• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
недела, јуни 29, 2025
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Публицитет.мк ви го претставува наградениот расказ на конкурост „Живко Чинго“ распишан од општина Охрид

август 9, 2018
in Во потрага по трајната убавина
Публицитет.мк ви го претставува наградениот расказ на конкурост „Живко Чинго“ распишан од општина Охрид

Блаже Миневски е авторот на најдобриот расказ – „Потфрлување на топката“ , од конкурсот по повод „Вечери на Живко Чинго“.

П О Т Ф Р Л У В А Њ Е  Н А  Т О П К А Т А 

Бидејќи сум културен човек, а не само човек од културата, веднаш сакам да се преставам! Јас сум сценарист. По едукација сум скопувач на крмаци но во слободно време пишувам сценарија, а штом пишуваш сценарија, тогаш си сценарист. Значи, пишувам сценарија, ги праќам на режисери а режисерите молчат. Во мојата земја споменатите ќутат и си бркаат работа; државата им помага да си играат петкамен со народни пари, а со оглед на тоа што парите не вредат ништо кога се туѓи, режисерите освен што режираат пишуваат и сценарија за да не арчи буџетот наоколу, да остане на купче. Во мојот случај тоа е како потфрлање топка на кошаркарски натпревар, но јас имам чувство како топката да останува во воздухот па натпреварот никако да почне. Во таква ситуација, исто како нашиот режисер од Дебар Маало, отворено се прашувам од каде овој планетарен успех на лошотијата и глупоста? Луѓе веруваат на лаги како да се будалетинки од народни приказни, гласаат и постапуваат од позиција на пакост и фрустрација, а мало дете може да види дека си штетат себеси и на идните генерации… и таканатаму, до крајот на цитатот што го пријавувам како цитат, макар што и онака се гледа дека кажаното не е мое. Штом го прочитав интервјуто, веднаш експедирав примерок до веќе споменатиот режисер па сега останува да видам за каква лошотија и глупост се работи.

Гледајќи во воздухот над нас

Гледајќи во воздухот над нас, додека очекувам каква било реакција, а скопците во мојот реон во секој поглед напредуваат, би сакал во кратки црти да го раскажам сценариото што удира меѓу рогови, без да ги штеди мадињата. Во тој контекст, како што дознав во меѓувреме, извесно пискарало на некакви прозни записи веќе успеало да џапне дел од приказната, сведувајќи ја мојата идеја на некаков банален проблем со беседата на академик Балван. Ако е така, а јас знам како да проверам, ќе крка тужба, ќе папа бонус, ќе го тетовирам со мрсна боја како бикче. Всушност, поради таквите како него, а ги има сѐ повеќе, решив да го раскажам сценариото јавно па нека проба некој да брцне во темата, да шлибне од текстот што го знаат сите. Главното дејството се движи низ судирот на новиот академик Стив Балван и стариот, многу влијателен академик Ден Ќутук, познат во јавноста по своите истражувања за неутриното како честичка со која ќе се смени теоријата за постанокот на светот и векот. А неутриното може да се улови само со лорандит, минерал што го има единствено во рудникот Алшар. Неговата теорија е во судир со теоријата на Стив Балван, кој тврди дека суштината на животот е во атомите, во нивното преструктуирање и вечна трансформација од мува до слон, од тиква до човек, и обратно. Во таква атмосфера, за да ги потврди своите тези за неутриното, академик Ден Ќутук повикува експерт од Париз, кој треба да докаже дека само минералот од Алшар може да ја фиксира вистината за настанокот на светот. Во меѓувреме треба да се одложи беседата, односно да се спречи Стив Балван да настапи со својата теорија за вечното склопување и расклопување на атомите како единствена вистина за животот. Во продолжение, во секвенците што следуваат ќе се види дека меѓу Балван и Ќутук има цела група стари, сенилни академици, кои често не можат дури ниту да се препознаат а не пак да кажат или презентираат нешто паметно и епохално за науката и уметноста. По неколку минути веќе се издвојуваат Фефе Пипер, стручњак за литература, кој застанал на своите проучувања за гатанките и пословиците, како и на своите критички опсервации за реализмот како врв во прозата, потоа Исо Мотка, стручњак за пеперутки; Дел Калкан, скулптор што јавно изработува споменици на херои а тајно, во импровизираното ателјето на Академијата, актови и еротски композиции во глина; Филип Козар, историчар што пишува епохални книги за свои потреби; Тале Каша, поет за кој Ден Ќутук има многу лошо мислење, па како секретар на Академија го сместува во напуштениот кабинет во поткровјето каде што преку скршеното стакло на прозорецот постојано влегуват гулаби и гугутки. Покрај академиците, помали епизодни улоги во овој дел од приказната имаат и секретарката Биби, библиотекарката Цутика, чистачката Сиси и неизбежниот Крум Алспух, службен возач на Академијата, кој тајно препродава неподврзани примероци од првата, повлечена од печат Енциколопедија, што се чува во визбите на Академијата, но зема пари и од макрото што користи еден агол во дворот за теренска работа на своите сексуални работнички.

