Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска присуствуваше на примопредавањето на софтверскиот систем е-Градежно земјиште, кое Министерството за транспорт и врски му го предаде на Заедницата на единиците на локалните самоуправи (ЗЕЛС), која понатаму ќе го проследи до општините во Република Македонија.
Новинарите ја искористија можноста да му постават повеќе прашања на премиерот Заев меѓу другото и за идејата преку кредит да се раздолжат блокираните сметки на македонските општини. Меѓу оние со најголем долг е Општина Охрид.
Што се случи со идејата, за Владата да се задолжува во име на општините?
Премиерот Заев: Работиме на тоа. Ги чекаме понудите на банките. За нас е многу важно да добиеме што е можно пониски каматни стапки и да добиеме можност по пат на преговарање за исплата на сите тие долгови кои општините ги имаат спрема добавувачите, да добиеме подобри услови. Јас, се надевам дека во многу брзо време ќе можеме да соопштиме конечно која е одлуката. Одлуката за тоа државата да подигне кредит е веќе донесена, за да го пренесе на општините, да ги исплатат своите обврски спрема добавувачите, некаде околу 120 милиони евра. А, самиот кредит ќе го враќаат општините на подолг период, некаде на 15 или 20 години, со пониски каматни стапки. Очекуваме два, два и пол посто каматни стапки, кои што за сметка на денешните 13 посто кои што ги плаќаат како затезни камати општините за сите долгови кои што се доспеани. Ние веруваме дека на тој начин ќе ги растеретиме општините, ќе им дадеме еден ветер во грб, за нивното напредување во иднина. Исто така, овие пари одат кај домашните компании на кои што им должат општините, па истовремено сме свесни дека парите ќе се искористат за нови инвестиции во РМ.
Прашање: Чекате понуда од домашните банки или од меѓународни институции?
Премиерот Заев: Од меѓународни институции, но се разговара и со домашните банки. Ако тие се подготвени да направат конзорциум на понуда од ваков износ, 120 милиони евра и да бидат конкурентни на меѓународните банки наше задоволство ќе биде да се договориме со домашните банки заради тоа што тие пари се директно пласирани за долгот на општините кој преку 95% е кон домашните компании коишто работеле за сметка и во име на општината.
Публицитет.мк