Мојот ангажман во Балканскиот фестивал на народни песни и игри започна во 1970 година по завршувањето на средно образование во Гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид.
Првите години на фестивалот работев хонорарно како и сите други со испишување на рекламни материјали на платна затегнати на дрвени рамки на кои беше наведена програмата и нејзиниот почеток како и испишување на имињата на ансамблите и земјите од кои доаѓаат, воедно и цртежи од фолклорните носии на учесниците.
Сцена „Долни Сарај“ над Григориевата припрата на катедралната црква „Св. Софија“. Со шаблони на логото на повеќе места на улиците правев отисоци со терминот 3 – 8 јули. Тој ден е празнувањето на Св. Наум Чудотворец, така што отисоци имаше и кај манастирот. За разлика од тој временски период, сега гледаме такви отисоци и белези по улиците за одржување на растојание од два метра меѓу луѓето.
Балканскиот фестивал беше културна манифестација која масовно се следеше од бројни домашни и странски гости како и охриѓани со оглед што Охрид го добиваше епитетот „втор туристички центар по Дубровник“ на просторите од поранешна Југославија. Секоја вечер беше снимана со репортажните коли на Македонската радио-телевизија со неколку камери. Со години фестивалот со прекрасните настапи се емитуваше на телевизиските програми во текот на целата година.
Тие години беа и првите масовни посети на странските и холандските туристи кога се направи „Паркот на лалињата“ во Горица 1. Не изостанаа и настапи на фолклорни групи од Холандија со нивните традиционални дрвени кломпи. И покрај вработувањето во Радио Охрид од 1975 до 1980 год. континуирано продолжив со активностите на фестивалот. Тогаш ја започнав обемната кореспонденција со странските ансамбли за условите и нормативите околу нивното учество од многу земји на Балканот и од светот. Се јавуваа фолклорни групи затоа што нивното учество значеше голем престиж и афирмација.
Во 1980 год. се вработив во Културно-просветната заедница на Општина Охрид која беше носител на културниот аматеризам: фолклор, рецитаторски секции, драмска, ликовна дејност, хорско пеење и други. Оттогаш мојата дејност беше да ги координирам овие дејности со организирање на општински смотри на најдобрите кои потоа одеа на регионални и републички. Продолжив со организацијата на Балканскиот фестивал.
По повод 20 годишнината од основањето во 1982 год. ја отворив мојата самостојна изложба во Салонот на книгата на НИП „Нова Македонија“ до Радио Охрид кој за жал е срушен. За моите дела говореше македонскиот ликовен критичар Борис Петковски.
Со историчарот на уметност Жарко Този бевме вклучени во реализација на монографијата „20 години Балкански фестивал“ од која голем број прилози беа препечатени во наредната монографија по повод 40 годишниот јубилеј во 2002 година.
Сѐ до 1990 год. кога фестивалот го презеде Домот на култура „Григор Прличев“ ја продолжив работата како програмски координатор и се трудев секој фестивал да се одржи во најдобро издание. Во тоа голем придонес даваа лицата со соодветна стручност во својата работа чии имиња се застапени во сите едиции.
Со укинување на културно-просветните заедници на ниво на цела Република Македонија се оневозможи и работата на аматерските дејности, никој не сакаше да работи заради ентузијазмот и секој бараше да добие надомест за својот ангажман. Со указ од Министерството за култура бев префрлен на работа во Домот на култура каде продолжив со веќе познатите ангажирања во реализација на Балканскиот фестивал .
Во договор со раководителите на ансамблите го подготвував сценариото за секој вечерен настап и истото го преведував на англиски јазик за најавувачите на програмата. Покрај тоа, за секој фестивал договарав ликовни изложби како пропратна активност. На нив зедоа учество еминентни ликовни творци и здруженија од нашата земја и од странство.
Посакувам оваа значајна меѓународна манифестација на фолклорот која ги зближува младите луѓе од целиот свет без разлика на нивната расна и верска припадност, а се вљубени во фолклорот и традициите, да продолжат да го негуваат она наследство од нивните родители и претци кои преку обичаите го задржале својот идентитет како народ со сите свои културни вредности, да продолжи и во идните години со незапирлив од.
Извадок од Монографијата 60 г. Балкански фестивал – автор: Милчо Јованоски
Авторските права се заштитени
Публицитет.мк