Кон крајот на октомври, минатата 2015 година во бројот 34 од списанието „Книжевно житие“ беше објавен најновиот расказ на познатиот охридски и македонски поет и раскажувач Смиле Наумоски – Брсјак под наслов: „Леонардина“.
„Публицитет.мк“ преку својата рубрика „Во потрага по трајната убавина“ се обидува повремено да ги следи и актуелните, современите трендови во македонската литература. Оттука и преземањето на расказот „Леонардина“ кој повеќе од очигледно е ги поместува границите на реалното и имагинарното и по којзнае кој пат го става на тест човекот како битие растргнат во и вон себеси.
Авторот Наумоски замолен да даде свој вовед во расказот (кој додека го читате ќе ви создаде доза на горчина во Вас , па како силно торнадо ќе ве подели на неколку парчиња, во одредени мигови филозофски ќе ве замисли, за отпосле да ве вивне и во еден миг да не ве пушти додека не го прочитате ) за идејата и мотивите за „Публицитет.мк “ изјави:
– Значи, тоа беше повеќе побуна и порив отколку инспирација: Пред неколку години ја прочитав книгата „Кодот на Да Винчи“ од американскиот писател Ден Браун(Dan Brawn). Морам да признам дека приказната беше навистина интересна, но многу навредлива и заради тоа долго време, дење и ноќе, моите мисли беа насочени кон она што во неа му се проповеда на човештвото. За жал, многу човечки души ја голтнаа јадицата на горкоста, го испија отровот на моралот. Едно утро болсна зракот и ми осветли сѐ. Со иста брзина со која што го читав „Кодот на Да Винчи“ (читај: „КОДОТ“ на Ден Браун!) моите раце го запишаа расказот „ЛЕОНАРДИНА“.
Не знам дали тоа беше моја промисла или информација од некаде стигната во горниот дел од вертикала на мојата свест, но расказот се роди. Последица на мојот порив: Како што меѓу редовите на трилерот „Кодот на Да Винчи“ Ден Браун го смести сопствениот код на сатанизмот, така – меѓу редовите на расказот „Леонардина“ е сместен кодот на антисатанизмот. Всушност, „Кодот на Ден Браун“ е декодиран во една кратка епизода од животот на главниот лик Леонар, во која се прикажани: начинот, техниката и идејата во создавањето на „Тајната вечера“.
Сакам да појаснам дека декодирањето е најважниот спореден елемент од мојот расказ. Основната идеја е борбата меѓу доброто и злото во човековата душа, но само толку. Задоволството им го препуштам на моите почитувани читатели, вели Смиле Наумоски БРСЈАК
Расказот „Леонардина“ е една вонвременска парадигма на Адам и Ева на моќта и немоќта на човекот да се бори против сопствената природа, пол, тело, желби и страст.
Наумоски мошне вешто својот лик го гради и го „шета“ низ вековите и годините, децениите , очигледно сакајќи да ни каже дека Леонардина живеела, живее и ќе живее и овде и таму и тогаш и сега и некогаш далеку во иднината.
Авторот умешно си игра со алузиите и илузиите мешајќи ги пороците од минатото до денеска и ставајќи го својот лик Леонар кој како што вели: – уште на 13 години му се плукна на животот. Ни „Тајната вечера“ ниту „Мари Хуана“ , ниту „Светата печурка“ не се случајни нешта туку тие се основата на расказот од кои Брсјак ја црпи енергијата за да го објасни лесното пропаѓање на човекот , губењето на моралните вредности, склоноста кон брзо себеуништување, препелкање во сопствената агонија и немоќ и губење на вредноста. Без да заборави да го наметне ставот и прашањето за реската граница меѓу иделаното, нормалното, ништожното и бескрајноста во губење на сите морални норми и стеги.
Расказот „Леонардина“ откако ќе го прочитате сигурно нема да ви ги одгатне сите пориви, нема да ви ги разреши сите прашалници кои ќе ви се родат во главата, но сигурен сум ќе ви отвори нови визури за бесконечноста на Универзумот и човекот во него.
Милчо Јованоски, Публицитет.мк
ЛЕОНАРДИНА
ПРВ ПЕРИОД – ВИНО
Леонар му се плукна на животот уште на тринаесет години. Тоа беше само почеток.
Мајка му – таа ноќна сенка од улиците, откако го исфрли туѓото тело од утробата, го завитка во некакви партали и по два-три месеци го остави пред влезот на оној, кој една приквечер, во време на буица од страсти, ја одвлечка во градината и набрзина Ѝ го склепа под зрелата јаболкница.
Таа си замина засекогаш, како од ништо да не се разделила, а Леонар живееше опседнат од дивите пороци на стрико му. Тој му покажуваше машки вештини. Најчесто го шеташе по карпестите планини и низ билките. Всушност го учеше на ситнурии од животот. Татка си го гледаше ретко, само приквечер, кога се враќаше од работа. Заповедничкиот тон на неговиот глас му ечеше до претсмртниот здив.
Исушеното момче чезнееше по мајка и заради машкото опкружување ништо не узна за женската душа. Тој период, во неговото срце се всели една студена празнина подлабока од клисурата под селото, поширока од ноќното небо над врвовите. Во неа се повлекуваше тогаш, кога другарите го канеа на гости. Така го избегнуваше разговорот на нивните теми што му беа досадни. Никаде не влезе и никого не го покани дома.
Од силниот копнеж, еден ден кога слушна дека починала млада жена и оставила сирачиња на негова возраст, нечујно се извлече од малата одајка и низ темнината отиде на гробишта. Го распрета мекото купче земја, го подигна капакот од ковчегот и под месечевата светлост долго го гледаше безживотното тело на жената, замислувајќи ја својата мајка. Го обзеде силна возбуда. Почувствува неиздржлива студ во себе. Како целата телесна топлина одеднаш да му испари кон небото. Нозете му клекнаа, а тој се свитка во облик на плод во матка. Се тресеше долго време.Помисли дека тоа се последните мигови од неговиот живот.
Откако се созеде, влезе во гробот. Ги одврза врвците од горната облека на жената што лежеше во ковчегот и се покажаа јадри разлеани гради. Посака да легне врз неа и да го стави лицето до нејзиното. Имаше силна желба за мајчина прегратка, за нежен допир од кој ќе зрачат топлина и љубов, но пред него лежеше само мртво тело. Студената празнина во него се прошири продирајќи во секоја клетка. Не му преостануваше ништо друго освен внимателно да ги гледа линиите и формите на лицето и трупот. Трајно ги запамети, а потоа ја заврза облеката, ги врати капакот и купчето земја на истото место и отиде до реката да си го измие плукнатиот момент од животот, нечистотијата од рацете и од кожните сандали. Цела ноќ размислуваше за причината на постоењето. Сите чувства: страв, гнев, омраза, љубов … се изредија во него. Утрото болно заспа.
За машката природа принаучи согледувајќи ги постапките, желбите и слабостите на своите другари. Имаше дарба да управува со нив на чудесен начин: Иако со одбивно ковчесто и испиено лице, се наметна со својата моќ да објаснува таинствени, мрачни и непознати нешта. Тогаш тие немо и завидливо го слушаа. Понекогаш правеше шеги на сопствена сметка, а тие замалуваа од смеење. Веднаш потоа знаеше да им се развика исто како неговиот татко и да ги подреди под конец.
Многу ноќи Леонар доживуваше кошмари: Се превртуваше во постелата замислувајќи женски лица и тела, но не можеше да си создаде јасна претстава. Имаше пресилна желба да ги отелотвори неговите фантазии, ама секогаш женските лица му се претвораа во лицето на неговиот тутурничав татко, а тој исплашен ќе ги отвореше очите и ќе ги видеше само црните линии од гредите на таванот.
Кога неговите другари на некоја од седенките дрдорливо зборуваа за скришните погледи, за танцот на задниците,за долгите кандрави прамени коса, за кревкоста, убавината, за вжештеноста на некоја од девојките, за градите што ја поткреваа облеката при секое вдишување воздух, Леонар ја напушташе групата и се повлекуваше во својата одајка. Во таа соба со посебен влез од задната страна, татко му го издвои за да може да живее слободно со жената која за малку не беше врсничка со неговиот син.
