Се затворија училиштата,факултетите , многумина чија тековна работа можеа да ја извршуваат од дома тоа и го направија, оние кои е неопходно да работат и понатака тоа го прават со многу претпазливост и ризик, забранети се сите спортски натпревари, концерти, прошетки , дружења,не работат библиотеките, кино салите, театрите.
Светот се бори за да преживее а една од најважните пораки на сите влади е да се седи дома со што би се допринело вирусот што помалку да се шири.
А кога се седи дома времето бавно минува доколку добро не се испланира како да се помине денот. Освен дружењето во кругот на семејството, сега се има доволно време да се прочита и по некоја книга која одамна чекала да и’ се проветрат страниците, да се погледне некој филм од понудата на бројните кабловски канали, да се слуша убава музика на која сме подзаборавиле заради секојдневните обврски,да се другарува преку друштвените мрежи, да се обнови љубовта кон некое хоби…
Во овој период беа објавени и голем број на листи на книги кои треба да се прочитаат , но и препораки на филмови од понов и постар датум кои сте немале време да ги видите или да се потсетите на некои со постар датум кои вредат да се погледнат во секое време.
Еве и ние влегуваме во овој „филм“ и Ви нудиме препорака од 10 филмови кои биле најгледани пред точно 50 години .Тоа е всушност еден од најквалитетните периоди во историјата на филмската уметност на кој вреди да се потсетиме а помладата генерација на љубители на филмот да се запознаат со филмови за кои слушнале од своите родители.
ЉУБОВНА ПРИКАЗНА
Филмот преставува љубовна романтична драма во режија на Артур Хилер во кој главните улоги ги толкуваат Али Мек Гроу и Рајан О’ Нил. Тука се уште и Џон Марли, Реј Миланд и Томи Ли Џонс кој со една малечка улога дебитира во овој филм.
Оваа срцепарателна приказна стана еден од најгледаните филмови ширум светот каде во кино салите течеа „ потоци“ од солзи излеани заради несреќната судбина на главните јунаци.
Филмот се памети и по извонредната музичка тема напишана од композиторот Франсис Лаи чија инструментална и вокална изведба доживеа безброј изведби. Освен тоа композиторот го освои Златниот Глобус и Оскар за ова негово дело. Интересно е да се каже дека филмот го освои и Златниот Глобус за најдобар филм драма а со оваа награда се закитија и Али Мек Гроу и сценаристот Ерик Сегал кој сценариото го напиша според неговата книга која стана бестселер пред да биде снимен филмот.
Главната машка улога во филмот ја одбиле актерите Боу Бриџиз, Мајкл Јорк и Џон Војт а улогата ја добил Рајан О’ Нил по препорака на режисеротХилер.
Во 1978 година беше снимено и продолжение на филмот со наслов„ Приказната на Оливер“ во кое се раскажува за судбината на главниот лик по смртта на неговата девојка. Во филмот настапуваат Рајан О’ Нил и Кендис Берген.
АЕРОДРОМ
Еден од најпопуларните филмски жанрови во 70 тите години беа катастрофите без разлика дали тие се случуваа на земјата , во морето или небото.
Филмот говори за еден менаџер на еден аеродром , кој се обидува да го одржи аеродромот отворен за време на снежното невреме , додека еден бомбаш- самоубиец сака да го урне авионот „Бионг707“ полн со патници кој треба да слета токму на тој измислен аеродром во близина на Чикаго, Илиноис.
Режисер на филмот е Џорџ Ситон а во актерската екипа предводена од Бурт Ланкастер и Дин Мартин учествуваат уште и Џин Сиберг, Жаклин Бисе, Ван Хефлин, Џорџ Кенеди, Морин Стејпелтон, Барбара Хил, Дана Винтер и Хелен Хејс.
Филмот е снимен според истоимениот роман на Артур Хејли од 1968 година и успеа да заработи над 100 милиони долари, заработка која го надмина и историскиот спектакл „Спартак“ со Кирк Даглас во главната улога.
