ДЕЛ ОД ИСТОРИЈАТА НА ПЕЧАЛБАРСКА ПРЕСПА
Во X век во Преспа била востановена и првата митрополија која за Македонците претставувала силно светилиште на просветата и културата. По нејзиното формирање, во сите населби околу Преспанското Езеро биле подигнати голем број цркви и манастири, преку кои се ширела просветата и духовното живеење.
Особено значајна улога играла малата црква посветена на свети Ѓорѓи во селото Курбиново. Под својот покрив ова просветно жариште, крие извонредно убави фрески работени во 1191 година. Според својот стил, тие му припаѓаат на Комненскиот круг на византиското сликарство и се сметаат за врвни остварувања во сферата на фрескосликарството.
По освојувањето на Македонија од страна на Турците дошло до крупни промени во животот на Македонците во Преспа. Според турскиот административен систем, Ресен, кој првпат се споменува во XI век под името Ресана, бил општински центар (кааза).
Со локалниот попис од 1547 година, градот имал 382 куќи, од кои 369 биле христијански и 13 куќи биле муслимански. Во XIX век населението од овој крај, свесно за својата национална припадност, водело енергична борба против Цариградската патријаршија, која преку воведувањето на грчкиот јазик во црквите и училиштата се обидувала да го асимилира.
Сепак, во периодот од 1846 до 1880 година биле отворени голем број училишта во градот и во селата, во кои наставата се изведувала исклучително на македонски јазик, односно на месното наречје.
Меѓутоа, борбата за национално ослободување од Отоманската Империја во овој крај организирано започнала многу одамна. Уште пред создавањето на Тајната македонска одринска револуционерна организација (ТМОРО) во 1893 година, Преспа била центар на многу настани од овој период.
Така, на 15 август 1894 година во куќата на Татарчеви во Ресен, било одржано советување со кое непосредно раководеле Даме Груев и Пере Тошев. Тука биле донесени значајни одлуки за натамошниот развој на револуционерното движење во Македонија.
Куќата на Христо Татарчев во Ресен
Ова прво советување на ТМОРО, по своите историски одлуки се смета за „голема илинденска искра”. Во текот на Илинденското востание на овој терен дејствувале 12 комитски чети со над 2.000 востаници. Најжестоки битки се воделе во реонот на селата Крушје, Лева Река, Болно, Евла, Златари, Кривени, Љубојно, Брајчино, Долно Дупени, Герман и други песпански места.
Инаку, изградбата и ставањето во употреба на Спомен-куќата – Музејот на Татарчеви, како значаен културно-историски споменик, изграден во чест на првиот претседател и предводник на Македонската револуционерна организација, д-р Христо Татарчев е од големо историско значење. Тој, истовремено ја збогати туристичката понуда на Преспа, на овој питом, раскошен и преубав дел од македонската земја.
Првото слободно утро во Ресен и Преспа осамнало на 5 ноември 1944 година, кога се разви знамето на слободата и се означи крајот на вековното ропство и почетокот на новиот слободен развој на Република Македонија, а во тие рамки и на Преспа Духот на Илинден продолжил и во славната Народноослободителна борба. За делото на револуцијата своите животи ги вградиле 128 синови и ќерки на Преспа, меѓу кои и поетот револуционер, народниот херој Мите Богоевски.
На 6 јули 1942 година во месноста Синедолско Кладенче, над селото Златари, бил формиран првиот Преспанско-битолски партизански одред „Даме Груев”, за потоа да се создадат нови и уште поголеми воени единици. На 2 август 1943 година, во месноста Ломје, кај Отешево, во подножјето на планината Галичица, било одржано историското Преспанско советување на ЦК КПМ, на кое биле донесени судбоносни одлуки за разгорување на вооруженото востание во Македонија против фашистичките окупатори.
Незаборавен е фактот дека првото слободно утро во Ресен и Преспа осамнало кога борците на Петтата и Седмата македонска народноослободителна ударна бригада победоносно влегле во Ресен и го развиле знамето на слободата, а означувајќи го крајот на вековното ропство и почетокот на новиот слободен развој на Република Македонија, а во тие рамки и на Ресен и Преспа во целина.
Во годините по војната овој крај, од изразито заостанато аграрно подрачје, доживеа значајна преродба, израснувајќи во модерен индустриски, земјоделски и туристички центар, со современа и развиена прехранбена и текстилна индустрија.
Општината Ресен има 44 населени места, додека Долна Преспа 19 со 3 во Албанија, а Мала Преспа има 9 села и со помалиот дел од Преспанското Езеро и со Малото Езеро влегува во составот на јужниот сосед и Албанија. Оваа положба, всушност, резултира од поделбата на Македонија по балканските војни и Првата светска војна.
Често се вели дека Ресен е градот на јаболката. Тој е општински центар сместен на северниот дел од Преспанската Котлина. Ресен е овоштарски центар познат по далеку прочуените преспански јаболка. Но, овој крај од Преспа е познат и како туристички регион со убави летувалишта крај езерскиот брег.
Преспанскиот регион е вистинска база, резерват на илјадници видови птици, риби, животни и голем број растенија. Богатата флора и фауна овој крај го прават уште попривлечен. Во Преспа живеат околу 380 видови птици, од кои дваесетина вида се вистинска реткост.
Посебно во Мала и Долна Преспа се забележуваат многу пеликани, корморани, орли и јастреби. Статистичките податоци покажуваат дека само во 1969 година биле забележани 100 двојки пеликани, од вкупно 400 колку што живеат во Европа. Преспа е единственото место во светот каде што живеат толку многу пеликани на еден простор.
Сарајот во Ресен
Исто така, во Преспанското Езеро живеат и специфични видови риби: јагули, крапови, скобусти, пастрмки, плашици, мрени и други. Во густите шуми околу езерото живеат прекрасни ретки животни, како елени и срни, а мечките, волците, зајаците, лисиците и другите диви животни се постојани жители на шумите во овој регион.
На пазарот во Ресен, во саботите, можат да се купат многу производи од рачна изработка. Градот, особено е познат по грнчарството, заради што долги години во него успешно работи керамичката колонија, на која секое лето престојуваат керамичари од разни држави на светот и од Македонија.
Во него посебно внимание привлекува поранешната зграда на општинското собрание, односно некогашниот беговски дворец – Сарајот, изграден уште за време на турското владеење од Нијази-бег. Зградата е интересна по тоа што е верна копија на зградата на Париската комуна, а е градена од мермер и делкан камен. Истиот бег наредил да се направи урбанистички план за Ресен, што се смета за прво урбанистичко решение на овој дел од Балканот.
Делот околу Ресен, заедно со рамнината околу селата Царев Двор, Дрмени и Бела Црква е најплодниот дел од оваа котлина. Меѓутоа, поради недостиг на поголеми природни погодности за развој на земјоделството, населението од Преспа било принудено да бара заработувачка надвор од своите родни места.
Преспа е крај од кој почнало рано да се оди на печалба. Кон крајот на XIX и почетокот на XX век, Преспанци како печалбари можеле да се најдат на работа во прекуокеанските земји Америка и Австралија, како и во некои делови на Србија, Бугарија, Турција, Франција и други држави.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
Публицитет.мк