Возрасните но и децата понекогаш имаат лош здив или халитоза. Неправилната орална хигиена, неправилната и нередовна исхрана или акутни воспаленија на дишните патишта се најчести причини за оваа појава.
Доколку се конзумира храна која во себе содржи високо испарливи масла, честа е појавата на лош здив. Оваа храна во себе ги вклучува лукот, кромидот и некои видови зачини. Соскојките од ваквата храна уште одредено време се наоѓаат во организмот како последица од варењето на храната во желудникот, па потоа уште некое време се излачуваат преку респираторниот систем. Миењето на забите после консумирање на ваквата храна има само краткорочни ефекти бидејќи мирисот изчезнува откако целосно ќе се елиминира од телото.
Непријатниот здив од устата често е еден од знаците кои предупредуваат дека лицето има проблеми со непцата, а најчесто тоа е акумулација на дентален плак. Бактериите од плакот произведуваат токсини што ги иритираат непцата, а во поодмината фаза на болеста доаѓа до трајни оштетувања на непцата и на коскените структури кои ги поддржуваат забите. Затоа, покрај редовната хигиена, неопходно е да се посетува стоматолог на секои 6 месеци со што оваа појава би се евидентирала од страна на стоматолог и би се превзеле мерки за нејзино спречување и рано лечење.
Некои заболувања и состојби во организмот и во оралната празнина предизвикуваат сувост во устата или ксеростомија.
Во услови на намалена саливација односно намалено лачење на плунка, отежнат е механизмот за чистење на устата, нарушен е нормалниот проток на плунката и отстранувањето на мртвите клетки на кожата, чија акумулација на јазикот, образите и непцата предизвикува лош здив.
Сувоста на устата се случува во текот на ноќта, а непријатниот утрински здив е особено изразен кај лицата кои спијат со отворена уста. Лицата кои употребуваат антидепресиви, исто така имаа сува уста. Ваквата состојба се јавува како симптом на болест на плунковите жлезди, но и при проблем со дишните патишта.
Пушењето цигари освен што има негативно влијание врз целокупното здравје, тоа е поврзано и со лошиот здив. Пушењето цигари во устата предизвикува низа промени меѓу кои најизразени се сувост во устата, промена на бојата на забите, намалување на чувството на вкус и крварење на непцата. Лошиот здив кај пушачите е резултат на сува уста и честите болести на непцата. Освен тоа, пушачите имаат поголем ризик од развој на високомалиген карцином на усната празнина и фаринксот за разлика од непушачите.
Стрептококна инфекција, инфективна мононуклеоза, гнојна ангина, хроничен синузитис се само дел од низата воспаленија на горните дишни патишта кои се причина за лош здив. Некои болести даваат карактеристичен мирис на здивот, како на пример мирис на урина кај лица со ренална инсуфициенција или мирис на земја кај лица со оштетување на црниот дроб.
Непријатниот здив од устата кај децата најчесто е последица на нередовна и неправилна орална хигиена, но може да биде последица и при респираторни инфекции или дехидрација. Ако се промени животниот стил и исхраната, лошиот здив во повеќето случаи успешно исчезнува. Во случаи кога преземените мерки не помагаат, се препорачува да се направи стоматолошки преглед за да се открие или елиминира причината за лош здив. Повеќе за ова, дознајте во еден од нашите следни текстови.
Наскро, очекувајте текст за тоа како да се ослободиме од лошиот здив?
Д-р Кристина Стојаноска – Алоска ,
стоматолог во ПЗУ „Д-р Сашо Стоев“
www.drsasostoev.com