Филмот имаше дури девет номинации за наградата Оскар вклучувајќи ги и номинациите за најдобар филм и најдобар кинематографер . Оскар освои само актерката Хелен Хејс во категоријата најдобра споредба женска улога.
Филмот доби три продолженија со различни режисерски постави и учество на најпознати филмски ѕвезди од тој период. Беа тоа филмовите:„ Аеродром 1975“,„Аеродром ’77“ и „ Конкорд Аеродром’79“.
МАШ
Се работи за американска црна комедија во режија на култниот Роберт Алтман, чие дејствие се случува во 1951 година и ја прикажува единицата на медицински персонал сместена во Хируршката болница за време на војната во Кореја.
Главните улоги во филмот ги толкуваат: Доналд Сатерленд,Том Скерит и Елиот Гулд. Тука се уште и Сали Келерман, Роберт Дувал, Гери Бурхов, Роџер Боуен, Мајкл Марфи и за прв пат како актер и професионалниот фудбалер Фред Вилијамсон.Иако приказната на филмот е за случувањата за време на Корејската војна, сепак многумина дејствието на филмот го гледаа како тоа да се случува за време на тогаш актуелната војна во Виетнам.
Освен големата популарност која ја постигна кај публиката, филмот се закити и со голем број на филмски награди. Така , филмот ја освои наградата Златна палма во Кан а доби и пет номинации за Оскар .
Според него беше реализирана и телевизиска сетрија „ Маш“ која се прикажуваше во периодот помеѓу 1972 и 1983 година.
ПАТОН
Еден од филмовите кои ја одбележаа 1970 година е и епскиот биографски воен филм „Патон“кој говори за американскиот генерал Џорџ С. Патон за време на Втората светска војна.Неговиот лик извонредно го долови актерот Џорџ Скот кој беше награден со Оскар за најдобра машка улога кој пак тој одби да го прими. Во останатите улоги се појавуваат:Карл Малден, Мајкл Бејтс и Карл Мајкл Воглер. Режисер на филмот е Френклин Шафнер а сценариото го напишаа Френсис Форд Копола и Едмунд Х. Норт според биографијата „ Патон: Тешко искушение и триумф“ на Ладислас Фараго и мемоарите на Омар Бредли „ Приказната на војникот“.
Филмот освои седум награди Оскар, меѓу кои и за најдобар филм,најдобра режија и најдобро оригинално сценарио.
Филмот имал буџет од 12,6 милиони долари и бил сниман на 71 локација во шест различни земји. Најголемиот дел од филмот бил сниман на локации во Шпанија и Мароко.
ВУДСТОК
Документарниот филм „ Вудсток“ преставува интимен поглед на истоимениот музички фестивал кој се одржа во Бетел , Њујорк во август1969 година. Филмот ги опфаќа од подготовките за фестивалот па се’ до неговото расчистување, со учество на многу познати исполнители, ексклузивни снимки од концертот . Во филмот се прикажани сите добри и лоши страни на овој фестивал на кој присуствуваа тогаш најголемите пејачки ѕвезди Џоан Баез, Џими Хендрикс, Џо Кокер, Роџер Далтри, Ху, Сантана… во присуство на 500000 луѓе.Филмот е во режија на Мајкл Ведли и е добитник на Оскар за најдобар документарен филм.
Филмот за прикажување во кино салите траел 185 минути Во 1994 година била направена режисерската верзија на филмот која трае 224 минути.
МАЛЕЧКИОТ ГОЛЕМ ЧОВЕК
Мошне интересно филмско остварување преставува филмот „ Малечкиот голем човек“ Кој како режисер го потпишува Артур Пен. Се работи за филм кој преставува мешавина на повеќе филмски жанрови: комедија, драма, авантура и вестерн.Се работи за филм кој говори за едно машко дете кое е израснато во индијанското племе Чејени во текот на 19 век. Филмот во голема мерка се занимава со спротивностите со кои живее главниот јунак кој е растргнат помеѓу животот со американските пионери и домородните индијански племиња.Интересно е да се каже дека индијанците во филмот се прикажани како позитивни личности додека американците како негативци. Во филмот има елементи на сатира и комедија со што се преиспитуваат неправдата и предрасудите. Многумина овој филм го сметаат како своевиден протест против вмешаноста на Америка во војната во Виетнам прикажувајќи ја војската на Америка во негативно светло.
