мести својата коса, пристапува кон обвинетата)

Г- ѓо Каренина, по запознавањето со офицерот Вронски вие се вративте во вашиот град, таму на станицата ве чекаше вашиот сопруг. Што почувствувате кога го видовте, бевте ли среќна?

АНА КАРЕНИНА

          Морам да признам дека тој ден на станицата мојот сопруг почнав да го набљудувам на нов критичен начин. (се закашлува).

БРАНИТЕЛОТ

          Објаснете ќе ве молам, како го гледавте Каренин?

АНА КАРЕНИНА

          Па, како да кажам, забележав дека ушите чудно му стрчат, на пример.

БРАНИТЕЛОТ

          Ви благодарам! Сакам овој исказ да влезе како одбрана за нејзините чувства. Таа престанала да го сака својот сопруг штом може да забележи дека физички не ѝ е привлечен. Г-ѓо Каренина сите сме сведоци дека вонбрачни врски постојат во ова наше општество, зошто таа ваша страст не си ја задоволивте со Вронски и да си останевте во фарсата брак, како што прават многумина угледни луѓе од високото општество на коешто припаѓате?        

                                                СУДИЈАТА

          (замавнува со чеканчето)

Бранителу, ќе ве молам да не изнесувате такви заклучоци, во судницата имаме многу угледни луѓе кои може да се навредат од вашата изјава. Бидете повнимателен во иднина или ќе морам парично да ве казнам за навреда.

БРАНИТЕЛОТ

          Се извинувам! Г-ѓо Каренина одговорете на моето прашање ве молам!

АНА КАРЕНИНА

          Кога има колку глави- толку умови, тогаш и колку срца- толку љубови! Мојот сопруг кога кажуваше дека ме љуби, неговите зборови беа толку пластични, толку ладни и помислував зарем тој може да љуби? Та ако не беше чул дека постои љубов, тој никогаш не би го ни употребил тој збор. Тој и не знае што е тоа љубов!

ОБВИНИТЕЛОТ

          Приговор! Обвинетата го навредува мојот клиент. Тој е прав! Тој е оставен и изигран. Овде и се суди неа, барам да се повлечат тие зборови и да се тргнат од записник.

          (записничарот ги фрла листовите)

СУДИЈАТА

          Се прифаќа приговорот! Обвинета внимавајте на вашите искази.

АНА КАРЕНИНА

          Да, внимавам! Вие да ме судите, а јас да внимавам да не кажам нешто што би го навредило мојот сопруг со срце од камен! Тој бил прав обвинителу, па, тој секогаш е прав, тој е христијанин, тој е великодушен, ви го наполна ќесето нели?! Да, низок и гнасен човек кој не знаеше дека осум години задушуваше сè што беше живо во мене, кој ни еднаш не помисли дека сум жена на која ѝ е нужна љубов.

БРАНИТЕЛОТ

          (ги трие рацете) Oпааа, уште еден случај, г- ѓо Каренина ќе се договориме после парницава да го обвиниме вашиот сопруг за отсуство на љубов и внимание кон вас.

ЗАПИСНИЧАРОТ

          Ова да влезе во записник суде?

(врева во судницата, судијата замавнува со чеканот, упатува строг поглед кон записничарот, ги фрла листовите).

СУДИЈАТА

          Ред во судницата, смирете се! Бранителу во врска со вашите нови случаи ќе договарате надвор од судницата. Сега ве молам завршете со вашето испрашување.

БРАНИТЕЛОТ

          Г-ѓо Каренина, дали кога заминавте со офицерот Вронски помисливте на вашиот син Серјожа?

АНА КАРЕНИНА

          Па, зарем постои мајка која не помислува на своето дете? Тој постојано е во моите мисли. Единствената причина поради која јас сè уште го носам презимето Каренина е тој. Го одбив барањето за развод заради него, мојот мал и мил Серјожа, иако од друга страна тоа би значело слобода за мене. Јас одбивав да бидам љубовница на Вронски и да се задоволам со пријатната и безбедна сексуална меѓуигра. Јас копнеам по страст, преданост, трајност и општествено прифаќање.

БРАНИТЕЛОТ

          Порото, Ана Каренина е само жена виновна за својата судбина, жртва на лажниот морал во светот што ја опкружува. Виновна ли е што е жена која во бракот со Каренин е само мајка, но, не и сопруга? Виновна ли е што се вљубува и посакува да биде со љубениот човек? Зарем е подобро да живее во лажен брак и да врши неморал или е подобро да биде искрена спрема себе? Ви благодарам!

