Наставниците во Република Македонија при реализацијата на воспитно-образовниот процес се соочуваат со бројни проблеми и недостатоци. Ниските плати, лошите работни услови, руинираните училишни објекти (посебно во помалите и рурални места), оштетениот и амортизиран инвентар (клупи, столчиња, табли и сл.), лошата хигиена во училиштата, неквалитетните и застарени учебници, недостатокот и недоволната употреба на нагледни средства и електронски помагала (паметни табли и компјутери) се само дел од причините за генерално лошиот квалитет на основното и средното образование во нашата земја во споредба со нивото на образование во европските земји и пошироко. Првата изработена анализа е веќе пуштена во јавноста и дава верна слика за состојбите во македонското образование би требало да биде сфатена како клуч или основа за тоа што понатаму?
Поради тоа и не изненадуваат истражувања кои покажуваат дека квалитетот, знаењата и вештините на нашите ученици, заостануваат како во однос на нивните врсници од развиените земји, така и меѓу земјите во развој, каде припаѓа и Македонија. Ако се знае дека квалитетното и иновативно образование претставуваа основа за степенот на општествениот развој на една земја, тогаш, лошите образовни состојби, секако, (ќе) се рефлектираат и во останатите области на општественото живеење: политичкиот, економскиот и културниот развој, како во сегашноста, така и во блиската и подалечна иднина.
Оваа студија се фокусира само на еден аспект од воспитно-образовниот процес, а тоа се административните и технички активности како составен и неизбежен дел од наставните практики. Имено, често пати, во неформални разговори, но и на официјални состаноци, работилници и семинари, од наставниците – практичари (меѓу кои спаѓаат и авторите на оваа студија) се слушаат коментари дека тие се оптоварени со многубројни административни и технички активности кои одземаат премногу време, што соодветно придонесува за помалку расположливо време за инвестирање во стручна надоградба и креирање на поголема креативност и иновативност на наставникот. Уште повеќе, се поставува прашањето кој е ефектот од сета таа административна активност? Ваквите искажувања, како и состојбите со кои непосредно лично се соочуваме при секојдневните наставни практики, беа основната мотивација да се зафатиме со реализација ова истражување. Мотив плус претставуваше фактот што, барем колку што им е познато на авторите на оваа студија, во Р. Македонија досега не е направено посериозно истражување на оваа тема.
Истражувањето на обемот и времето кое го одделуваат наставниците на административно-технички активности се одвиваше во неколку чекори.
- детектирање на сите административни и технички активности;
- како и во која мера, наставниците, се обврзани, истите да ги спроведуваат;
- работното време кое при тоа се одделува;
- целите и ефектите кои се постигнуваат во однос на образовниот процес во целина; и
- врз основа на добиените резултати изработка на предлог мерки и препораки за подобрување и оптимизирање на административно-техничките активности на наставниците, а во функција на подобрување на воспитно-образовниот процес во целина
Истражувањето поаѓа од гласот на наставникот, поточно, засновано е на ставовите, размислувањата и идеите на оние кои најдиректно се засегнати со конкретната проблематика. Според тоа, добиените резултати и препораките, во прв ред, ги одразуваат расположението и барањата на наставниците или барем на повеќето од нив.За анализа на видот и обемот на оптовареност на наставниот кадар со административно-технички активности, беа дистрибуирани вкупно 298 прашалници во основните и средните училишта во градот Скопје и општините: Центар, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Зелениково, Сопиште, Прилеп, Долнени, Битола, Демир Хисар, Охрид, Дебарца, Дебар, Центар Жупа, Тетово, Штип, Кочани, Велес, Струмица, Босилово и Куманово. Повратен одговор беше добиен на 251 прашалник и овој примерок се базираат резултатите од истражувањето. Притоа се водеше сметка, да се постигне што е можно поголема репрезентативност на примерокот, односно да се обезбеди негова пропорционалност по неколку основи. Поконкретно, сооднос меѓу урбани и рурални училишта; основни, средно гимназиски и средно стручни училишта; во основните училишта, паритетна застапеност на наставниците од одделенска и од предметна настава.
