Како што е познато пред неколку дена во кино салите ширум светот започна да се прикажува седмото продолжение од филмскиот серијал „ Војна на ѕвездите“.Уште пред да влезе во кино салите добрите познавачи на филмскиот бизнис прогнозираа дека долгоочекуваното продолжение од овој серијал ќе сруши многу рекорди според заработката. Тоа еве и се остварува но брзината со која се рушат досегашните финансиски рекорди ,сигурно ги изненади и најголемите оптимисти.
Но, пред да говориме за овие рекорди да се потсетиме малку на тоа како дојде до седмото продолжение од овој серијал.Како што е познато целата приказна околу „Војна на ѕвездите “ започна во ,сега веќе далечната 1977 година, кога нејзиниот идеен творец Џорџ Лукас го сними првиот филм од овој сега веќе долговечен серијал. Серијалот е своевидна бајка која ја обработува темата на вечната борба меѓу доброто и злото, сместена во средината на вселенското пространство и е алегорична визија за човечката историја и сегашност.
По извонредниот успех на првиот филм следуваа уште две продолженија “ Иперијата го возвраќа ударот“ во 1980 година и „ Враќањето на џедајот “ во 1983 година. Сите три филма оставија силен белег во поп културата и во светот на филмот каде воспоставија нови стандарди како во реализацијата така и во менаџирањето. Така освен заработката на кино благајните паралелно се разви цела една индустрија на производи кио беа поврзани со јунаците од овој серијал (играчики, видео игри, предмети за облекување и што уште не) кои донесоа заработка неколупати поголема од онаа на филмовите.
По цели 16 години пауза , Џорџ Лукас одлучи да направи нова триологија од овој серијал и на изненадување на многумина, тој дејствието на новата триологија го смести во периодот пред дејствието на првата тиологија, односно направи предпродолжение ,попознато како приквел. Па така новата триологија започна со филмот „ Фантомска закана “ кој беше реализиран во 1999 година со наполно нова актерска екипа во која немаше место за ударната тројка од првата триологија Харисон Форд, Кари Фишер и Марк Хамил , од едноставна причина што тие во новата триологија се сосема млади. Како и да е по три години откако фановите на овој серијал ја прифатија новата приказна, следуваше вториот филм насловен како „Напад на клоновите“ за во 2005 триологијата да заврши со третиот филм “Одмаздата на Ситите“.Освен новата триологија овој серијал доби и нови поинакви наслови со кои беше дефинирано времето на одвивањето на дејствието во двете триологии. Па така секој од филмовите заради полесно следење добија назнаки од Епизода 1 до Епизода 6. На тој начин, она што беше реализирано како втора триологија ,заради континуитет во приказната , ги понесоа назнаките Епизода 1,2 и 3 а првата триологија назнаките Епизода 4, 5 и 6, со што на новите генерации љубители на овој серијал им беше овозможено правилно да се запознаат со овој серијал . Деновиве, пред премиерното прикажување на седмиот филм од овој серијал, во печатот кој се занимава со филмот, беше објавено дури и упатство за гледање за новите фанови , како да почнат да го гледаат овој серијал филмови.
Во 2012 година идејниот творец на овој серијал , Џорџ Лукас,одлучи да ја продаде својата компанија „ Лукас Филм Лтд“ , која ја создал во 1971 година а стоа и правата за филмскиот серијал „ Војна на ѕвездите“. Копмпанијата за 4,05 милијарди долари ја купи компанијата „ Волт Дизни“ и можеби ја направи најдобрата зделка во своето постоење.Џорџ Лукас својата одлука за продажбата на компанија тогаш ја објани со зборовите:„Ова го правам за филмовите од овој серијал да имаат подолг живот“.
По се’ изгледа дека неговата желба се исполнува веќе по три години од продажбата, бидејќи деновиве започна да се прикажува седмата епизода од од овој серијал кој е всушност првиот филм од новата најавена триологија во продукција на компанијата „Волт Дизни“.
Филмот во кино салите низ светот започна да се прикажува од 16 декември во повеќе земји на Европа и светот и од 18 декември во кино салите во северна Америка.И како што се очекуваше тој започна да ги руши досегашните рекорди според заработката. Така филмот само за три дена од своето прикажување во американските кино сали заработи 247,9 милиони долари, додека во остатокот од светот заработи 281 милиони долари. Така вкупната заработка на филмот за само неколку дена се искачи на неверојатни 529,9 милиони долари.За споредба предходниот рекорд според заработката за време на првиот викенд изнесуваше 208, 8 милони долари , која ја постигна филмот „ Светот Јура“.