Освежување на бистите во Алејата на великаните

Во делот од приказната поврзан со приватниот круг на Стив Балван е сосетката Лимонка Чушкар, која на минатото се сеќава само преку филмовите што ги гледала во младоста, но не е сигурна за актерите што играле во нив, па често бара потврда од својот сосед Балван, сега веќе новоизбран академик, кој во младоста исто така бил голем љубител на филмови. Дека е пасиониран филмаџија со специфично искуство ќе се види од неколку кадри на спомени – врзани за фотографии од детставото во кутијата за чевли, додека во неа бара исечоци од разни тикви објавени во весници, – кога во селото доаѓа подвижното кино а тој со децата, што си носат столчиња од дома, затоа што салата во Домот е празна, возбудено ги гледаат, всушност ги ловат филмовите кривејќи ги вратовите, барајќи ги јанаците што шетаат по ѕидот и по таванот поради пијаниот кинооператор Боро Ташак, кој постојано се плетка околу проекторот, пиејќи ракија од шишето скриено во него. Можеби токму поради таа негова опседнатост со спомените на смешните кинопроекции од детството, Стив Балван ќе состави еден вид „филмски“ синопсис за својот настап со пристапната беседа во Академијата, како што тврди во приказната нараторот што ќе го откриеме на крајот. Втор лик е неговиот пријател Стале Титов, директор на гробиштата, кој за сите државни празници, заедно со гробарот, со противпожарен шмрк ги освежуваат бистите на заслужните граѓани од Алејата на великаните. Во неколку кадри, гледаме како Титов и Балван шетаат низ гробиштата, разговарајќи за разните суеверија во народот, за баења, магии, клетви и слично. При една таква прошетка од еден гроб излегува некој за кој ќе се установи дека е гробарот, кој влегол да извади маче паднато во гробот. Приказната тече низ една иронична, макабрична, речиси сенишна но динамична атмосфера на некаква заумна конспирација во очекување на пристапната беседа на академик Балван. Уште неколку можни сцени за атмосфера

Уште неколку можни сцени за атмосфера

Во задимена просторија во Академијата, каде што божем се расправа за којзнае колку важни стратегиски прашања а всушност се зборува за глупости од типот зошто се криви краставиците, кога е измислен кибритот, дали човек може да остане сув ако се крие под кос дожд, како пред два дена фатиле двајца љубовници кои не можела да ги одвојат па ги гледал целиот град додека ги транспортирале кон амбулантата, за светскиот заговор против малите народи, за големиот пропуст во првата национална енкциклопедија ставена во мирување а во која не се спомнати лутите пиперчиња, и дури на крајот за тоа дека академик Стив Балван треба да одржи пристапна беседа, завршувајќи со намуртеното лице на Ден Ќутук. Додека траат ваквите „расправи“ во Академијата, Балван и Титов шетаат по Алејата на заслужните а гробарот ги освежува главите на великаните, кои од млазот се тркалаат по уличката.

Пристигнувањето на Ален Жискар Делмондо

Прескокнувајќи ги бронзените глави, Титов го кара гробарот, бара да го намали млазот, а потоа го продолжува разговорот со Балван за знаците што се читаат од летот на птиците, за кукањето на кукавицата и слично. Пристигнувањето на Ален Жискар Делмондо Францускиот академик Ален Жискар Делмондо, кој треба да ја потврди тероријата на Ден Ќутук за лорандитот од Алшар и за неутриното со кое треба да се докаже настанувањето на светот, се симнува од некаков воз на железничка станица на Дивиот Исток низ која ветрот тркала разни работи, меѓу другото и балони во форма на женски тела, по кои трчаат за да ги фатат двајца полицајци. Пробивајќи се низ правта и хаосот, Ден Ќутук и Ален Жискар Делмондо одвај го наоѓаат автомобилот. Крум Алспух вози по стар макадамски пат, кој се пробива низ десеттици мали, исклесани тунелчиња. Попат академиците разговарат за рудникот, а Крум се вмешува со свои информации дека таму расте трева од која умираат кравите, дека тече црвена вода, дека птиците што ја прелетуваат долината летаат грбно и слично. По неколку секвенци стигнуваат во Алшар, прескокнуваат црвен поток и се пентарат до напуштените јами; една крава пасе отровна трева; чекаат да пцовиса, но не пцовисува, па возачот објаснува дека некои веќе имаат имунитет, но во истиот миг Ален се лизнува и се стркалува по насипот од пред окното. Во следниот кадар, тој е во Академијата со фластери на лицето; ништо од она што кажува не може да се разбере; Ќутук се обидува да преведе нешто во своја полза, но успеваа да преведе само Алшар, неутрино и крава.

Попладнето на сенилниот академик Исо Мотка

Попладнето на сенилниот академик Исо Мотка завршува со кадри во кои тој се качува во такси пред Академијата, но излегува од другата врата, плаќа на такситот и се заблагодарува за возењето. Таксистот збунето заминува, а Исо се врти, не му е познато местото, не може да си ја „препознае куќата“, го отвора чадорот иако не врне, тргнува преку улица, автомобилите кочат, тој ја поминува улицата, повторно не знае каде да тргне, па се враќа назад преку улицата, а од другата страна веќе го чека секретарката Биби, која панично ќе го забележи низ прозорецот, па сега веќе дотрчала да го врати во Академијата. Во времето што полека поминува во квечерина, а по испраќањето на Алек Жискар Белмондо, Ден Ќутук, разочаран од настапот на колегата од Франција, носејќи шише виски, што попат го пие, се симнува во импровизираното ателје на скулпторот Дел Калкан, кој штотуку работи некаква композиција на љубовен акт, погледнувајќи повремено низ прозорчето. Академик Ќутук го забележува тоа, се поткачува некако на нешто и гледа низ прозорчето: проститутка и муштерија се рендаат кај оградата на Академијата. Скулпторот ја работи композицијата во „живо“, Ден Ќутук гледа, чинот завршува, макрото ги зема парите од проституката, мавнувајќи со раката кон прозорчето; Ќутук панично се крие, задржувајќи се да не се спружи на подот. По малку пак се обидува да ѕирне низ прозорчето и го забележува Крум Алспух како го зема својот дел од парите и заминува. Доаѓа нова проститутка и нов муштерија; Ќутук пие од шишето, а скултурот продолжува да работи. Последниот кадар завршува со прашањето што да се прави со енциклопедијата.