Имајќи ги предвид резултатите кои произлегоа од анализата на анкетниот прашалник; идеите, предлозите и сугестиите добиени од контактите со наставниците во текот на ова истражување, како и на сопствените погледи и визии (како наставници – практичари) за развојот на образованието, авторите на оваа студија издвоија неколку предлог мерки со цел подобрување на состојбите во однос на административните и технички активности на наставниот кадар во основните и средните училишта во Република Македонија. Со овие конкретни предлози, веруваме дека ќе се подобри ефикасноста, квалитетот и задоволството на наставниците при изведувањето на секојдневните наставни активности, нивно насочување повеќе кон надградба и инвентивност што, како крајна цел, би довело и до суштинско подобрување на квалитетот на образовниот процес во целина:
Предлог 1:
Предлагаме, поголема вклученост на искусните наставници и практичари при изработката на наставните планови и програми. Истовремено, да се овозможи поголема слобода при нивното исполнување со што до израз би дошле квалитетите и креативноста на наставникот. За таа цел, наставниците треба да се ослободат од обврската за изработка на глобални и тематски (процесни) планирања, но и од задолжителните дневни подготовки, во онаа крута форма во која се практикуваат денес. Обврската за подготвување на глобални и тематски планирања би ја презело Бирото за развој на образованието (БРО) кои, во соработка со авторите на учебниците би подготвувале и предлог обрасци за дневни подготовки. На наставникот, во зависност од можностите (просторни и технички во училиштето и сл.), неговата проценка и компетенциите, да му се овозможи одредена флексибилност во реализацијата на вака подготвените планови и програми, како и при секојдневните подготовки и реализацијата на наставниот час.
Предлог 2:
Резултатите од студијата покажуваат дека на наставниците им е потребна поголема слобода и во делот на планирањето и спроведувањето на додатната и дополнителната настава. Спроведувањето на додатна и дополнителна настава треба да се ослободи од задолжителноста, а нивното изведување да произлегува од процената на наставникот и/или потребите и барањата на учениците (родителите). Како конкретна мерка, во овој дел, се предлага измена на членовите од Законот за основно и за средно образование кои предвидуваат задолжително истакнување на распоред за дополнителна и додатна настава, најдоцна до 20 септември во тековната учебна година и нивно доставување до Државниот просветен инспекторат. Ова произлегува од фактот што наставникот на почетокот на учебната година сеуште нема увид во тоа на кои ученици и во која мера им е потребна додатна или дополнителна настава.
Предлог 3:
Во делот на педагошката евиденција, сметаме дека е потребно поедноставување на пополнувањето на главната книга, како и преиспитување на потребата од пополнување на евидентни листови. Како можно решение, тука, се предлага идејата да се овозможи податоците кои се внесуваат во главната книга и во евидентните листови (ако се утврди дека има потреба од нив) да се преземаат од електронскиот дневник. Тоа би можело да се направи преку проширување и надоградба на е-дневникот.
Во овој дел, исто така, се предлага водењето на педагошката евиденција во дневникот, на ниво на паралелка, да се регулира со посебни подзаконски акти.
Во однос на описното оценување, се предлага, најпрво, да се преиспита потребата од комбинирано (описно и бројчено) оценување, таму каде што се практикува. Доколку се утврди дека има потреба од описно оценување, истото да се поедностави преку воведување на можности за користење на пократки и попрецизни описни оценки.
