Неделава претставниците на четирите политички партии, потписници на договорот од Пржино, ќе продолжат со остварување на обврските од договореното. На дневен ред дојдоа медиумите.
Како до медиуми кои ќе работат објективно, независно и професионално? Ова е прашањето на кое членовите на работната група ќе треба да дадат некаков прелиминарен план за елиминирање на овие слабости во македонските медиуми. Главни теми ќе бидат работата на јавниот радиодифузен сервис МРТВ и обезбедување на независноста во работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
СДСМ смета дека за МРТВ треба да се обезбеди целосна финансиска независност, преку фиксна ставка од буџетот која нема да се менува без разлика која политичка гарнитура е на власт. Новинарските здруженија, ЗНМ и МАН се за обезбедување на гарантирана годишна финансиска ставка за јавниот сервис од 1 отсто од буџетот, а радиодифузната такса да остане, како и правото на приходи од реклами.
Денеска во собраниска процедура ќе влезат усогласените закони од договорот во Пржино – законите за Влада, за заштита на приватноста, за заштита на дојавувачите, за измените на Изборниот законик, како и за одлуката за формирање собраниска анкетна комисија за прислушуваните разговори. Би требало законските решенија да се усвојат пред објавувањето на извештајот на Европската Комисија. Треба да се договорат конкретни решенија со кои ќе се елиминира политичкото влијание врз медиумите и ќе се обезбедат поголеми медиумски слободи.