Сателитот „Коперник“, кој бил ангажиран преку Механизмот на Европската Унија за цивилна заштита, направил сателитски снимки од подрачјата во Скопје и околината, погодени од невремето, кои треба да помогнат во справувањето со последиците.
Македонија вчера го активираше Механизмот на ЕУ за цивилна заштита и во земјава треба да пристигнат технички експерти за води и канализации за да изврши проценка на предизвиканата штета и да даде препораки на властите за цивилна заштита на национално и локално ниво.
„Преку механизмот се обезбедени и сателитски снимки на зафатеното подрачје од сателитот „Коперник“. Кога ќе се добие финалната листа на потреби од страна на надлежните институции ќе се достави дополнително барање до механизмот за цивилна заштита“, велат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Експертскиот тим на Европската Унија почна да ги врши проценките на штетите од невремето кое во саботата вечерта го погоди Скопје и околината, информираше денеска евроамбасадорот на ЕУ во земјава, Аиво Орав.
Експертите беа испратени, откако Македонија вчера го активираше Механизмот на ЕУ за цивилна заштита.
Тимот покрај проценка на штетите, треба да им даде препораки на властите за цивилна заштита на национално и локално ниво околу санирањето на последиците.
Од Дирекцијата за заштита и спасување денеска соопштија дека откако ќе се добие финалната листа на потреби од страна на надлежните институции ќе се достави дополнително барање до механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
Извор: www.meta.mk