Неодамна беше промовиран првиот трејлер од најновата верзија на филмот „ Робин Худ“ кој својата премиера во кино салите треба да ја има на 21.ноември оваа година.
Неговите авантури одсекогаш преставувале предизвик за филмските продуценти и филмски компании.Спред некои податоци досега за неговите авантури се снимени оклоу 200 филмови, тв серии , анимирани филмови ,тв филмови и тоа почнувајќи од 1908 година кога бил снимен кусометражниот филм „ Робин Худ“.
Претстојната најавена премиера на филмот за Робин Худ е причина да се потсетиме на најпознатите филмски и тв верзии за авантурите на овој јунак.
Но, пред тоа да видиме кои се историските факти за него:
Робин Худ е архетипски лик од британскиот средновековен фолклор, одметник кој краде од богатите за да им даде на сиромасите. Главно оружје му е долг лак и стрела, кое му служи и како средство за ловокрадство.
„Веселата дружина“ на Робин Худ живее во Шервудската Шума, во близина на градот Нотингем во Англија. Робин најчесто е претставен како одметнат aнгло-саксонски благородник (Робин од Локсли) кој го заштитува населението од корумпираните нормански благородници: Шерифот од Нотингем и принцот Џон кои го користатат одсуството на кралот Ричард Лавовско Срце да ја узурпираат и злоупотребуваат власта.
Позитивните ликови поврзани со Робин Худ се: Леди Маријана, Малиот Џон, Фратарот Так и трубадурот Вил Скарлет.
Првиот игран филм за Робин Худ бил реализиран во американска продукција во далечната 1913 година. Бил тоа, разбира се , нем филм во црнобела техника кој како режисер го потпишал Теодор Мартсон а ликот на Робин Худ го отелотворил актерот Вилијам Расел.
Попозната верзии на Робин Худ од тој период е онаа на режисерот Алан Дван од 1922 година.Овој американски филм имал буџет од 1, 5 милони долари а неговата заработка достигнала 2, 5 милиони долари. За овој успех сигурно голема заслуга имал актерот Даглас Фербенкс кој го толкувал ликот на Робин Худ, кој во тоа време бил голема филмска ѕвезда. Освен тоа тој бил косценарист на приказната на овој филм кој истотака бил нем и реализиран во црно бела техника.
Една од најпознатите верзии за овој јунак ,секако е онаа од 1938 година именувана како „ Авантурите на Робин Худ“ во режија на Мајкл Кертиз и Вилијам Кејли.
Главните улоги во филмот ги толкувале тогаш мошне популарните актери Ерол флин како Робин Худ, Оливија Де Хевиленд како Маријана, Клод Рејнс како принцот Џорџ, а Мелвин Купер го играл шерифот од Нотингем .
Филмот кој имал буџет од 1,9 милиони долари и кој само во американските кино сали заработил близу 4 милиони долари бил изработен во колор техника. Интересно е дека филмот својата американска премиера ја имал пред точно 80 години , поточно на 14.мај.1938 година.
Требало да поминат цели 35 години за Робин Худ повторно да се појави на големото филмско платно. За тоа се погрижил Волт Дизни кој во 1973 година ,направил анимирана верзија за овој јунак која како режисер ја потпишал Волфганг Рајтерман. Во филмот главни ликови се животни . Така Роби Худ и Маријана се лисици, кралот Ричард е лав,а шерифот од Нотингем е волк.
Гласовите на главните јунаци им ги позајмуваат: Брајан Бредфорд, Моника Еванс, Питер Устинов, Тери Томас…Буџетот на филмот изнесувал 5 милиони долари а заработката само во САД 32 милиони долари.
Три години подоцна, во 1976 година , режисерот Ричард Лестер направил една мошне интересна верзија за Робин Худ именувана како „ Робин Худ и Маријан“ во која Робин Худ се наоѓа во своите средни години од животот.
Во филмот главната улога ја толкува тогаш актуелниот таен агент Џејмс Бонд- Шон Конери и тоа без коса на главата онаков каков што тогаш изгледал во вистинскиот живот овој актер. Негова партнерка , односно ликот на Маријан, ја игра актерката Одри Хепберн. Тука се уште и Роберт Шо и Ричард Херис.
За многумина оваа верзија преставуваше изненадување од причина што тој дотогаш беше преставуван како вечно млад и полн со енергија.
Режисерот Кевин Рејнолдс во 1991 година го реализираше филмот „ Робин Худ , принцот на крадците“ кој стана вистински блок бастер заработувајќи на кино благајните ширум светот близу 400 милиони долари. Ако се земе во обзир неговиот буџет од 48 милиони долари , се чини дека не беа тоа џабе фрлени пари. Главната улога во филмот ја толкуваше Кевин Костнер кој само една година порано го освои оскарот за неговиот филм „ Танц со волците“ и тогаш беше навитина голема ѕвезда. Негова партнерка беше Мери Елизабет Мастрантонио а актерската екипа беше надополнета со Морган Фримен, Крисијан Слејтер и Алан Рикмен во улогата на шерифот од Нотингам кој слободно може да се рече дека го фрли во сенка преценетиот Кевин Костнер.
Интресно е да сеспомене дека во истата таа 1991 година била снимена уште една верзија за Робин Худ со буџет од 15 милиони долари. Но филмот поминал такаречи незабележано бидејќи во истовреме пред публиката била актуелна верзијта со Кевин Костнер. Инаку во филмот настапиле поголем број на познати актери предводени од Патрик Бергин и Ума Турман. Тука биле и Џероен Крабе, Едврд Фокс и Јурген Прохнов. Режијата била на Џон Ирвин.
Во 1993 година познатиот актер и режисер Мел Брукс направи свое видување на овој јунак. Имено, тој го направи филмот „ Робин Худ:маж во хулахопки“ како пародија и мјузикл што на филмот му даде една сосема друга димензија.
Во филмот ликот на Робин Худ го игра Кери Елвес а во останатите улоги се појавуваат: Еми Јасбек, Роџер Рис, Ричард Луис и други.
По пауза од такаречи 20 години, познатиот режисер Ридли Скот заедно со својот омилен актер Расел Кроу во улогата на Робин Худ се обиде да направи суперспектакл за Робин Худ.Буџетот на филмот изнесуваше за тоа време фантастични 200 милиони долари кои едвај ги врати со заработени 350 милиони во светски рамки. Инаку филмот во американските кино сали заработи скромни 100 милиони долари.
Ниту врвниот кастинг од познати актерски имиња не го спасија филмот од непопсакуваниот дебакл. Така, во улогата на Маријана се појави годинешната председателка на жирито на Канскиот филмски фестивал, Кејт Бланшет, а тука беа уште и Метју МекФајден, Макс Фон Сидов, Вилијам Харт, Марк Стронг и многу други.
И, по цели 8 години англискиот режисер ја реализира најновата верзија за Робин Худ која ,како што споменавме ,треба пред гледачите да излезе на 21. ноември оваа година.
Ликот на Робин Худ го толкува Тарон Егертон а тука се уште и Џејми Дорнан ( кој е актуелен со триологијата „ 50 нијанси сиво“,Џејми Фокс, Еве Хевсон, Бен Менделсон, Пол Андерсон и други.
Екипата која стои зад оваа нова верзија ветува многу акција и возбудувања. Како пак филмот ќе помине на кино благајните останува да почекаме до крајот на годинава.
Интересно е да се каже дека еден дел од филмот се снимаше изминатата година на локации во Хрватска , поточно во Дубровник.Во хрватскиот дел на екипата при снимањето биле ангажирани 273 филмски работници и дури 1645 статисти.Снимањето на локациите во Дубровник траело 15 работни дена при што вкупната локална потрошувачка била на нивото на дотогаш најголемите филмски проекти кои биле снимани во Хрватска.
Дубровник во филмот го „ игра“ Нотингем, а познатиот Страдун и ѕидините на Стариот град се само некои од знаменитостите кои можат да се препознаат во филмот.
Инаку за Робин Худ се снимени и голем број на телевизиски филмови од кои најпознати се оние од 1956, 1982 и 1991 година како и неколку телевизиски серии од кои најпознати се оние од 1957 година кога биле емитувани 4 сезони од по 26 епизоди, потоа од 1984 година со три сезони од по 13 епизоди и со ист број на сезони и епизоди од 2006 година.
Секако дека авантурите на Робин Худ и во иднина ќе го привлекуваат вниманието на филмаџиите за правење на нови верзии било како филмови или телевизиски проекти но секогаш останува прашањето колку публиката ќе биде заинтересирана за нив.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк