Книгата „Некаде помеѓу“ е мојата прва средба со поезијата на Искра Пенева; од неа ја добив на Саемот на книга во Белград пред неколку години и на враќање за Македонија ја прочитав во автобус. Првичниот впечаток беше дека станува збор за исклучителна надарена личност, со сопствен поетски светоглед, чист, продуховен и со, она што е најважно за секој творец, автентичен лирски израз.
Тие се песни во кои силно е содржан модерниот миг со сите предизвици, искуства и искушенија. „Вечерав Сонце / Ми свети низ папоков…“ вели поетесава и со таква внатрешна осветленост ја рефлектира својата интима уверена дека го осветлува автентичниот лирски свет. За еден страствен читател на поезија, а и самиот да е творец, најважно е кај својот колега да ја лоцира точката на гледање, на перцепирање на нештата и вештината како нив ги вметнува во светот што го опкружува. Кога сето ова ќе се воочи, работите одат полесно и веќе се ужива во поетското писмо. Да се ужива во она поетско писмо кое те упатува кон една длабинска јазична мрежа и која спокојно те лови во една мудра рамнотежа и хармонија помеѓу зборовниот материјал и психолошкиот ефект. „Во центарот сум / На светлоста и езерото“ продолжува во истата песна и сега следува тој брз пресврт, тој психолошки, тој енергичен ефект, кој има и евангелиски контекст: „Лебди само еден човек / А јас немам право / Господи / Прости ми“. Ќе го наведам уште и насловот на друга песна „Повеќенасочни игри“, за која мислам дека има и антологиска вредност и, читајќи други песни од Пенева, надвор од оваа книга, оваа песна ги претставува основните својства и доблести на нашава поетеса. А кои се тие? Како прво станува збор за суптилен лиричар кој самоуверено владее со техниката на стихот. Второ, таа поетски уверливо владее со еден неопределен простор, односно ги брише границите помеѓу внатрешниот и надворешниот миг спојувајќи ги во длабока лирска чувствителност; трето, нејзината поетска слика е прецизна, уверлива, јасна, со силна емотивна тајна градба и надградба и затоа често таа е повеќе од опис. За ова кажаното ќе ги наведам песните: „Откритие“, „Барање прошка“, „Девет балони“, „Рамка на собата“, „Искушение“, „Трпеза“, „Скулптура“, „Во лутина“ и др., а од овие ќе ги издвојам: „Искушение“, „Трпеза“ и „Во лутина“. Во ове песни се открива и четвртата доблест на поезијата на Пенева: покрај тоа што се јавува како ефектен мајстор на гномскиот поетски исказ, во подолните пластови на песната се провлекува длабока рефлексивна нишка која ќе не потсети на прапочетоците, на праисконот, во нив се присутни јаболкото и виното, а тие две именки отвораат простори на контексти во кои се раздиплува повеќеслојноста на нејзините лирски известувања.
Во песните од оваа книга на Искра Пенева доминира јазичниот шарм и богатсвото на емотивни пулсирања со најразлични знаци и значења, со луцидни инвенции, со интелектуални засеци, со богати асоцијативни предели и визии ослободени од било какви стереотипни рамки. И она што е најважно – оваа поезија е само составен дел, а и надградба на она што е актуелно во балканската поетска мапа кој се наметнува и на пошироки простори.
Погоре реков дека следам и понови поетски објави на Пенева, на пр. на увид имав еден циклус во списанито „Свеске“ од Пнчево објавен во 2016 година. Тука се поместени дванаесет згуснати лирски текстови, прочистени од секакви излишни напливи, јасни, конкретни, асоцијативни, рефлексивни, полни со пораки, мудри. Во овие песни лирскиот субјект како да е поодалечен и нештата ги гледа од дистанца, овде поетесата како да става знак на равенство меѓу бујниот внатрешен лирски порив и рационалната логика, цврста, без напукнатини. Овде ќе цитирам едно тристишие со наслов „Одредување“:
Човекот е предодреден да напредува
Ако се враќа во минатото
Ќе ги изеде сите дни помеѓу
Наведувам уште една песна која ја поврзам со мотивот на јаболкото од книгата „Некаде помеѓу“.
ЈАБОЛКО
Од оваа билка потекнувам и јас
Кога на есен
Презреаните јаболка ќе се откинат од гранката
Тогаш како семе паѓам на земјата
Се враќам во корењата
Ќе изникнам доволно високо
Ќе ги оставам плодовите
Ете, тоа е моето видување, за оваа прилика кусо, само нотирано, за поезијата на Искра Пенева и моето задоволство што сакав да го споделам со вас. Мило ми е што таа е меѓу нас и ја повикувам да го чуеме нејзиниот поетски глас!
Прочитано на ЛУНУС 13. 7. 2019
Славе Ѓорѓо Димоски
Публицитет.мк