• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
сабота, септември 19, 2026
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Светлана Христова – Јоциќ „Да се ослободам“ , стихови

август 10, 2015
in Во потрага по трајната убавина

Светлана Христова-Јоциќ – Да се ослободам

Зошто не ми дозволувате анималност,
зошто не: воен инстикт, освојување;
зошто да не ја обожувам страста?
Дозволете ми ги осветите, лукавствата
лутините, сладострастијата!
Зошто не ми доверувате сознанија и мудрост,
зошто не ми давате моќ да поставам цели!
Целта да биде точката – вон Умопретставата,
Целта е кај зборот што е над секој звук!

Зошто се плашите да не го засакам злото?
Да не ги љубам демонските обреди.
Со надумни средства умот се шири!
Зошто да не создавам мит, “чудесна невистина” – мит за новиот век?
Зошто не, средба со ирационални зборови?

Зошто предупредувањето: ако ти се јави
Нешто натприродно, отвори очи и извикај:
“Не сакам да го видам!
Не сум достоен да видам,
ако ова видение е од Бога”.
Зошто одвраќање од демонското заведување?
Дозволете му на се што се влива во мене,
што нурнува во телово.
Дозволете му на ликот на зборот сам да се образува!

Дајте ми упорност да не се плашам од опасности.
И од скок мртовечки.
Во непознатото и во неочекуваното
да не застанам на половина пат.
И да не паднам во малодушност, срџба и очајание!

Напор, вртлог и бесмисла, дајте ми –
да летам и да не паднам,
како тешка птица да летам право,
како гавран не кривејќи се, не виткајќи се …

Дајте ми волја, уживање, властољубие, себичност
Љубов дајте ми!
Преумножете се што ќе ме истроши.
И – да се ослободам!

 

ТУК НА ТЕЛОТО

И сонце да си,

Сонце –

Потаму !

Потаму се тие товари жарој

Потаму

Со тие везници чадој

Потаму .

И сонце да си ,

Сонце-

Потаму !

Потаму со тие нарамници

Гламни врени вжежени .

Потаму!

В тело ми гори огнило.

Потаму!

Потаму од туков на телово.

И сонце да си,

Сонце –

Потаму !

НЕ СУДИ МИ

На врата не потропа .

Кој влегува

Кој е ?

Јаже

јазли

Конец

вденат недовденат  

Кој?

Предено од вретено

премотано одмотано

Кончишта конопишта

вудве втури

засукани отсукани

Кој влегува?

Од совалка слазен конец

јали сламка

Од плод дршка

ил осилка

Зар дотекла вода од чепурка

На врата не потропа

Кој влегува

Кој е ?

И, и !

Ми влегоа зрак и змија

И,и

Не суди ми мил Господе

Не суди ми

Што змија ме срадува.

 

ПРОСТОРОТ: ОВЕН СО ВИТИ РОГОВИ

Не дишам.

Дишат љубовници.

Не дишам

да им вчујам вдиш.

Дишат љубовници.

Просторот : овен со вити рогови

Нова слика на Семирот ми покажува.

Не дишам.

Дишат љубовници

Не дишам

Да им вдишам вдиш.

Дишат љубовници.

Не дишам.

 

ЕДА

Оган  ми лази по стапала

Ќе да се крене пламенот

Ќе да…

Ќе да излезам.

Еда!

Мали ми чевли на прагот.

Ќе да стасам

Ќе да го стасам изгревот .

Ќе да…

Еда !

Солзица – сонце на лице .

Мали ми чевли на прагот .

Еда !

 

ЏАМЧЕ

Просторот џамче.

Џамче до џамче.

Просторот е распарчен .

Просторот сиот е џамче.

Џанам

Низ едно џамче

влегувам.

Низ едно џамче

излегувам.

Џанам.

Во џамчиња

опулена .

Во секое џамче

предел на смртта –

Аман.

 

МОЛИТВА ЗА МАЈСТОРИТЕ

НА НЕВЕСТИНСКИТЕ КОВЧЕЗИ

О , Господи мој , пријди .

Пријдиј поблиску од воздухот

поблиску и од светлината.

Со семе пријди.

Со семе украси.

Украси ги рацете на мајсторите

На ковчезите, невестините.

Пријди поблиску и поблиску

и од здивот поблиску.

Со посев пријди .

Со посев наполни.

Наполни ги ковчезите на невестите

Скришните , свадбените.

Испразни го , Господе мој

треперењето на пристите

 В раце држат Невен цвеќе

Води им ги рацете

Невен цвеќе дас засадат

спреди ковчег невестински.

Насобери стракој,

лисје пресвиено.

Отреби ги латиците свенатите.

Отклопи ги мој Господе

капаците,ковчезите

прекрени ги темниците.

О, Господе мој , пријди.

На ковчегот Невен зацутува.

 

ВИСОКА ВОДА

Висока водо

што се креваш – наткреваш

од патот подистај се .

Собери си водје, прибери се

да поминам, подстесни се!

Висока водо,

вдлаби се во длапка

колку за стапалка –

да стапнам, да не те одлијам.

И притокана надојдена

да понесе – да однесе

нека постој,

дур, од прсти и петици

врвци,конци не поткинам –

врвци јазли не одврзам.

Во Првата Пролет одам …

Висока водо,

Со Првата Пролет да се видам!

 

ДА НЕ ВИДАМ

Сета земја в бочва

да можат

ќе ја вратат .

Преку рамо ќе ја префрлат

да ја однесат.

Ако можат

и устата ќе и ја затворат

да не викне.

Како змија очите ќе и ги прободам

да не види каде ќе ја однесат.

Да не се вратит !

Оф таа жална Македонија,

Да не видам!

 

ТИЕ ОДЕА И ОДЕА

Тие одеа и одеа

Брзаа во бездните .

Липоти брез коњ.

Тие одеа и одеа

Брзаа во неизвиденото.

Тие одеа и одеа

Со брез коњ си липотат.

 

ЗБОР ТЕМЈАН

Темјанот од збор сотворен

силен пламен искрева

чад над ѕидој извива .

Темјанот од збор е бесмртен .

Ни едно зло в куќи не влегува

ни едно зло в стишна одаа

кај што срцето

зборот Темјан го прибира.

 

 

Светлана Христова Јоциќ е родена 1941 година во Ресен. Најголем дел од својот работен век го помина како новинар во Македонското радио. Почина во април 2012 во Скопје. 

Член на ДПМ беше од 1971 година. Беше претседател на ДПМ и покренувач и претседател на меѓународната манифестација Македонски духовни конаци, беше главен и одговорен уредник на гласникот „Портал”, како и член на Македонскиот ПЕН центар.

Зад себе остави богат и значаен поетски опус кој со вредностите и спецификите зазема забележливо место во современите текови на македонската литература. За своето творештво добитник е на високи признанија, меѓу кои се и наградите „Браќа Миладиновци”, „Димитар Митрев”, „Ванчо Николески” и „Книжевен жезол”.

Автор е на 20 книги меѓу кои „Калесница”, „Скришен ковчег”, „Сињо”, „Еа”, „Самечка келија”, „Душница”, „С. Бесмертна” и „Големата молитва”.

Посетеност: 210
Share
Previous Post

Што ќе се случи ако престанеме да конзумираме коефеин?

Next Post

Ѓоко Симјаноски: „Билјанини извори“

Next Post

Ѓоко Симјаноски: „Билјанини извори“

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 210

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk