Охрид и околината се земјоделски регион. Ние сме домот на брендираната „охридска цреша“, на најубавите јагоди. Изобилуваме со обработливо земјиште и тоа е одличен капацитет за развој на земјоделството. За да постигнеме видливи резултати потребно е зголемување на производството, но и на пласманот на производи. Затоа предвидуваме изградба на откупно-дистрибутивен центар. Со ова создаваме услови за соодветно сортирани, пакувани и продадени земјоделски производи, изјави денеска кандидатот за градоначалник на Охрид од коалицијата „За живот во Македонија“ предводена од СДСМ.Јован Стојаноски.
Стојаноски нагласи дека инвестицијата во таков центар ќе придонесе и за здружување на земјоделците од регионот, односно за организирање кластери на земјоделски производители.
– Функционирањето на откупно-дистрибутивниот центар за земјоделски производи придонесува за зголемување на конкурентноста на земјоделците на пазарите, но и за заштита на откупните цени на земјоделските производи. Ваков откупно-дистрибутивен центар за земјоделски производи според потребите се предвидува во близина на Лескоец и Велгошти. Овозможува поголем удел на земјоделците во крајната цена. Тие добиваат поквалитетни производи, ги продаваат по повисоки цени и добиваат можност преку земјоделските кластери да продаваат поголеми количини од своите производи. Со ова, придонесуваме за намалување на разликите меѓу градските и селските средини, рече Стојаноски.
Извор: www.mia.mk