Едно попладне, татко му го затекна како мешка со раката пропуштена низ страничниот процеп на пантaлоните што личеше на џеб а служеше исклучително како отвор за мочање, го затекна во моменти кога долго време не ја извлече надвор, туку само така, на крај, се стресе и издивна. Тој му се развика толку бесно и гневно што одајката ечеше од неговиот глас:
– Од утре не си во Бела Планина! Селово не трпи такви како тебе! Те носам долу, во котлината! Разбра?
– Разбрав! – тивко возврати Леонар и отрча до реката да си ја измие нечистотијата од рацете и од пантaлоните.
* * *
Во ателјето кај учителот, во раскошното градче распослано по котлината, Леонар се насладуваше од мирисот на маслата. Уживаше во мазните форми на мермерните мажи и жени, во изразот и во мајсторството – со боја насликаните ликови да се прикажат како живи. Еднаш дури се обиде да ужива и во релјефот на еден врсник. За влакно се извлече од осуда за сексуална настраност.
Ноќните кошмари уште почесто го превртуваа во постелата. Во соништата секогаш го прогонуваше голема толпа луѓе. Никогаш не знаеше зошто го бркаат. Знаеше само дека треба да им побегне, а никако не успеваше. Една вечер, во мигот пред да заспие, се сети на еден поранешен сон во кој можеше да лета. Замавнуваше со рацете како со крилја и се вивнуваше во небото. Тоа многу му помогна во понатамошните фантазии. Се ослободи од прогонувачите, од стравовите дека ќе го дофатат, а потоа никогаш веќе не влегоа во неговите сништа.
Започна сонот да го живее како јаве: Летајќи низ небото, над покривите забележа дека некои од прозорците на горните катови се подотворени заради летните горештини и незабележано влетуваше низ нив во нечија спална одаја. На креветот под покривката мирно спиеја млади човечки тела. Тој посакуваше да се вовлече под тенките волнени или памучни ткаенини. Внимателно, без да го разбуди заспаниот, го откриваше. Возбудата во него растеше, срцето почнуваше силно да му бие. Додека го дооткриваше телото, рацете почнуваа да му треперат, а под стомакот насетуваше силни промени. Во исто’ време секогаш забележуваше дека открил само мермерна статуа или слика во убава ореова рамка. И сето тоа на крај се претвораше во ликот на неговиот стрико кој го запознаваше со тревките и нивните мириси. Но возбудата го достигнуваше врвот и завршуваше експлозивно. Леонар се будеше и веднаш трчаше во бањата да си ја измие нечистотијата.
Во тој период се роди неговото љубопитство за детално проучување на основите за совршената надворешност на човечкото тело и желбата за вистинско полетување во небото. Направи неколку скици на летала со кои би можел да се вивне во височините. Планот му беше никогаш веќе да не се врати меѓу луѓето зашто ги доживуваше како лицемери кои зборуваат сенешта зад неговиот грб. Истовремено го измачуваше нереалниот пристап на неговиот учител кон сликањето кој, некои делови од телото ги претпоставуваше бидејќи повеќето модели кои вкочането му позираа за пари, не сакаа да се разголат.
Еднаш, прв пат не ја одби поканата од другарите да се дружи со нив. Испи полн пехар вино и во него пламна силна желба да си го задоволи љубопитството. Тогаш реши и заради тоа му се плукна на животот по втор пат: Знаеше дека истиот ден погребаа млада девојка. Скриен под црните крилја на темнината, додека мижуркаа или се гасеа бледите маслени пламенчиња од кандилата, ја дотурка количката со дрвено тркало до гробиштата, го натовари откопаното тело и го покри со една подискината свилена ткаенина донесена како скапоценост со карвани од Индија, пред повеќе од стотина години. Додека во централните улички млади момчиња им свиреа и пееја серенади на девојките кои излегуваа на прозорците и надмоќно се смешкаа, Леонар, од никого незабележан, го внесе телото во малото станче. Најпрвин го слече и го свлечка до бањата. Убаво го изми со топла вода, а потоа го префрли на креветот во неговата одајка. Цела ноќ со крајни напори го поставуваше во различни положби, го мереше секој детал, ги запишуваше и споредуваше димензиите на главата, трупот, рацете, ноѕете, стапалата, дланките. Се восхитуваше од линиите кои совршено се поврзуваа меѓу себе формирајќи складна и, во време на животот, функционална целина. За прв пат му блесна идејата дека, можеби целиот универзум го има истиот облик. На крај го зеде тркалото со два паралелни обрачи на повеќе места поврзани меѓу себе, го заврза телото со раширени раце и нозе и заклучи дека тоа е ѕвезда правилно распоредена во кругот. Сѐ му беше јасно и разбирливо, но од мерењата не можеше да сфати дали Универзумот во суштина е машки или женски. Како и гласот на неговиот татко, тоа прашање го измачуваше до претсмртниот здив.
Пред мугри одлучи телото да го врати назад. Го изнесе тркалото во дворот, го обвитка со свилената крпа и почна да тркала низ темнината. Излезе надвор од градот, ја истрга крпата и ја откри девојката под бледата месечева светлина. Се восхитуваше од промените на фигурата во однос на просторот. Најпрвин двете ноѕе во вид на латинската буква V стремеа кон небото, потоа во истата буква расчекорени ја допираа земјата. Еден миг, ги затвори очите и ги виде двете слики преплетени една врз друга: нагоре и надолу. Тој миг се потсети на говорот од кабалистите за машкиот и женскиот принцип на шестокраката ѕвезда изразен низ преплетот на ноѕете, за комплетноста на Адам како маж и жена пред да биде од него извлечена Ева. Истиот миг му се јави дамнешниот сомнеж кон самиот себе. Од тој момент натаму Леонар веќе не знаеше дали во ноќите е буден или пак преку дните сонува. Слушаше звуци од небесата, гледаше слики за кои никој дотогаш не проговорил. Откри свет, за другите луѓе сосема непознат.
Така се создаваа неговите мисли и сѐ му беше јасно. Но со чувствата…!? Леонар беше катастрофа. Тој се ослободи од телото, ама никако не можеше да се ослободи од допирот, од студот што му се всели во душата, што му се налепи на прстите додека ги вршеше мерењата. Понекогаш, под влијание на сонцето му исчезнуваше непријатното чувство што го доведуваше до повраќање, но најчесто, посебно во будните ноќи или во облачните дни, тоа му беше постојан гостин што го задушуваше целиот негов плукнат живот.
Иако почна да слика и знаеше дека неговиот вонреден талент го забележаа многу мајстори на сликањето а и обичните луѓе, сепак беше свесен дека настрана, скришум, длабоко во себе го исмеваат. Го исмеваа неговиот изглед, неговиот неодреден однос кон луѓето и кон себе. Тоа го доведуваше до очајание. Ноќе плачеше, се прашуваше зошто е таков, зошто постои… и најчесто така липајќи заспиваше.
Сосема случајно, под неколку излитени книги во ателјето од неговиот мајстор ја најде Библијата и почна да ја чита.Тука откри многу од оние слики и звуци кои дење-ноќе јасно ги гледаше длабоко во себе или во небесните височини. На неколку места се сопна до паѓање: Не му беше доволно јасно, дали Господ и ѓаволот се во некаков договор. Во него се засили сомнежот. А сомнежот го раскинуваше.
ВТОР ПЕРИОД – МАРЍ ХУАНА
Еден ден ги собра четките, платната, боите, маслата, сите други предметчиња и замина во друг простор. Во новиот, голем град осветлен со електрични светилки, сфати дека е во сосема друго време.
