Во издание на Македонската академија на науките и уметностите беа промовирани три книги посветени на нејзиниот прв втемелувач и претседател, академик Блаже Конески. Израз на посебното почитување и пиетет што академијата континуирано ги негува…
Целокупниот опус на академик Блаже Конески опфаќа речиси 750 дела. Придонесот на Конески во втемелувањето и развојот на македонскиот литературен јазик е огромен. Тој го составил најголемиот дел од првиот македонски правопис.
Автор е на основоположничките трудови на македонскиот литературен јазик, односно на граматиката, речникот,историјата и фонологијата на македонскиот јазик. Беше прв претседател на МАНУ во два мандата, од 1967-ма година до 1975-та година.
Ќе има уште многу книги за Блаже. Книгата за големиот академик Конески е сѐ уште недовршена. Долго ќе се пишува за него, долго ќе се анализира неговиот грандиозен научен и поетски опус, долго неговите дела ќе претставуваат инспирација за плеада творци од областа на македонистиката и славистиката, од областа на лингвистиката и литературната наука, творци од сегашната генерација и творци од генерациите кои ќе доаѓаат, истакнаа од академијата.
Извор: www.mrt.com.mk