СУДИЈАТА

          Ви благодарам бранителу. Порото, не заборавајте дека и јас сум жена! Положбата на обвинетата ми создаде едно чувство на морепловец што забележува на компасот дека правецот по кој брзо се движи, се разидува далеку од правецот што му треба, но, да го запре тоа движење нема сила. Ајде да гласаме, бели каратони за жената која се бори за љубовта против општеството и црни картон за неморалната мајка која кокетира со насмевката и го остава својот син заради друг човек.

(поротата гласа, записничарот ги пребројува гласовите)

          Хм, интересена одлука, мајката е секогаш жртва за своите деца, дури и кога општеството го смета спротивното. И кога сме веќе кај мајчинството продолжуваме со следен случај Јон против Велика. Записничару запознајте ја поротата со случајот и обвинението.

 

35898631 10214503374271006 149408696613470208 n

Фортуна

Слика петта

 

Фортуната:

 

Трене веќе два месеци не спие во својот дом, Петрана за тоа време се забавував со Тацко, љубовта на нејзиниот живот. Една вечер Трене за некое чудо се враќа доцна во ноќта, среќен и задоволен со својот тренинг за докажување на својата машкост ги наоѓа Тацко и Петрана во неговата постела.

Трене:

 

Петрано, љубов моја, си дојдов, ти се врати мажот.

Петрана:

 

Леле Тацко, дојде будалава, шо му текна да се вратит, никогаш не се враќал олку доцна, криј се!

 

Тацко:

 

Кај да одам, кај да се давам, готови сме!

Трене:

 

Петрано мори! Амори шо прајш мори! И тоа со кого прајш мори, со ова кускуле зарем најде да ме изневервиш? Е сега го отепав!

Тацко:

 

Чекај, Трене, смири се, полека, да разговараме.

Трене:

         

Сега ќе поразговараме, дојди кај мене да ти покажам јас со чија жена ти си нашол да се перкаш! Дојди ваму правниче, мислиш ако си станал правник дека имаш право на секоја жена а?

 

Тацко:

Не греши душа, Трене, само и правев друштво на Петрана, ми се пожали дека секоја ноќ ја оставаш сама и за да ја заштитам јас сум овде, не е то шо мислиш жими тебе. А и дојдов да ја испитам твојата жалба, се сеќаваш пред некое време беше во мојата канцеларија!

Трене:

 

A како ја чуваш бе, ја грејш со грејачот!? Шо не си го чуваш во гаќи? Така ли ја чуваш?

Тацко:

 

Ама не, дозволи да ти објаснам! Дојдов сиот мокар од снегот и кога Петрана твоја легна се преслеков и ги остајв да се сушат пљачките за да не изѕемнам. Вистината ја кажвам, жими тебе!

Трене:

 

Доста бре се колниш во мене! Мене најде да ме мајтапиш, не сум толку глуп колку шо мислиш! Сега ќе ти покажам чија жена ти најде да ја чуваш доцна во ноќта.

Петрана:

 

Прекините, прекинете, јас сум виновна, јас сум причината заради која Тацко е овде, остави го Трене, остави го !

Трене:

 

(оди до него, го гледа одблизу, го допира, погледнува во неговите очи, има тажен поглед)

Тоа навистина си ти! Ти си бре Тацко! O, мори Петрано, браво, браво, не само шо прозборе мори туку почна и да се разубавуваш, ама изгледа за секого се разубавуваш само не за мене. Овде може по сè изгледа јас сум вишокот. Тацко бре…

Петрана:

 

Taцко, земи си ги алиштата и оди си! Ти наредувам оди си!

(Тацко исплашено и кукавички ги збира алишта од подот и заминува).

Јас сум крива, јас сум неверница, јас сум ѓубре, јас сум тиква!

Фортуната:

 

И покрај сè на Трене не му е пријатно што Петрана плаче, неговата љубов кон неа е преголема, сака да ја погали по главата, но ја спречува раката со другата, некое време молчат еден до друг седнати од различни страни на креветот, Трене размислува за последните нејзини реченици.

Трене:

Aјде, мојш да кажиш дека си прељубница, дека си курва, неверница, но, од каде ти текна сега тиква?

Петрана:

 

Tиква сум море Трене, тиква сум!

Трене:

 

E зш си мори Петрано тиква? Шо имаш ти слично со тиквата, освен шо си вкусна како неа, море и повкусна од тиква со мед!

Петрана:

 

(тивко)

Тиква сум Трене, полна сум со семе!

(повторно ја става главата меѓу нозе и почнува да плаче).

Трене:

                                                          

Само да знајш кај бев сето ова време? Само да знајш низ шо поминав, каков срам претрпив, шо сè не признав, си ја погазив честа, само за да ти бидам достоен, да те усреќам и задоволам, а ти мори, Петрано, тиква си станала и тоа со туѓо семе.

(ја напушта собата)

Петрана:

 

(монолог)

Кога би знаел море Трене, ах, само кога би знаел дека женско срце изневервит од душа, кога би знаел дека ти не си тој шо е изневерен, туку кукавицата која не знаеше да застане пред мене и да ме одбрани од тебе, туку се скри зад мојата суќња и брзо-брзо ги збра парталите и исчезна. Но, таа кукавица е мојата единствена љубов која за жал не успеав да ја остварам заради алчноста на мојот татко кој ме продаде за тебе. Од крава за приплод, станав тиква, да тиква, полна со семе, но семе од човекот кој го сакам и ќе го сакам сиот мој живот без разлика на сè. Сакав да те уништам, да те направам помалку вреден во мои очи, но, семето кое го носам не дозволвит веќе да те измачвам. Носам живот во себе, во моето срце немат веќе место за злоба и пакости. Знам каде беше секоја вечер, знам дека ја грееше Лолината постела и сè тоа заради мене, Петрана од Трипуна Колески,  Петрана прељубницата, Петрана тиквата! Не бев ни свесна дека човекот кој ме купи како добиток, може толку многу да ме љубит, но, на срцето не се наредвит, љубовта се раѓат без причина како и што умират зш ништо не е вечно. Но, пред некое време сфатив што значит кога некој маж вистински те љубит, а тој шо заслужвит не ја доби мојата наклонетост, таа му припадна на другиот, оној поневредниот, но, господарот на моето срце. Прости ми Трене, прости ако мојт да се простит ова моево!     (повторно ја покрива главата со рацете).

 

Tрене:

 

(влегува плачејќи во собата со пушка во раката)

Те убив Петрано, те убив! (се слуша истрел).

Е П И Л О Г

 

 

(Тацко и Трене се покрај мртвото тело на Петрана)

 

Фортуната:

 

,,Зимата полека но сигурно го напушташе градот, снегот се растопуваше, а езерото го полнеше својот базен. Луѓето најпосле излегоа од куќите, ги отворија своите усти и почнаа гласно да дишат чист, топол воздух. Само во куќата на Исаилови, на Тренета Исаилоски, не беше сосема така тој мартовски ден. Кога снегот почна да прокапува во малата вишнова градина, пред самата куќа, крај коренот на едно дрво, скупчена како мала животинка, ја најдоа мртвата невеста Петрана Исаилоска Колеска. Од кога таа тука останала, никој не знаеше сосема точно, но, колку што си спомнуваше нејзиниот маж, Трене Исаилоски, можеби таа тука се затекнала уште од првите денови на зимата кога зафатив јас’’.

Тацко:

 

Tи ја уби, признај, ти ја уби! Не ја видов од таа ноќ! Ја уби и ја остави да скапува овде и сега се правиш недоветен.

 

Трене:

 

(замислено и збунето)

Мислев дека си замина! А таа останала во градината! Мислев дека тргна по тебе! Не можев да ја убијам, беше тиква!

Тацко:

Петранче, Петранче мори…

Фортуната:

 

(гледа во поцрнетиот труп крај себе)

Каква лоша судбина ја снајде Петрана Исаилоска екс Колеска. И мене ми е жал за јадната. Откако дозна дека носит живот во себе и тоа од друг човек замина од кај мажот. Со денови се грееше меѓу дрвјата, сè додека не зафатив јас која ѝ го одзедов животот. Ете шо ти е писание. Од љубов да си умриш. Замина од кај Тренета, ама не го посрами, не затропа ни на Тацковата порта, ни пак на татковата. Си остана доследна на нејзината голема љубов, но, не ја погази честа пред светот. И двајцата ја сакаа, Тацко кукавички, а Трене, ах, пусти Трене, шо сè не ќе направеше за неа! Ама го уништи човекот со последните зборови. Му го искорна срцето, но барем на крај сфати кој е тој што љуби. Каква иронија, и двајцата сега стојат пред нејзиниот труп, Петрана мртва успеа да ги спои двајцата стари другари неми од болка, којзнае шо ли размислуваат?

 

Публицитет.мк 

Посетеност: 68
Share
Previous Post

Наум и Зуица ја привршуваат големата турнеја по Австралија

Next Post

Доделени дипломи за стручно усовршување

Next Post
Доделени дипломи за стручно усовршување

Доделени дипломи за стручно усовршување

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 68

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk