Нови 44 работни облеки за лето и зима за персоналот, дигитални апарати за мерење притисок и топломери доби во вид на донација одделението за Геријатрија при Општата болница во Охрид. Донатор и овој пат е охридското социјално друштво „Св.Наум Охридски“ од Мелбурн – Австралија.
Блаже и Данче Џикови со семејствата на нивните двајца синови, кои се членови на друштвото во име на двата големи верски празници Св Петка и Св. Климент донираа свечен ручек за сите лица кои се згрижени во Геријатрија.
Да потсетиме. Неодамна, на охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ , од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов му беше доделена Повелба на Република Македонија, признание кое се доделува за особени заслуги и за достигнувања на организациите во насока на зачувување и на афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности, како и за придонес кон унапредување на пријателските односи и соработката со повеќе држави во светот.
Донацијата во Охрид беше повод нашиот дописник Милчо Јованоски да разговара со Данче и Блаже Џикови за ангажманот во социјалното друштво и доаѓањата во Македонија. СБС радио преку овој прилог присуствуваше на несекојдневна средба. Данче по скоро половина век случајно во болницата ја пронајде нејзината другарка од детството Воскре која сега е лекар во охридската болница. Да слушнеме:
Извор: SBS на македонски