До сега филмот „ Војна на ѕвездите: Силата се буди“ успеа да собори дури 10 рекорди:
-Најголема заработка остварена во четврток :57 милиони долари (досегашешниот рекорд изнесуваше 43,5 милони долари кој го оствари филмот „ Хари Потер и реликвијата на смртта“, втор дел)
– Најголема заработка остварена во петок:119,1 милони долари( досегашниот рекорд од 91 милион долари бил на филмот„ Хари Потер и реликвијата на смртта“ ,втор дел)
– Најголема заработка од прикажување во сабота:60, 5 милиони долари( досегашниот рекорд од 57, 2 милиони долари бил на филмот „ Светот Јура“).
-Најголема заработка во текот на првиот викенд од прикажување во американските кино сали:247,9 милиони долари (досегашниот рекорд од заработени 208,8 милиони долари беше на филмот „ Светот Јура“).
-Најголема викенд заработка во светски рамки: 529,9 милиони долари( досегашен рекорд од заработени 524, 9 милиони долари беше на филмот „ Светот Јура“)
-Најголема заработка за време на празничен викенд: 247, 9 милиони долари (досегашен рекорд од заработени 158 милиони долари остварил филмот „ Игри на гладните: Фати го огнот).
-Најголема заработка во еден декемвриски ден:119,1 милион долар(досегашен рекорд на филмот „ Хобит: неочекувано патување„ со заработени 37,13 милиони долари).
– Најголем број на кино сали во декември во кои се прикажувал еден филм:4134 (досегашниот рекорд беше 4045 кино сали каде се прикажувал филмот: „ Хобит: неочекувано патување“).
-Најголема заработка во првиот викенд од прикажувањето во декември:247,9 милиони долари ( досегашниот рекорд со заработени 84,62 милиони долари го држеше филмот
„Хобит: неочекувано патување“).
-Најбрзо заработени 100 милиони долари: за еден ден( досегашен рекорд за два дена го држеше филмот„Светот Јура“).
Сите овие резултати важат заклучно со првиот викенд од прикажувањето на филмот „Војна на ѕвездите:силата се буди“. Веќе во понеделникот филмот собори и други рекорди според заработката а оваа слика ќе се менува секојдневно. Сите овие резултати се презентирани на познатата интернет страница Box Office Mojo според која филмот се наоѓа на првото место на топ листите онаму каде што се прикажува освен во две земји, во Турција ,Грција,Португалија, Јужна Кореа и Кина ( каде ќе започне да се прикажува од 9. Јануари. 2016 година).
Сега сите очекуваат дали филмот ќе успее да ја надмине заработката на филмот „Аватар“ на режисерот Џејмс Камерон од 2, 788 милијарди долари, рекорд кој опстојува уште од 2009 година.
Интересно е дека буџетот на филмот изнесувал 200 милиони долари без трошоците за реклама кои знаат да изнесуваат некогаш колку и продукциските трошоци. Се разбира допрва ќе се објавуваат и други податоци сврзани со трошоците ,како на пример веста која беше објавена во понеделникот дека хонорарот на Харисон Форд за улогата на Хан Соло изнесувал 25 милиони долари кој бил дури за 76 пати поголем од оној што го добиле неговите млади партнери Дејзи Ридли и Џон Бојега, што изнесува по ололу 320000 долари. Но да не заборавиме дека по успехот на овој филм нивната цена драстично ќе скокне на филмскиот пазар. Впрочем такви се правилата во филмскиот бизнис. Потврда за тоа е и хонорарот на Харисон Форд за истата улога на Хан Соло во 1977 година , кој изнесувал 10454 долари.Ако пак сакате да пресметате колкава била тогашната заработка на Форд со денешната на неговите млади колеги ќе го кажам податокот дека просечната цена на влезниот билет во оваа 2015 година во американските кино сали изнесува 8, 34 долари а во 1977 година просечната цена била 2, 23 американски долари.
И кога говориме за бројки само да кажеме дека досега целиот серијал филмови со пресметаната инфлација заработил нешто над 5 милијарди долари. Но има уште еден поинтересен податок ,а тоа е дека вкупната досегашна заработка на брендот „ Војна на ѕвездите“( Филмови плус разноразни производи) изнесува фантастичн 20 милијарди долари од 1977 до оваа 2015 година. Колку компанијата Волт Дизни добила со купувањето на „ Лукас филм“ а колку изгубил со продажбата Џорџ Лукас на својата компанија може само да се претпостави. Но, важно е дека серијалот ќе живее и дека и во иднина нови генерации филмољупци ќе уживаат во него.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк