Јубилејната 40. Меѓународна музичко-научна манифестација „Струшка музичка есен“ 2015 ќе се одржи од 4 до 6 септември во х. Дрим, Струга.
Цели четири децении „Струшка музичка есен“ нуди можност за средба, размена на идеи и дебати на актуелни теми кои ја преокупираат македонската музичка јавност. Темата која ќе ги обединува трудовите презентирани во Струга е со наслов „Меморија и перспективи“.
„Целта на анализата на процесите на меморирање и меморијализација на одреден настан, простор, време или личности, е тие понатаму да се вклопат и да станат дел од колективната меморија и националното сеќавање. Со таа намера и Сојузот на композиторите на Македонија за годинашната ’Струшка музичка есен‘ ја предложи темата ’Меморија и перспективи‘, преку која ќе се прошетаме низ сите претходни изданија на Струшката музичка есен“, известија од СОКОМ.
Селекторот на годинашната „Струшка музичка есен“, м-р Ивона Опетческа Татарчевска, избра 30-тина трудови на научници кои имаат намера претстојниот викенд во Струга да ги презентираат своите трудови од областа на македонската продуктивна и репродуктивна музика и танц, како трудови кои дават историска перспектива на настаните и личностите кои досега ја обликуваа „Струшка музичка есен“ како единствена концепција на музичко – научна манифестација кај нас.
„Струшка музичка есен“ и годинава го задржува меѓународниот карактер со учество на научници од Хрватска, Словенија, Англија.
„Законите на меморијализацијата покажуваат дека реконструкциите на минатото директно се зависни од интересот и интерпретативната рамка на денешницата и токму затоа годинава прифативме трудови во кои ќе се отвораат прашањата за врските на музиката со политиката, моќта, сеќавањето, секако со една критичка рефлексија, со што сакаме да ја осигураме објективната слика на минатото, но и новите перспективи на Струшката музичка есен“, истакнува Опетческа – Татарчевска.
Изминатите децении оваа манифестација бележеше големи промени, не само во квантитативно-квалитативна смисла, низ овој годишен научен собир на музиколозите, етномузиколозите, музичките педагози, медијависти и репродуктивни музички уметници, се промени и логиката на научното меморирање, интерпретирање и знаење за музиката во Македонија.
„Секоја наука одбира на кој начин ќе се сеќава на својата историја и затоа во ова јубилејно издание на Струшката музичка есен, не треба да заборавиме дека и градот Струга и луѓето од овој град дадоа голем придонес кон музичката историја на Македонија во последниве четири децении“, дополнува Опетческа – Татарчевска.
Како и секоја година, „Струшка музичка есен“ и годинава ќе одбележи јубилеи на значајни македонски композитори, и тоа: Стефан Гајдов – 110 од раѓање, Панче Пешев – 100 години од раѓање, Кирил Македонски – 90 од раѓање, Властимир Николовски – 90 од раѓање и Томе Манчев – 65 од раѓање, најави доц. Сони Петровски, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија.
Извор: МКД.мк