До Собранието на Република Македонија е поднесен Новиот предлог Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата кој ќе биде на дневен ред на 20 август. Во продолжение следуваат детали за новиот закон кој донесува крупни измени во оваа материја.Содржински, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата e поделен во 12 (дванаесет) тематски целини (глави): општи одредби; основни начела и меѓусебни односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата; правила на сообраќајот на патиштата; систем на сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патиштата; должности во случај на сообраќајна незгода; кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центри и возачки дозволи; оспособување за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца; посебни мерки на безбедност; организација и задачи на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата; евиденции и заштитата на податоците; прекршочни одредби и овластувања за подзаконски прописи.
Во глава ,,I.Општи одредби“, се определени прашањата кои се уредуваат со предложениот закон, што се однесуваат на основни начела и меѓусебни односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата; правила на сообраќајот на патиштата; систем на сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патиштата; должности во случај на сообраќајна незгода; кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центри и возачки дозволи; оспособување за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца; посебни мерки на безбедност; организација и задачи на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата; евиденции и заштитата на податоците; прекршочни одредби и овластувања за подзаконски прописи (член 1), како и детално определување на одделни изрази што се употребени во законот, со објаснување на нивното значење во поимникот на предложениот закон (член 2). Со ова се изврши терминолошко усогласување и допрецизирање на одделни изрази што се употребени во законот со одредбите од Законот за јавните патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/08, 52/09, 114/09, 124/10, 23/11, 53/11, 44/12, 168/12, 163/13, 187/13, 39/14 и 42/14), Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/08, 53/11, 123/12, 153/12, 70/13 и 164/13) и Законот за правда за децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 148/13).
Главата ,,II.Безбедност и зaштита на патиштата, основни начела и меѓусебни односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата“
Во рамки на надлежностите на Министерството за внатрешни работи, како ресорно Министерство за спроведување на прописите односно мерките што се однесуваат на безбедноста на сообраќајот на патишата, покрај следење и анализа состојбата на безбедноста на сообраќајот на патиштата; укажување на актуелните проблеми во областа на сообраќајот на патиштата и предлагање мерки за нивно решавање; контрола и регулирање сообраќајот на патиштата; контрола над возачите и другите учесници во сообраќајот на патиштата, над состојбата на патиштата и улиците, опремата и сообраќајната сигнализација; соработка со другите надлежни државни органи и правни лица во уредувањето, техничкото регулирање на сообраќајот и сообраќајните текови и во нивното функционирање; надзор над спроведувањето на прописите и над преземањето на мерки што се однесуваат на безбедноста на сообраќајот на патиштата; стручни и управни работи сврзани со издавање на возачки дозволи и дозволи за возачи-инструктори, регистрација на возила, издавање на сообраќајни дозволи, индивидуални контролни книшки и возачки книшки и учествуво во активностите поврзани со спроведување на сообраќајното образование и воспитување на учесниците во сообраќајот.
Во овој контекст, предвидени се и надлежностите на општините односно градот Скопје, по прашањето на уредување на сообраќајот на локалните патишта и улици на своето подрачје. Со ова се врши дополнување на надлежностите на општините односно градот Скопје, во врска со прашањето за уредување на сообраќајот на локалните патишта и улици за своето подрачје.
Предвидени се и конкретни обврски за правните и физичките лица кои вработуваат возачи во однос на исполнување на пропишаните здравствени и други услови неопходни за безбедно управување со возилата, односно обврската на правните и физичките лица кои вршат јавен превоз и превоаз за сопствени потреби, како и правните лица кои оспособуваат кандидати за возачи на моторни возила и правните лица кои спроведуваат возачки испити, во однос на организирање и трајно вршење контрола над исполнувањето на пропишаните услови за работа на возачите и возачите-инструктори, над условите за обучување на кандидати за возачи на моторни возила и на возачи кои полагаат возачки испит, над техничката исправност на возилата и над исполнувањето на условите предвидени со други прописи од кои зависи безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Се уредуваат конкретни аспекти на заштитата на патиштата заради осигурување на безбеден и непречен сообраќај на јавните патишта, за што предвидена е забрана за подигање објекти, уреди или постројки или на било кој друг начин да се зафаќаат сообраќајните површини, садење садници или поставување предмети со кои се намалува прегледноста на патот и на железничката пруга со која се вкрстува патот во исто ниво, како и прегледноста на крстосницата или да се вршат какви било дејствија кои би можеле да го загрозуваат или попречуваат сообраќајот на јавниот пат или да го оштетуваат јавниот пат и објектите на истиот. Во овие рамки, на јавниот пат и на неговиот заштитен појас не е дозволено да се подигаат споменици, да се поставуваат рекламни паноа и табли, крајпатни и други спомен-знаци, рекламни табли, да се продаваат производи и слично, спротивно на условите и начинот пропишани со закон. За таа цел, предвидени се конкретни обврски за правните и физичките лица надлежни за одржување на патот, да се грижат и преземаат соодветни мерки и активности што овозможуваат одвивање на безбеден и непречен сообраќај на патот, особено во однос на поставување соодветни знаци, односно обезбедување на учесниците во сообраќајот со поставување на браници и сл.), како и преземање мерки за отстранување на пречките на патот и воспоставување на безбеден сообраќај, односно навремено и точно информирање на јавноста за ограничувањата и забраната на сообраќајот на патиштата и за вонредните услови и посебните мерки за сообраќајот на нив, проодноста на патиштата во зимскиот период и во случај на елементарни непогоди или вонредни настани заради кои настанал прекин на сообраќајот односно заради кои значително се отежнати условите за одвивање на сообраќајот. Се врши прецизирање на надлежноста за издавање на одобрение за времена измена на режимот на сообраќајот на автопатишта, магистрални и регионални патишта, односно локални патишта и улици.
