Прочуените советски чаши од дебело стакло со многу надолжни рабови се цврсти, масивни и згодни за употреба. Нивниот роденден беше на 11 септември. Во СССР ги користеле како домаќинките, така и алкохоличарите. Ви презентираме пет податоци за овој познат производ од советската доба.
Дизајнот ѝ се припишува на прочуената вајарка
Првите советски чаши од дебело стакло се произведени на 11 септември 1943 година во фабриката за стакла во градот Гус-Хрустаљни. Се смета дека ги дизајнирала Вера Мухина, позната руска вајарка. Таа се има прославено со монументот „Работник и колхозница“ кој за првпат е прикажан на Светската изложба во Париз 1937 година.
Не постојат официјални документи кои го потврдуваат авторството на Мухина, но е познато дека таа во 1943 година била на чело на ленинградската Работилница за уметничко стакло, па поради тоа ѝ се припишува дизајнот на познатата чаша. За волја на вистината, изгледот на чашата не е плод на дизајнерска имагинација, ами ваквиот облик одговара на новата советска машина за перење садови произведена во текот на четириесеттите години од минатиот век. Оваа машина можела да пере само садови со определен облик и големина.
Посебната технологија обезбедува цврстина
Советските чаши можеле да имаат различен број надолжни рабови (10,12, 16 итн.), но сите тие на врвот имале еден ист детаљ – мазен стаклен финиш. Поради тоа биле исклучително цврсти. Освен тоа стаклото е правено според специјална технологија (извесно време во него додавале дури и олово) и било мошне дебело, што исто така придонесувало за неговата цврстина.
Слика на Кузјма Петров – Водкин. Извор: Depositphotos/PhotoXPress.ru
Но, во осумдесеттите години овие чаши ги зафатила „епидемија“. Почнало да пука стаклото од страните и да се одвојува дното. Некои се распаѓале и на парчиња. Причината за тоа била во тоа при производството на стаклото почнала да се користи странска опрема, така што не е испочитувана пропишаната технологија.
Чашата од дебело стакло била најдобар пријател на пијаниците
За време на владеењето на Никита Хрушчов (1953-1964) властите се бореле против пијанството, и во рамките на таа борба забраниле да се продава вотка на точење и во мали шишиња. Во продажба останале само шишињата од 500 милилитри. Тогаш кај алкохоличарите се создала традицијата да пијат „во тројка“, и тоа од дебели чаши што ги носеле од дома.
Така тие всушност ја делеле содржината од шишето на еднакви делови, зашто доколку советската чаша од дебело стакло се наполни до врв, во неа собира точно 167 грама, односно третина од половина литар. Кога вотката се пиела „во тројка“, секој „колега“ на „состанокот“ носел дебела чаша и една рубља. Така љубителите на добрите капки собирале вкупно три рубли, а едно шише вотка тогаш чинело 2 рубли и 87 копејки.
Оттука потекнува и познатиот советски израз „да се пие во тројка“(рус. „сообразить на троих”). Старите советски чаши од дебело стакло во Русија сè уште се асоцираат со вотката.
Во СССР овие чаши ги имало насекаде
Алкохоличарите не биле единствените почитувачи на чашата од дебело стакло. Тие во Советскиот Сојуз биле користени насекаде: во училиштата и во болниците, во мензите и во автоматите за вода кои ги имало насекаде по улиците (во секој автомат имало ваква чаша, минувачите од неа пиеле газирана вода, а потоа ја враќале на своето место, по што таа повторно била користена, што звучи неверојатно од гледна точка на хигиената). Советските домаќинки не можеле да направат ништо без овие чаши. Со нив мереле течност, брашно, шеќер… Дури и во советските „народни готвачи“ количеството не се мерело во грами, ами во чаши. Со овие чаши од расукано тесто се правеле облици за пељмени и за вареники, а понекогаш се одгледувал и расад за градината.
Извор: Depositphotos/PhotoXPress.ru
Советската чаша од дебело стакло и понатаму се користи
Во постсоветска Русија овие чаши повеќе не се толку популарни зашто сега постојат други, пофини технологии за производство на цврсти садови. Сега советската дебела чаша не може да се купи во обична продавница, ја нема во училиштата, ниту во болниците.
Масивната советска чаша во 21 век може да делува како анахронизам, но таа и понатаму останува препознатлив симбол на Русија. „Симнувајќи еден по еден археолошки слој на руската историја ние постојано ќе се враќаме на чашите од дебело стакло“, пишува современиот руски автор Виктор Ерофеев. „Тоа е нашата археологија. Поточно, тоа е нашата матрица“.
Извор: www.ruskarec.mk