Предлог 4:
Во однос на дилемата, електронски и/или класичен дневник, се предлага да се напушти досегашната практика на водење двојна евиденција, т.е. паралелна употреба на двата дневници. Тоа е став и на огромното мнозинство од наставниците. Сепак, на прашањето кој од двата начина е подобар начин за водење на педагошка евиденција нашите испитаници, главно беа поделени. Затоа, како првично и релативно едноставно решение, на краток рок, се препорачува измена на членот 74 став 4 од Законот за средно образование и измена на членот 44ѓ став 2 од Законот за основно образование каде стои дека „дневникот на паралелката наставникот го води (задолжително и) во електронска форма (е-дневник) на неделна основа“ при што она и би се заменило со зборчето или. Со тоа, задолжителното истовремено водење на пишан и електронски дневник би се заменило со условно, со што би се оставило на училиштето, во зависност од условите (пристапот до интернет, опременоста со кадар и компјутери и сл.) самостојно да може да избира каков дневник ќе користи. Ваквиот предлог произлезе, меѓу другото, и од компаративната анализа со практиките кои постојат во повеќе земји од Европската унија, а како најблизок до нас се истакнува примерот на Словенија.
Предлог 5:
ЕСАРУ администраторите да добиваат соодветно вреднување на нивната работа! Тоа може да се изврши со намалување на фондот на нивните часови пропорционално на часовите кои ги одделуваат за одржување на ЕСАРУ или преку зголемување на надоместокот за плата, соодветно на зголемениот работен ангажман.
Предлог 6:
Воведување на една електронска платформа во форма на отворени образовни ресурси, каде наставниците и останатите учесници во образовниот процес (ученици, родители, стручни служби и сл.) би можеле да споделуваат широк спектар на знаења: информации, планирања, подготовки, стручни и мултимедијални содржини и сл. би ја олеснила и оптимизирала работата на наставниците, а истовремено би помогнала во нивно стручно и методско надоградување.
Ова го потврдуваат искуствата од земјите каде се практикуваат ваков вид на платформи. Така, на пример, во Австрија, платформата Моодле е воведена на сите универзитети и факултети, додека секое основно и средно училиште задолжително мора да има можност за користење на Моодле. Моодле поддржува пристап на учениците до наставниот материјал, комуникација помеѓу нив, комуникација помеѓу учениците, наставниците и гостите, обработка, самооценување и оценување на сработеното како и можности за тестирање и спроведување на анкети. Генерално, Моодле поддржува настава, во која учениците се многу активни и истите носат голема одговорност за наученото. Преку Моодле може да се врши евалуација на постигнувањата на учениците во определени региони, во определени наставни подрачја, а резултатите да служат за увидување и подобрување на недостатоците и подигнување на квалитетот на образовниот процес.
Во Србија и во Босна и Херцеговина, веќе е воведена електронската платформа ЕДУИС[2]. Истата е поделена во неколку АПЛИКАТИВНИ сегменти и тоа:
– EDUIS – администрација – се однесува за административната техничка служба и има за цел воспоставување на основните елементи за непречена работа на наставниот кадар. Во корелација е со апликативниот сегмент управување со човечки ресурси и управување со наставните планови и програми за работата на училиштето.
– EDUIS – човечки ресурси. Овој апликативен сегмент има за цел евиденција и следење на човечките ресурси, работните места во училиштето и кандидатите за работа.
– EDUIS E learning – е апликативен сегмент функционира како интегрирана платформа базирана на Microsoft Office. Со користење на оваа платформа, образовните институции добиваат комплетен сет различни апликации и сервиси кои го прават образовниот процес современ и поефикасен.
– EDUIS стручна служба – претставува апликативен сегмент за помош при работата на педагошко психолошката служба;
– EDUIS родители – е наменет за постојано информирање на родителите за развојот на нивните ученици.
– EDUIS ученици – административен потсегмент кој овозможува информации за успехот на учениците. Можност за интерактивно учество во наставата, преку креирање и делење на литература и документација преку online сервиси; и
– EDUIS наставни планови и програми апликативен сегмент за работата на училиштето. Преку него се овозможува евидентирање и следење на наставните планови, часовите, нормите по предмети и работната недела на вработените.
Публицитет.мк