Истовремено, се врши усогласување со одредбите од Законот за јавните патишта, а кои се однесуваат на овластувањето кое го има доделено Министерството за транспорт и врски на овластеното правно лице за давање на информации и техничка помош на моторизираните учесници во сообраќајот на јавните патишта за отстранување од јавните патишта на оштетените возила во дефект.
Глава ,,III.Правила на сообраќајот на патиштата“,
Предвидена е обврска за учесниците во сообраќајот да постапуваат во согласност со прописите за правилата на сообраќајот, со сообраќајните знаци поставени на патот и со знаците и наредбите што ги даваат полициски службеници на Министерството за внатрешни работи.
Во овие рамки, предвидени се обврски за возачите што се однесуваат на управување со возилото, како и обврските кон пешаците кои се наоѓаат на коловозот или кои започнале да чекорат по коловозот и сл. Воедно, во наведената Глава е предвидена обврска за возачот на возилото што се движи покрај возило на јавен превоз на патници или покрај автобус со кој се врши превоз за сопствени потреби, запрен на стојалиште, да се движи со намалена брзина, на начин да не ги загрозува лицата кои влегуваат односно излегуваат од тоа возило. Предвидена е обврска и за слепите лица кога самостојно учествуваат во сообраќај, задолжително да носат бел стап, како знак за распознавање.
Наведената обврска претставува преземање на едно од компаративните европски искуства за оваа категорија лица, што овозможува нивно распознавање и соодветна превентивна заштита во сообраќајот на патиштата. Законското овластување од постојното правно лице за вршење на технички преглед на возила, министерот за труд и социјална политика го има пренесено на правно лице кое ги исполнува условите во однос на соодветна материјално-техничка опрема и стручен кадар за изработување на посебниот знак. Се предвидува обврска за обележување со посебен знак на возило што е направено со него да управува лице чии екстремитети суштествени за управување со возилото се оштетени, како и изработка на посебниот знак од правно лице овластено од министерот за труд и социјална политика.
Во овој дел, предложениот закон предвидува обврска за возачот на моторно возило, за време на возење во населено место, на возилата за јавен градски превоз на патници или на посебно обележано возило со кое се врши организиран превоз на деца, да им овозможи вклучување во сообраќајот кога тие возила излегуваат од стојалиште што се наоѓа надвор од коловозот односно од проширувањето на сообраќајната лента што служи за стојалиште. Во овие рамки, возачот на наведените возила, е должен пред отпочнувањето на повторно вклучување во сообраќајот, со помош на покажувачот на правецот, да ја најави својата намера да се вклучи во сообраќајот и тоа вклучување да го изврши на начин со кој не се загрозуваат другите учесници во сообраќајот. Од особено значење е и воведената обврска за задолжително обележување на автобусот со кој се врши организиран превоз на деца, како едно практично и превентивно решение, усогласено со компаративните искуства во Република Хрватска и Република Словенија.
Во однос на користењето на сигурносни појаси, предложениот закон предвидува обврска за возачот на моторно возило во кое се вградени сигурносни појаси и лицето кое се превезува со тоа возило, да бидат врзани со тие појаси за време додека возилото се движи во сообраќајот на пат, исклучувајќи ги доставувачите на стока во прометот, во местото на испорачувањето, како и возачите кога со возило се движат со брзина на човечки од, кога се движат наназад и на паркиралишта.
Предвидена е забрана за користење на мобилен телефон односно други уреди, од страна на возач на моторно возило, за време на управувањето со возилото и тоа на начин кој би ја намалил можноста за реагирање и сигурно управување со моторното возило. Во овие рамки, предвиден е исклучок од посочената забрана, во однос на користење на мобилен телефон и други уреди за време на управување со моторно возило, ако притоа се употребува направа која овозможува нивно користење без употреба на раце. Ваквото решение соодветствува со компаративните искуства во Сојузна Република Германија, Република Словенија и Република Хрватска. Возачот на моторно возило со право на првенство на минување, возило под придружба, како и возило за авто такси превоз на патници може да користи мобилен телефон, како и други уреди, на начин со кој не би ја намалил можноста за реагирање и сигурно управување со моторното возило. За лицето кое се превезува со моторното возило предвидена е забрана за попречување на возачот, на начин кој би го намалил неговото внимание и можноста за реагирање и сигурно управување со моторното возило.
Извор: Правдико.мк