Секс врз неподврзаните примероци на енциклопедијата

Препредениот Крум Алспух води љубов со чистачката Сиси врз неподврзаните примероци на првата национална енциклопедија. Неколку примероци паѓаат, па се гледа дека станува збор за енциклопедија. Кога ќе завршат, се облекуваат а таа кажува дека има нови порачки за енциклопедијата, му дава книжуле со порачките, одлепува од бедрото еден енциклопедиски лист. Кажува дека во последно време има многу заинтересирани муштерии, многумина сакаат да купат примерок од енциклопедијата, и дека треба да се покачи цената зашто нема уште многу примероци. Тој зема еден врзоп, го отвора прозорчето, го потфрла надвор и го затвора прозорчето. Во следната сцена ќе се искараат за парите што ги добиваат од екциклопедиите, односно Сиси нема да му ги даде парите што тој ги пресметал, и ги очекува, па во кавгата ќе ја удри а таа ќе му се одмазди со тоа што ќе го пријави дека краде од енциклопедијата и дека тајно ја продава. Веднаш потоа двајца агенти доаѓаат да го уапсат, но наместо во магацинот на Академијата, по грешка влегуваат во ателјето на скулпторот Дел Калкан и го фаќаат Ден Ќутук како ѕирка низ прозорчето. Еден од агентите сфаќа што гледа, му покажува на другиот и заедно со брзање излегуваат. Во следниот кадар скулпторот нервозно ја треснува својатакомпозиција од подот а тоа се претопува со листови што од подот околу нозете на Цутика ги собира академик Фефе Пипер, раскажувајќи за тоа дека ништо од книжевноста во државата не вреди, сите препишуваат од книги а никој не препишува од животот; затоа сѐ треба да се фрли во Ве-Це школка и да се пушти вода. Во еден миг библиотекарката го прашува дали зел вијагра, а тој не може да се сети. Потоа набрзина пие, таа го гали, но по малку тој умира, повлекувајќи куп книги од полицата врз себе. Но, погребот и поворката во следните кадри е за Стив Балван, кој починал ненадејно подготвувајќи ја својата беседа; монахот ги води до гробот зад манастирот, ги зема парите што му ги дава Крум Алспух, но пред да го спуштат Стив Балван во гробот го отвораат сандакот и, наместо глава, гледаат мала, црвена тиква со карирана шапка, иста како шапката на Балван. Монахот вели дека ако Балван и другите академици тврдат дека покојниот е тој, лично академик Балван, тогаш не е важна главата. Меѓутоа, главниот погреб сепак е во Алеата на великаните каде се одвива погребната церемонија за Фефе Пипер а неговиот најголем непријател Ден Ќутук држи посмртна беседа. На беседата се лепат кадри од лет на кукавица, покриени со гласот на Стив Балван, кој се заблагодарува на сите што му помогнале да ја напише пристапната беседа, а потоа следува аплауз. Всушност, Ден Ќутук во својот дом го завршува текстот, односно сценариото на целиот настан, повторувајќи ги на крај наглас само последните зборови на Балван. Потоа од хартијата на која пишуваше прави авионче, го отвора прозорецот и го фрла авиончето, смешкајќи задоволно како мало дете. Во следниот кадар одеднаш се сепнува, како да го удрил инфаркт, но камерата се спушта и се гледа дека се помочал, дека панталоните му се утоп мокри. Камерата излегува низ прозорецот и бега кон небото, бега високо, уште повисоко, подалеку од сѐ што се гледа долу на земјата. Ете тоа, и толку! Барем засега. Ако ова не е филм, не знам што е! А одговор од режисерот што зборува за планетарен успех на лошотијата и глупоста – нема. Мислам, топката е фрлена а јас имам чувство како да останала во воздухот, и натпреварот никако да почне.

Автор: Блаже Миневски 

 

Посетеност: 80
Share
Previous Post

„Отекс фолк“ на фестивал во Полска

Next Post

Матурантите од гимназијата „Св Климент Охридски“ синоќа свечено ги зедоа дипломите

Next Post
Матурантите од гимназијата „Св Климент Охридски“ синоќа свечено ги зедоа дипломите

Матурантите од гимназијата „Св Климент Охридски“ синоќа свечено ги зедоа дипломите

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 80

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk