На 24 октомври во прекрасна атмосфера во просториите на Civic Theatre, Hurstville (предградие на Сиднеј) во организација на Австралиско македонската културна асоцијација од Сиднеј успешно се одржа Македонски филмски фестивал на кој беа прикажани повеќе краткометражни филмови како и долгометражниот филм Децата на сонцето во режија на Антонио Митриќески кој специјално допатува од македонија да го отвори фестивалот.
Македонскиот филмски фестивал се одржа како дел од програмата на традиционалниот Discovery Festival што се организира секоја година во оваа градска општина. Фестивалот започна утрото кога режисерот Антонио Митриќески организира предавање-работилница во однос режирање, продуцирање, пишување сценарио и снимање на краткометражни, долгометражни и документарни филмови.
Вечерта во свечена атмосфера после богатиот, во македонски стил, коктел започна фестивалската филмска програма. Од името на градоначалникот на општината Хрствил присутните ги поздрави Anne-Marie Wiles и од името на Амбасадорот на Република Македонија во Австралија поздравна реч изнесе Драган Богдановски. За почетоците во организирање на фестивалот како и за идните планови овој фестивал да стани традиционален, зборуваа организаторите на Фестивалот, директорот Беби Зекировски и уметничкиот директор Омер Зекировски. Филмскиот режисер Антонио Митреќески, кој исто така е и професор на Факултетот за драмска уметност во Скопје, со воодушевување ги изнесе своите впечатоци за организаторите и при тоа забележа дека по поканата од неговиот студент Омер Зекировски да биде гостин и премиерно да се прикаже неговиот најнов фил тој одма прифатил.
Покрај премиерната изведба на долгометражниот филм Децата на сонцето во режија на Антонио Митриќески се прикажаа краткометражните филмови The long awaited guest во режија на Омер Зекировски, 409 во режија на Дарјан Пејовски, Our Angel во режија на Ник Најдов, Митот за Сара во режија на Саша Станишич и документарниот филм Бале во режија на Никола Поповски.
Од разговорот со организаторите се дознава дека за идната година се планираат прикажување на повеќе филмови и Фестивалот да трае два до три дена. Исто се планира да се работи на неколку австралиско-македонски филски копродукции.
Душан Ристевски – Сиднеј, за Публицитет.мк