„Бура од мигранти“ се насловите на светските медиуми кои го најавуваат доаѓањето на големиот бран бегалци кој од Грција се движи кон македонската граница. Голем дел од нив завчеравечер пристигнаа во Атина и веќе се упатиле кон земјава, по што ќе го продолжат долгиот пат кон Европа.
Со пет специјални возови околу 3.000 мигранти во текот на изминатото деноноќие биле превезени по железнички пат од платформата кај прифатниот камп во Гевгелија до кампот во Табановце. Според проценката на УНХЦР, во текот на завчерашниот ден од Гевгелија кон Табановце заминале околу 3.500 мигранти, од кои поголемиот дел биле превезувани со воз, а помал дел со автобуси и такси-возила. Со помош на УНИЦЕФ во прифатниот камп за бегалци во Гевгелија се подигнати два шатора со површина од по 72 квадратни метри за згрижување деца, кои заедно со нивните мајки сочинуваат една третина од вкупниот број мигранти кои дневно транзитираат низ земјава.
Во идентификација на мигрантите, при нивното доаѓање и транзитирање низ Западен Балкан помагаат и преведувачи. Најавено е воспоставување регионална база на податоци за преведувачи кои ги зборуваат ретките јазици кои ги користат мигрантите, во рамките на проектот „Унапредување на процедурите за утврдување на идентитетот на мигрантите“ што го споведува Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ) со поддршка на Британската амбасада.
Според британскиот амбасадор во Скопје, Чарлс Гарет, илегалната миграција во моментов претставува едно од најклучните прашања и приоритети со кои се соочува целиот континент Европа. Ова е меѓународен проблем кој има многу предизвици кои не заобиколуваат ниту една земја во Европа, вклучително и Западен Балкан и Македонија.
Според британскиот амбасадор, соочувањето со миграцијата низ целиот регион на начин кој ќе може да биде ефикасен, ефективен и со задржување на хуманитарните насоки бара, пред се’, соодветна комуникација со луѓето кои патуваат од најразлични краишта. Во таа насока, појасни британскиот амбасадор, и овој проект овозможува создавање дата-база која генерално ќе ја подобри комуникацијата и која ќе може да даде поддршка на процесот на идентификација на мигрантите.
Според еврокомесарот за проширување и политика на соседство Јоханес Хан, бројот на бегалци што стигнале до Централна и Западна Европа преку Балканот е зголемен за најмалку шест пати од јуни. Во интервју за телевизија „Евроњуз“, Хан нагласи дека тоа не е проблем на Балканот. Земјите од Западен Балкан се само транзитна територија, нагласи тој, додавајќи дека ЕУ им дала соодветна помош, доделувајќи по 1,5 милиони евра дополнителни средства на Србија и Македонија за обезбедување на привремено прибежиште на мигрантите.
Извор: Утрински весник