Има многу идеи како морињата да се исчистат од пластичниот смет. Сега конечно постои реална надеж за можноста тоа и да се реализира. Станува збор за бактерија која најмногу сака да „јаде“ пластични шишиња.
Потрага по бактеријата
Научниците дошле до ваквото сознание на таков начин што од една постројка за рециклирање на пластични шишиња зеле 250 примероци, од тлото, отпадните води и калта. Тие ги проучиле пробите во лабораторија за да дознаат дали во нив има микроорганизми кои се во состојба да го разградат тенкиот слој на полиетилен. Бактерија пронајдена во еден од примероците ја нарекле Ideonella sakaiensis 201-F6.
Во текот на натамошните истражувања, се покажало дека оваа бактерија не се наоѓа само во течноста, туку и во самата пластика. Клетките биле меѓусебно поврзани и така се одржувале на површината на пластиката.
Испитувањето траело 60 недели, при константна температура од 30 степени Целзиусови, се‘ додека бактериите во целост не ја изеделе пластиката. Научниците идентификувале два ензима одговорни за тој процес: едниот пластиката ја претвора во меѓупроизвод, а другиот тој меѓупроизвод натамошно го обработува, додека на крајот не преостанат терефтални киселини и гликол. Тие не се отровни за околината, нагласуваат научниците.
Релативно бавен процес
Ќе можат ли бактериите еден ден да бидат употребени за отстранување на пластиката од околината? Засега се чини тоа нема да биде можно. „Процесот на разградување е релативно бавен“, укажува Уве Борншојер од Универзитетот во Грајфсвалд во коментарот на студијата на јапонските научници. Шеесет недели за толку тенок слој пластика едноставно е предолго во споредба со она што би требало да се отстрани, на пример од морето.
Годишно се произведуваат околу 300 милиони тони пластика, од тоа 56 милиони отпаѓа на ПЕТ (податоците се за 2013 година). Од оваа количина, само мал дел се рециклира, а голем дел останува долго во природата, каде разградувањето трае многу, многу долго. Разградувањето само на едно единствено пластично шише трае 450 години, тврди Германскиот сојузен завод за заштита на околината.
Сеедно, Борншојер откритието на јапонските научници го смета за занимливо: „Ако терефталната киселина може да се изолира и повторно да се употреби, тоа би значела огромна заштеда во производството на нови полимери без материјали кои се добиваат врз база на нафта.“
Извор: www.dw.com