Првата слика што ја наслика беше една девојка. Најпрвин ја наслика гола, а потоа со тенок премаз ѝ направи проѕирна облека што ги прикрива и истовремено ги открива нејзините убавини. Иако ја виде како мртовец во онаа вонредно возбудлива вечер, со боите ја оживеа. Изгледаше како да сака нешто да ти каже. Така луѓето го забележаа неговото мајсторство и почнаа да порачуваат слики. Беше свесен дека ги привлекува не само со сликите и скулптурите, туку и со неговата еуфорична ведрина што зрачеше од испиеното ковчесто лице со шилест нос. Од време-навреме почнаа да се нудат модели. Тие му допуштаа на Леонар, со долгите прсти да ги насетува нивните облини за да ги пренесе на глината или платното. Од сите нив најсилно го привлече една девојка од Шпанија на возраст од околу шеснаесет години, со изразен темен тен, со кандрава долга коса и со лице од кое добиваш впечаток дека во устата, од левата и од десната страна, под образите чува по една зрела цреша. Таа го обзеде до лудило. Откако ја сети нејзината привлечност, откако ги посла сите свои слабости под нејзините стапала и ѝ дозволи да управува со неговите мисли, чувства и со неговата волја, ја праша за името.
– Марѝ Хуана, а можеш да ме викаш и Хипи – се изнасмеа таа додека очите и црвенееја до солзи.
Пред да трепнеш, низ целиот град се расчу за големиот сликар, за неговото врвно мајсторство – на надворешната убавина да ѝ придодаде одраз на внатрешното совршенство кое тој го претпоставуваше. Во неговото ателје надојдоа еден куп девојки и момчиња, а првите столчиња ги зафаќаа најмладите. Марѝ Хуана најчесто беше до него, пред него, зад него. Влегуваше во составот на миризливите масла кои се употребуваа за растворање на боите. Но младите не стоеја со скрстени раце и ноѕе. Го користеа првиот миг кога Марѝ не беше тука и почнуваа да го опиваат со својата убавина. Леонар никого не го одби, но и никого не го прифати. Дури ни Марѝ Хуана. Тој нејзе и дозволи само да му се доближи. Кога ѝ ги мереше облините, димензиите, тоа го правеше за милиметар подалеку од кожата. Целата слика ја создаваше и паметеше на начин кој ни самиот не можеше да си го објасни. Сепак знаеше дека во тоа му помогнаа сознанијата што ги стекна читајќи ја Светата Книга. Тие сознанија во голема мерка се совпаѓаа и ги поткрепуваа неговите лични сознанија.
Светата Книга Леонар си ја разбираше на свој начин. Во неа уште во периодот Вино го воведоа некои пријатели, мудреци од Исток, но тој на таквата мудрост ѝ даде свој белег.
Всушност, целата негова мудрост беше сознанието дека Господ му дарил на човекот сетила за да ги употребува и да си причинува врвно задоволство. Знаеше дека длабоко во него постои љубов, но не можеше да почувствува никакво задоволство со кое би ја потхранил. Токму заради тоа беше исполнет со гнев, страв и лутина.
Распнат меѓу младите тела чија аура гореше пред сликарот во ателјето и меѓу границите што му ги одредуваше Светата Книга, реши да му се одмазди на Создателот заради тоа што Тој се поиграл со него создавајќи го толку различен од другите. Беше збунет и не му беше јасно кон кого да ја насочи исконската искра љубов што чувствуваше дека постои некаде длабоко во неговите темни, душевни длабочини. Не знаеше дали да освојува или пак, да допушти да биде освојуван. Скриен зад пердето на големиот прозор, со часови, како во пајакова мрежа ги чекаше сите тие кревки, млади оганчиња за да се поигрува со нив небаре ќе ги разбуди вистинските страсти во себе. Им дотураше од лененото масло, ги потпалуваше до екстаза. Обликот на нивните жешки тела се отпечатуваше врз неговите дланки кои без допир само кружеа околу нив.На крај, кога ќе си заминеа, во него остануваше големата болна празнина. Кога празнината стана поголема и поболна од неговата издржливост, само што влегоа, тој им се развика толку бесно и гневно што ателјето ечеше од неговиот глас:
– Излегувајте веднаш и повеќе да не ве видам! Ателјево не трпи такви како вас! Разбравте?
– Разбравме! – во еден глас одговорија и исчезнаа низ темните лавиринти на градот.