Главната улога во филмот извонредно ја толкува Дастин Хофман а во филмот настапуваат уште и Феј Данавеј, Мартин Балсам,Џеф Кори и Ричард Мулиган.
Филмот во 2014 година е прогласен за културно, историско и естетско богаство и е сместен во Конгресната Библиотека. Освен тоа филмот се наоѓа и во Националниот филмски регистар на САД.
ЌЕРКАТА НА РАЈАН
Еден од најдобрите режисери на сите времиња , Дејвид Лин „ Мостот на реката Квај“,,Доктор Живаго“ , „ Лоренс од Арабија“,…) во 1970 година се престави со филмот„Ќерката на Рајан“, романтична драма чие дејствие се случува во периодот помеѓу август 1917 и јануари 1918 година. Филмот ја раскажува приказната за една омажена Ирка која има љубовна афера со еден британски офицер за време на првата светска војна и покрај моралното и политичкото спротиставување на нејзините националистички соседи. Главните улоги во филмот ги толкуваат :Роберт Мичам , Сара Мајлс, Џон Мајлс, Кристофер Џонс, Тревор Хауард и Лео Мекерн. Филмот е направен според романите „ Заговор“ на Густав Флобер и „ Мадам Бовари“.
Музиката за филмот ја напиша Морис Жар инаку постојан соработник на режисерот Лин. Филмот е долг цели 195 минути . По неговата премиера наишол на остри критики од страна на критичарите но бил мошне добро прифатен од публиката. Филмот имал буџет од 13, 3 милиони долари а заработил 31 милион долари. Имал четири номинации за наградата Оскар а освоил два. За најдобра споредна машка улога за Џон Милс и најдобар кинематографер за Фреди Јанг, сосема заслужено бидејќи се работи за еден од најубаво снимените филмови во историјата на кинематографијата.
ТОРА! ТОРА! ТОРА!
Се работи за епски воен филм кој говори за јапонскиот напад на Перл Харбор во 1941 година. Режисер на филмот е Ричард Флејшер, Тошио Масуда и Кинџи Фукасаку. Главните улоги во филмот ги толкуваат Мартин Балсам, Џозеф Котен, Са Јамамура, Џејма Витмор, Татсуја Михаши, Такахиро Тамура, Џејсон Робертс и други. Ова е првиот филм на режисерите Масуда и Фукасаку на англиски јазик и прв не- јапонски филм.Подготовките за филмот траеле 3 години а самата реализација траела 18 месеци. Филмот е создаден со две одделни продукции . Едната била со седиште во САД со режисерот Ричард Флејшер а другата со седиште во Јапонија . Јапонскиот дел најпрвин требало да го режира славниот Акира Куросава кој работел во претродукција цели две години ,но по две неделно режирање на филмот добил отказ и бил заменет со режисерите Тошио Масуда и Кинџи Фукасаку.
Филмот имал пет номинации за Оскар во техничките категории а освоил само еден во категоријата за визуелни ефекти.
КОЧИЈА НА БОГОВИТЕ
Меѓу десетте филмови со најголема гледаност во 1970 година се најде и германскиот документарен филм „ Кочија на боговите“ во режија на Харалд Рајнл. Филмот е темелен врз книгата на Ерих Фон Дајкенен „ Колиби на боговите“ , книга која ги теоризираше вонземјаните како влијателен фактор во развојот на човековиот род.Филмот беше номиниран за Оскар во категоријата за најдобар документарен филм.
АРИСТОКРАТСКИ МАЧКИ
Овој предлог на 10 филмови го завршуваме со анимираниот филм на компанијата Волт Дизни кој воедно преставува и негов последен филм под негово раководство.Се работи за филмот „ Аристократски мачки“во режија на Волфганг Ритерман кој преставува 20 анимиран филм на Волт Дизни.Денес филмот преставува вистинска класика.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк