Според жирито – наградата за најдобра поетска творба „Григор Прличев“ за 2015 година ќе му припадне на авторот на поемата „Кирил 1830 – Кирил 2001“ испратена на конкурсот под шифра „Кирил“.
На објавениот конкурс биле пријавени 12 трудови што според стручното жири претставува слаб одѕив, уште повеќе што дел од пристигнатите ракописи не ги исполните очекуваните литературни и уметнички стандарди предвидени за најдобра македонска поема во една календарска година.
Според соопштението од жирито предводено од Бранко Цветкоски, во потесна трка за наградата покрај наградениот ракопис била уште и авторската творба „Ветровите од запад“ под шифра „Носталгија“, со заедничка оценка дека двете дела со извесни осцилации задоволуваат одредено ниво на поетска посветеност и ерудираност во откривањето на можностите на јазикот и на поетиката на жанрот.
Наградата „Григор Прличев“ традиционално се доделува во рамки на „Прличевите беседи“, манифестацијата востановена пред речиси шест децении. Прличев пред век и половина беше овенчан со Ловоров венец во Атина за неговата поема „Сердарот“.
„Прличевите беседи“ се одржуваат секој февруари во Охрид во организација на Центарот за култура и библиотеката во Охрид што го носат неговото име, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Публицитет.мк