Оригиналната партитура за менует која Волфганг Амадеус Моцарт ја напишал кога имал само 16 години и која била дел од колекцијата ракописи на австрискиот писател Штефан Цвајг е продадена во Париз за 372 500 евра или двојно повеќе од почетната цена.
Нотниот запис со два завршени менуета за оркестар е компониран во 1772 година во Салцбург. Тоа е единствениот примерок на партитурата бидејќи Моцарт секогаш пишувал само една верзија на своите дела, за разлика од Бетовен кој секогаш се враќал на своите дела.
Ракописот го сочувала неговата сестра Марија Ана, но на крајот тој завршил во огромната колекција на Цвајг.
Аукциската куќа Сотби наведува дека партитурата потсетува на страсната љубов на Моцарт кон танцувањето и оти и сопругата на композиторот говорела дека колку и да е генијалец во компонирањето, Моцарт често истакнувал дека срцето му е во танцот како уметност, а не во музиката.
На крајот од ноември, аукциската куќа Кристи ќе понуди портрет на 13-годишниот Моцарт. Сликата се наоѓа во приватна колекција, а нејзината вредност ќе се движи помеѓу 800 000 и 1, 2 милиони евра.
Публицитет.мк