По повод прераната смрт на градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, до неговото семејство и до Општина Охрид, постојано пристигнуваат телеграми со сочувство, од државниот врв, политичките партии, од академскта заедница и меѓународните претставници во Република Македонија и бројни граѓани и пријатели.
Премиерот Зоран Заев упати телеграма со сочувство за смртта на градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, до неговото семејство, најблиските и пријателите.
Во телеграмата, премиерот Заев пишува дека смртта на проф. д-р Јован Стојаноски, е огромна загуба за академската заедница, за Охрид, локалната заедница и за партијата СДСМ, за кои низ годините даде огромен придонес со своето посветено работење.
„Јован беше колега, пријател и голем професионалец посветен на својата визија Охрид да биде вистинска европска, културна и туристичка престолнина.Знам дека не постојат зборови на утеха кои можат да ја намалат вашата загуба, но дозволете заедно да ги споделиме чувствата на тага за загубата на вашето семејство“, пишува премиерот во телеграмата со сочувство.
Телеграма со сочувство од Претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери за смртта на охридскиот градоначалник Стојаноски
– Дозволете ми од мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Македонија да изразам искрено и длабоко сочувство до вас, неговото најблиско семејство, до пријателите, соработниците во општина Охрид, колегите и студентите од Факултетот за туризам и угостителство, до сопартијците и граѓаните на град Охрид. Заминувањето од овој свет на човек со таков интелектуален капацитет, висок професионалец во секоја сфера во која даде свој придонес, човек во полна смисла на зборот, одговорен татко и заштитник на градот, е тажна и болна загуба за граѓаните на градот Охрид, за сите што некогаш споделиле само миг или споделиле цел живот со него, меѓутоа е и огромна загуба за нашето општество. Почивај во мир почитуван!, наведува Џафери.
Сочуство од францускиот амбасадор Кристиан Тимоние (pdf)
Таравари упати телеграма со сочувство до семејството на градоначалникот Стојаноски
Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, упати телеграма со сочуство до семејството и пријателите на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски,.
“Со жалење ја примив веста за прераната смрт на професорот Јован Стојаноски, градоначалник на општина Охрид.
Од мое лично име и од името на моите соработници, упатувам искрено жалење и длабоко сочувство до сите членови на неговото семејство и неговите пријатели.
Нека почива во мир.“, пишува градоначалникот Таравари во телеграмата.
Телеграма со сочуство од МАНУ
Ужалено семејство на проф. д-р Јован Стојаноски
Длабоко не потресе веста за заминувањето на Вашиот Јован.
Беше наш драг пријател и соработник.
Ве молам да ги примите изразите на нашето искрено сочувство.
Претседател на МАНУ
акад. Таки Фити
Телеграма од генералниот секретар на СДСМ до семејството на градоначалникот на Охрид
Генералниот секретар на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Александар Кирацовски упати телеграма со сочувство до семејството и пријателите на градоначалникот на Охрид, професор доктор Јован Стојаноски.
„Изразувам искрено жалење и сочувство за прераната загуба на Јован Стојаноски, татко, сопруг, пријател, професор и врвен професионалец, поради што загубата не е само на семејството и пријателите, туку и на Охрид и на Република Македонија.
Македонија и Охрид денеска загубија врвен професионалец и одговорен градоначалинк.Во овие тешки моменти на голема болка и тага, се надевам дека ќе најдете сила за утеха во значајноста на делото што зад себе го остави Јован Стојаноски, како во науката, така и во дострелите во раководењето со општина Охрид.
Нека делата што ги остави зад себе бидат водилка за сегашните и идните генерации преку својата работа да создаваат успеси и да ја градат сопствената, но и иднината на Охрид и на Република Македонија“, се вели во телеграмата.
Телеграма со сочуство од поранешниот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачевски,
„Го познавав Јован уште од детство. Ги делевме школските клупи во исто основно и средно училиште. Бевме и комшии и долгогодишни пријатели. Го дочекав во градоначалничкиот кабинет при примопредавањето на функцијата. Имавме мошне срдечен разговор. Си спомнавме за многу моменти од детството и младоста. Му посакав успешен градоначалнички мандат. И беше успешен. И беше впечатлив. За жал на сите нас, заврши пребрзо . Но беше успешен и во својата професија како професор , а и како советник во градскиот совет. Својата одмереност, ненаметливост и внимателнист ја споделуваше и пренесуваше на охриѓани како универзална човекова вредност. Негуваше исклучително високо ниво на политичка култура и традиционални општествени вредности. Охрид и охриѓани изгубија многу повеќе од добар, коректен и успешен човек.
Почивај во мир мој пријателе.
Твоите дела ќе траат вечно.
ЗНМ – Регионална канцеларија Охрид: Јован Стојаноски беше редок пример на политичар со чувство за јавниот интерес
Прераната смрт на почитуваниот градоначалник на Општина Охрид, проф. Д-р Јован Стојаноски, длабоко ја погоди медиумската заедница во градот. Во име на Здруженито на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид, изразуваме длабоко жалење и сочувство кон семејството на градоначалникот Јован Стојаноски, неговите најблиски и соработниците.
Како професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, Стојаноски имаше исклучително коректен однос кон медиумите, кој продолжи и потоа кога тој активно се вклучи во политичкиот живот на градот. Секогаш отворен, искрен и непосреден, градоначалникот Јован Стојаноски без исклучок ги почитуваше потребите на новинарите за информација, што е редок пример за професионализам и култура на однесување на избран функционер и политичар, со чувство за јавниот интерес и потребата од точно и одговорно информирање на граѓаните преку отвореност кон медиумите.
Здружение на новинари на РМ – Регионана канцеларија Охрид
Претседател: Горан Момироски
Извор: www.ohrid.gov.mk