* * *
Леонар реши да слика библиски мотиви. За одмазда, Тајната вечера ја наслика со земјени бои. Тој јасно ја гледаше иднината зашто точно знаеше дека подоцна некој ќе ја поправа сликата што постојано низ времето ќе се оштетува. Знаеше, или на тоа го наведе некаков си ангел кој му ги движеше мислите и раката. Во средината постави лик околу кој, подоцна, луѓето ќе бијат битки одредувајќи го како машко, како женско или како бесполно битие, а конзерваторите поправајќи го ќе го дотеруваат така како што ќе одредат нивните моќни современици. Сепак, од непознатите длабочини на универзумот наречен Леонар, му доаѓаше гласот на совеста што го спречуваше до крај да ги влече линиите по туѓа патека и им даваше своја насока за да го постави и нивното вистинско значење.
ТРЕТ ПЕРИОД – СВЕТАТА ПЕЧУРКА
Леонар веќе не го држеше место и се изнаскита во многу градови и држави. Просторот сосема престана да го привлекува. Во споредба со човечката душа за него сѐ беше безначајно. Од звуците ги прифаќаше само оние со ритам на срцевото биење. Последното внимание, пред да почне да го губи интересот за човечките тела, му го привлече напливот од нови модели. Некои седеа на столчињата, а некои беа простум, но сите се движеа. Додека тој ги мереше и проучуваше со сите свои сетила, забележа дека, во споредба со поранешните, овие беа прилично помлади. Во исто време донесе заклучок дека неговата студиозна работа не е плод на неговото љубопитство, туку на нивната желба да го сетат неговиот допир и тајум да уживаат во блаженството развивајќи се во висина и во ширина. Тие дури и почнаа да му личат на група страстници кои водат војна за тоа – кој да биде во непосреден допир со него. Кога ќе влезеа во ателјето, го поздравуваа со прегрнување. Се приближуваа до него, а тој ги чувствуваше сите нивни делови што почнуваа да стрчат подалеку од вообичаената заобленост на телото. Дури тогаш почувствува малку топлина во неговото остарено тело и го подзаборави студот што му го налепи врз дланките одамна откопаната девојка. Ги откри новите модели, ги откри нивните возбуди кои дури и намерно ги создаваше, ја откри законитоста на раѓањето на нивните чувства, откри дека е спуштена границата од сетилните влакненца до мазната кожа. Сѐ откри но…
– Морам да се откријам прво себе! – гласно изговори. – Морам да знам Кој Сум всушност Јас во однос кон сѐ друго!
И се доближи до неговата врвна мудрост. Сфати дека за да се осознае, мора да се спореди со мноштвото други луѓе и созданија. Маскиран во најразлични личности стигнуваше до бојните полиња, касапеше тела, ги проучуваше мускулните ткива, коските, органите и жлездите со внатрешно лачење. Сакаше да ја сознае материјалната природа на духовноста и страстите. Навистина, скоро ја допре врвната мудрост: разбра дека е вљубен во себе, но на подруг начин од нему познатиот Нарцис. Уште како момче си ги поставуваше прашањата: „Зошто имам енергија колку за двајца? Зошто ми се толку концентрирани мислите и толку сум издржлив во активностите? Не се ли во мене идеално преклопени два близнаци еден во друг?“ А токму во тоа време беа познати оперативните зафати за раздвојување на сијамските близнаци заради што докторите имаа полни раце работа. На Леонар му беа познати и случаите кога на некој му висеше под мишка близнакот само со главата и со дел од трупот, на некој му стрчеше само едната нога надвор и сите мислеа дека човекот или жената, сеедно, има три ноѕе или шест прсти. Леонар, од една страна беше среќен зашто во него има близнак и тоа женски и дека двајцата идеално се вклопуваат еден во друг со што тој е спасен од поголемо исмевање, од друга страна беше многу несреќен зашто под ковчестото лице не можеше да го види својот женски лик.
Душата му беше постојано напаѓана и повредувана, посебно откако му излезе името – перверзник. За да го смени мислењето на луѓето, се ожени и помисли дека си помогна, но веднаш почувствува дека го напушта женскиот близнак и западна во најголемо очајание.
Токму тогаш во мислите почна да го создава својот автопортрет. Пред да почне со скицирање, замина во планините да ги исчисти спомените од лепливите раце на стрико му и да си ја ослободи душата, но и да се потсети на убавините на пејсажот. Долго се восхитуваше од облиците и боите. Ја разбра суштината за функционалноста на просторот: реките и потоците течеа исклучително низ длабнатините околу кои растеше бујна трева. Исто како и кај човекот: кога врнеше, дождот ги заобиколуваше веѓите или преку влакненцата капеше долу штитејќи ги очите. Тогаш разбра дека човекот е посовршен и е над сѐ друго. Кога гледаше во високите стебла на дрвјата и го допре нивната смиреност и истрајност низ вековите, му се наметна прашањето: „Која е нивната филозофија што им дава сила да живеат толку долго без да се преместат од местото за кое со длабок корен се врзани до крајот на животот?“
Додека му течеа сите тие мисли и прашања, наиде на купчиња измет од коњ. Врз нив растеа ситни печурки со назабени рабови на чадорчињата. Леонар ги откина, запали огне и врз полуизгаснатиот жар испече една количина од нив, не за да ја засити гладта, туку да ужива во нивниот вкус и во последиците. Тоа беше последното потсетување од уката на стрико му – како се опстанува во природата. По закуската тргна низ наведнатите рудини кон градот. Сонцето им се доближуваше на западните планини и се гледаше искачувањето на темнината од котлината кон планините.
Леонар го отпочна последниот одмор на изделканиот трупец до изворчето. Одеднаш почувствува и виде дека просторот почнува да се осветлува со светлина која не доаѓаше од никаде. Пределот почна да трепери, да игра и да ги менува формите. Боите беа живи и се преточуваа од една во друга. На небото се појави неговиот лик кој траеше додека сликарот ги споредуваше и ги запамтуваше соодносите на линиите и облиците. Потоа ликот направи благ, едвај забележлив премин од машко кон женско при што, соодносите останаа исти. Врзивно ткиво беше бледата измаглица низ која сето тоа се случуваше. Тие визии во боја потрааја уште некое време, а потоа се појави мракот кој од котлината стигна до изворчето и продолжи нагоре. Леонар поита да слезе до главниот, едвај видлив пат пред сосема да се сноќи. Кога стигна во градот, во неговиот мозок веќе беше отседнат еден портрет со сите возможни детали што го градеа и со начинот на кој подоцна ќе се изразат.
Утредента во ран час, богатиот нарачател со својата жена влезе во ателјето.
– Сакам портрет за мојата сакана! – му рече на сликарот и ја седна жената врз трупчето пред наместеното платно на штафелајот.
– Цената? – праша Леонар.
– Колку што ќе побараш! – одговори нарачателот и замина.
Леонар ја гледаше убавицата, вртеше околу неа, а внатре: во крвотекот, во срцето, во мислите, некои сили војуваа меѓу себе. Дупката што му се приотвори откако се ожени, откако го напушти неговата близначка во која беше неутешно вљубен, почна да се полни, да се затвора. Сите болки што му ја создаваа празнината почнаа да испаруваат кога сфати дека пред него седи жена која пред тоа беше целата во него. Почувствува дека нејзината душа се вселува во неговата.
– Можеш да си одиш! – ѝ рече. – Мерките се земени, а ќе ве известам да дојдете тогаш кога сликата ќе биде готова.
Жената се зачуди, дури малку и се навреди што сликарот не ја удостои со тоа што ќе се восхитува од нејзината убавина уште некое време. Стана, учтиво го поздрави и замина.
Леонар почна да го слика сопственото таинство. Додека ги распоредуваше боите и четките, се потсети на сите потсмевања и понижувања што ги доживеа во Бела Планина, во котлината и секаде до каде што стапна неговата нога. Беше гневен на Господа што не го раздели на машко и женско како што тоа го стори со Адам, се лутеше но и се потсмеваше оти сфати, барем така мислеше, дека ја откри божјата грешка и реши по втор пат да му се освети: Како мајстор над мајсторите, а поприлично упатен од кабалистите, врз пропорциите на лицето од Лиза – жената од богаташот која сеуште ја гледаше седната на трупчето, реши да ги постави мерките од своето лице, но со ликот на неговата близначка Дина чие име го криеше во себе до крајот на животот.
Последна подготовка пред да почне да слика беше слатката закуска од остатокот на печурките што предизвикуваа визии во боја. Потоа беше лесно: Дојде Оној ангел кој при падот си ја скрши ногата, му ја подигна раката и почна да му ја шета по платното исто како при сликањето на Тајната вечера, а Леонар, ја здогледа Дина или Лиза сеедно, толку и така убава, во оној предел кај што ги набра печурките. Ја постави во преден план за да покаже дека таа, дека човекот е над сиот простор, над целиот материјален свет, дека ќе го восхитува човештвото и истовремено ќе го носи до недоумица кажувајќи дека човек можел да создаде совршенство еднакво на божјото. При тоа, истовремено му зборуваше внатрешниот глас и му ја придвижуваше раката според својата волја.
Ја наслика, ја постави во рамка, ја обеси на ѕидот, а потоа го заклучи ателјето.
* * *
Како сликар растргнат од двата водачи во две половинки кои едвај се држеа заедно, проскита бесцелно по светот, учеше архитектура, медицина, астрономија, сѐ учеше ама ништо не го исполнуваше. И најголемото нешто за него беше многу мало и безначајно. На крај се врати во ателјето. Беше вечер слична на неговите познати вечери. Застана пред сликата и ја галеше и милуваше, ја бакнуваше и прегрнуваше, а таа беше студена како разлеаните гради на онаа жена што ја откопа. Ја зеде четката и од задната страна го запиша името ЛЕОНАРДИНА.Тој миг нешто му се всели во душата. Сети дека во него повторно е неговата сакана Дина и почувствува дека е целосен, но истовремено ја почувствува и гнасотијата од паднатиот ангел што ја исполнуваше секоја клетка од неговото тело, секој елемент од душата. И реши да се исчисти од сите гнасотии што го управуваа во животот, од касапењата што ги вршеше врз мртвите трупови, од поткревањето на страстите врз моделите од сите возрасти.
Влезе во бањата под големиот вжештен казан. Застана под прскалката и пушти млака вода што создаваше пријатно чувство.
– Уште еднаш, – рече – уште денаш да ја допрам Дина пред да почнам со исповедта. Водата му паѓаше врз долгата проретчена коса, се излеваше преку челото и стигнуваше до надвиснатите веѓи. Ги заобиколуваше или преку нив како преку карпи, како водопад удираше на плочките и тонеше во непознатите длабочини на замјата. Леонар ја милуваше Дина по секое достижно место. Во рацете му трепереше совршената композиција на телото. Во него растеше восхитот од мајсторството на Создателот. Додека прстите тревожно ја миеја неговата површинска гнасотија, низ мислите му течеше минатото. Душата му беше бескрајно тажна зашто целиот живот му измина во самотија и без љубов, а секој миг, најмногу од сѐ сакаше да сака и да биде сакан. Плачеше како мало дете оставено на некој праг што можеби никогаш не требаше да се премине, а солзите заедно со водата ромореа во отворот на кадата.
„Време е да си ја исчистам душата!“, си помисли и извика:
– Господе, јас завршив со нас! – мислејќи на себе и на близначката.
Сакаше да ја говори исповедта а потоа да се покае, но слушна крцкање на заби, прикриен лет или пад врз плочките. Некој ја запираше ладната, а ја пушташе жешката вода. Ја сети сета своја нечистотија, само не разбра дали го напушти или остана во него. Со последните сили на свеста успеа да изусти:
– Прости ми!
– Простено тие, простено тие, простено! – се одбиваше шепотот на неговиот вистински татко од ѕидовите на бањата, но Леонар не слушна ништо.
Во бањата меѓу плочките се издигаа вртлози од врела пареа. Водата клокотеше во кадата, а надвор небото грмеше како Паднатиот:
– Заминувај одовде! Заминувај во мрачните длабочини! Моево царство не трпи превртливци како тебе! Разбра?
Смиле Наумоски- БРСЈАК
Публицитет.мк